Подготвен новиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Излезе од печат новиот број на Гласилото на ЗЕЛС , во кој ќе се информирате за многу активности што ги реализираше ЗЕЛС во изминатиот период. За жал, во овој период, поточно на 16 март 2025 година, нашата земја се соочи со ужасната трагедија што се случи во Кочани. Пожарот што избувна во кабаре, повеќе од 60 невини млади животи. ЗЕЛС веднаш им изрази сочувство на семејствата и пријателите на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување. Уште еднаш сакаме да изразиме длабока жалост и да потсетиме дека ЗЕЛС им дава силна поддршка на органите на прогонот да ги утврдат причините за трагедијата и да ги соопштат на најтранспарентен начин, за вакво нешто никогаш и никаде да не се повтори.
Во периодот март – април, ЗЕЛС реализираше повеќе активности за јакнење на капацитетите на општинската администрација во областа на образованието, животната средина, јавните набавки и социјалата, а одржа и средби со повеќе министри од Владата на РСМ. Управниот одбор на ЗЕЛС, во овој период, одржа две седници на кои главните точки од дневниот ред беа поврзани со трагичниот настан и преземањето превентивни мерки што се во надлежност на локалната власт. Беа извршени низа инспекциски надзори за проверка на документацијата и опремата за безбедност и заштита во јавните објекти, особено во училиштата и градинките, но исто така, беа преземени одредени мерки и насоки во однос на станбеното домување. Од извршените контроли беше утврдено дека најголеми предизвици и неправилности се забележани во угостителските објекти, кај поставувањето на урбаната опрема, за што беа преземени дополнителни чекори. Во таа насока, беа изречени опомени за во определен рок да се изврши усогласување со постојната регулатива, а претставниците од ЗЕЛС имаа и средба со министерот за транспорт, Александар Николоски, на која се бараше да се донесе правилник за поставување на урбана опрема со стандарди и нормативи што ќе бидат унифицирани на ниво на целата држава.
Претседателството на ЗЕЛС имаше средба и со првиот заменик-претседател на Владата на РСМ и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, на која се отвори поширока дискусија за унапредување на децентрализацијата во земјата, обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините и за последниот повик на МЖСПП за аплицирање на општините за проекти за канализациска и водоводна инфраструктура. Делегацијата од ЗЕЛС имаше средба и со министерката за финансии Гордана Димитриеска–Кочоска, за итно изнаоѓање решенија за финансиските предизвици со кои се соочуваат јавните претпријатија, основани од општините, но и за други прашања поврзани со финансирањето на општините. Посебно беше упатено барање за итно разрешување на предизвиците со финансирањето, опремувањето и екипираноста на територијалните противпожарни единици, но и за недостатокот на финансиски средства во образованието и градинките. Во овој период, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, имаше средба и со министерот без ресор во Владата на РСМ, Шабан Салиу, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030, на која се дискутираше за унапредувањето на интеграцијата на ромската популација. За овие и за други настани подетално ќе можете да прочитате во овој број на Гласилото на ЗЕЛС.
Гласило март-април 2025