Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС се залага за спроведување на децентрализација на центрите за социјална работа

Продолжување со процесот на децентрализацијата во земјава, каде приоритет им се дава на префрлањето на надлежностите од социјална заштита на локално ниво  е долгогодишно барање на ЗЕЛС. Во таа насока, на 13 мај, 2025 година, во административната зграда на ЗЕЛС, во рамките на третата седница на Комисијата за социјална заштита и инклузија беа презентирани два предлог -концепти за децентрализација на надлежностите на центрите за социјална работа. На седницата, освен членовите на Комисијата, присуствуваше и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади,  Ѓоко Велковски. По дискусијата беше договорено предлог решенијата да бидат презентирани на седница на Генералното собрание на ЗЕЛС и  воедно да бидат разгледани од страна на надлежните служби на ресорното министерство. Потоа, по усогласување на концептот ќе се пристапи кон преговори со другите соодветни министерства и со  Владата на РСМ.

-„Нема дилема дека социјалната заштита треба да е во надлежност на локалната самоуправа од причини што општините се клучните чинители во дизајнирање, испорака и мониторинг на социјалните услуги заради нивната положба и блискост до локалното население, односно до ранливите групи на граѓани, како и заради можноста што тие ја имаат за навремено идентификување на нивните потреби, состојби и интереси поврзани со правата на социјални услуги“, ова на седницата го истакна претседателот на Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС и  градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој посочи дека  Комисијата веќе подолг период дискутира за најсоодветните начини како да се спроведе префрлањето на надлежностите, односно дали тоа да оди постепено и етапно или  пак целосно, по примерот на надлежностите од образование и на градинките.

-„Во рамките на ЗЕЛС  ова прашање го разгледуваме поодамна и сме согласни дека оваа надлежност треба да се префрли на локално ниво, но  при тоа исто така сме сложни дека тоа треба да се стори со добра претходна подготовка во однос на префрлањето на соодветни финансиски средства од централната власт, се со цел да можеме да испорачаме квалитетни услуги за граѓаните. Прифаќањето на взаемен дијалог од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, што го покажува и денешното присуство на заменик министерот Велковски, за нас е добар знак дека работите ќе одат во добра насока. Се разбира дека направените анализи и двата предлог -модели ќе бидат презентирани и дискутирани на  највисокото тело на ЗЕЛС, Генералното собрание, а еве денес се разгледуваат и од членовите на соодветната Комисија при ЗЕЛС. Тоа за мене укажува дека заедно ќе понудиме и изградиме добар модел за сите страни. Потоа преговорите ќе ги насочиме  со Владата на РСМ кога ќе понудиме поконкретни  предлози што сме ги утврдиле во рамките на ЗЕЛС“, рече претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Пред присутни свое мислење изнесе и заменик министерот  Ѓоко Велковски, кој  смета дека практиката покажува дека општините се најкомпетентни во делот на таргетирањето на целните групи и во непосредната понуда на потребни и соодветни социјални услуги и дека е добро овој процес на децентрализација да започне, но со претходно добро утврдени критериуми и во делот на финансирање на надлежностите,  утврдувањето на потребните законски измени, регионализацијата на центрите за социјална заштита, процесот на префрлање на имотот и вработените и слично. Според заменик министерот од голема важност е  услугата да допре до најдалечното место, до секој граѓанин на која му е потребна, па затоа сподели размислување за постоење на регионални центри, но и нивни задолжителни  подрачни единици. Тој обрна внимание и на потребата за утврдувањето на контрола на  начинот на реализацијата на работењето  на центрите и на спроведувањето на социјалните услуги. Загриженоста на министерот одеше во насока на кадровската подготвеност на општините, како и за избегнување од евентуални ситуации на прекин во давањето на некои услуги што сега ги добиваат граѓаните. Тој  информираше дека во рамките на ова министерството е започната постапка на изработка на функционална анализа на сите центри за социјална заштита, како и  проценка на финансиските средства што се потребни за чинење на одредени  социјалните услуги. Во таа насока посочи и на можностите за размислување на  воведување на партиципација  за одредени услуги.

Пред присутните членови на Комисијата, двата предлог модели ги презентираше експертот Душан Томшиќ, кој даде соодветен придонес во спроведувањето на потребните анализи  и утврдувањето на препораки за децентрализирање на центрите за социјална заштита, но и во  изработката на компаративната анализа  на процесите на децентрализација на социјалните услуги во четирите земји; Косово, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина - Република Српска, што ги сподели со присутните. Овие активности се реализираат во рамките на проектот „Регионална соработка за подобри социјални услуги на локално ниво“, што во нашата земја го спроведува ЗЕЛС во соработка со НАЛАС, а со финансиска поддршка на ГИЗ.