На иницијатива на австрискиот амбасадор Н.Е. Мартин Памер организиран првиот координативен состанок за реализација на проекти за поддршка на противпожарните служби во нашата земја

Состојбите со територијалните противпожарни единици во нашата земја  е  сериозен предизвик за  општините, за што ЗЕЛС укажува низа години наназад. Анализата што ја направи ЗЕЛС дополнително потврди дека наменските дотации што ги добиваат општините за спроведување на оваа надлежност не се ни приближно доволни, односно дека само за редовно одржување општините одвојуваат речиси исто толку средства колку што добиваат од државата за оваа намена.  Стар возен парк, недоволна и стара опрема, недоволен број на пожарникари во некои региони, се само дополнувања на предизвици во оваа област.

Токму состојбите на противпожарните служби во нашата земја и потребата за нивна поддршка беше темата на првиот координативен состанок, што го организираше, австрискиот амбасадор, Н.Е. Мартин Памер на 13 мај, 2025 година во просториите на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија. На состанокот присуствуваше извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и командирот на ТППЕ од Тетово, Авни Ахмет, а беа поканети и  претставници на амбасадите, меѓународните организации и претставници од националните власти во нашата земја, кои ги изнесоа досегашните искуства за поддршка и проекти реализирани во оваа област. Меѓу нив беа претставници од УНДП, од ЕУДЕЛ и од Делегацијата на ЕУ во нашата земја.  Пред присутните беше презентиран  и проектот на австриската федерална покраина Тирол, што се спроведувал во последните петнаесетина години во пет региони на Хрватска и каде успешно е воспоставен систем со над 200 доброволни противпожарни единици. Проектот го презентираше  проектниот координатор, Петер Логар, кој нагласи дека сличен проект е планирано да се реализира и во нашата земја, што според првичните сознанија може да обезбеди зголемување на ограничената работна сила од постојните 820 пожарникари во земјата (во споредба, Австрија која има 350.000 пожарникари). Логар ја истакна важноста на обуката и едукацијата за пожарникарите, како предуслов при донирање возила и опрема. Тој нагласи дека од особена важност е луѓето да бидат мотивирани да се ангажираат за вакви активности во својата земја, за што е потребна поддршка и од националните и од локалните власти. Според Логар постојат два важни правци: едниот е дека Владата треба да воспостави подобри национални структури, односно да формира Национално здружение на пожарникари, а другиот услов е да се прилагоди и создаде потребната законска основа за доброволни противпожарни бригади. Австриската федерална покраина Тирол веќе започнала одредени активности со доброволната противпожарна бригада во Охрид, со обука на 20 волонтери и обезбедување на едно противпожарно возило со опрема од Австрија. Во тек се и обуки и обезбедување на опрема за противпожарните бригади во Тетово и Куманово. Претставникот од ТППЕ од Тетово, Авни Ахмети изрази благодарност за поддршката од донаторите и ги покани присутните, на 20 мај, 2025 година, на одбележувањето на Денот на пожарникарите да дојдат во Тетово.

 

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ нагласи дека во рамките на ЗЕЛС  е воспоставена Мрежа на ТППЕ , во која се застапени претставници од сите  противпожарни единици во земјата и на која ЗЕЛС и дава голема поддршка, особено во делот на стандардизирање на голем број предизвици, а изработи и понуди предлог -решение на Законот за пожарникарство, што беше донесен пред повеќе години. Активностите на ЗЕЛС сега се насочени кон лобирање пред централната власт за подобрување на  финансирањето на оваа префрлена надлежност на општините, за што исто така  излегува со конкретни анализи и предлози. Беше предложено вакви координативни средби да се одржуваат секој месец, на што Перишиќ упати покана на следната средба, на 18 јуни, 2025 година домаќин да биде ЗЕЛС .