Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа својата 28-ма седница
На 19.05.2025, Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа својата дваесет и осма седница. На седницата се разгледаа повеќе предложени меморандуми за соработка со неколку институции како и се разгледаа и усвоија документи, материјал за осмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Текстот на предлог финансискиот, наративниот и ревизорскиот извештај за работата на ЗЕЛС во 2024 година беа едногласно усвоени и истите се предлагаат за донесување на осмата седница на Генералното Собрание кое се закажа за 05 јуни 2025 година, во Скопје. Наративниот и финансискиот извештај содржат информации за активностите, настаните и соработката на ЗЕЛС кои се одвиваа во текот на 2024 година. Тие се финансирани од следниве извори: членарини од општините, приходи од извршени услуги, приходи од проекти. Во 2024 година, ЗЕЛС оствари вкупен приход во износ од 23.907.828,00 денари, што претставува намалување од 10,33% во споредба со 2023 година. Приходите од членарина во 2024 година изнесуваат 18.373.119,00 денари. Во 2024 година се забележува намалување на приходот од членарина и тоа се должи на помалата наплата на членарина од изминатите години, која во споредба со минатата година е намалена за 22,5%. ЗЕЛС и понатаму продолжува со активностите за зголемување на наплатата на заостанатиот долг по основ на членарина преку дадената можност за плаќање на заостанатиот долг на рати
На седницата се разгледаа и усвоија повеќе меморандуми за соработка на институции со ЗЕЛС. Така Меморандумот за соработка со НДИ - Националниот Демократски Институт во рамките на проектот за зајакнување на отпорноста на општините кон корупција предвидува со оваа соработка: општините да се спремни за идентификување и ублажување на можностите за корупција, граѓанското општество и медиумите да имаат подобрени капацитети за подобро следење на општинските процеси на донесување одлуки и испорака на услуги
Од другите меморандуми беше разгледан и усвоен Меморандумот за соработка со Агенција за поддршка на претприемништвото, кој предвидува развој и соработка во делот на поддршката и промоцијата на претприемништвото и јакнењето на претприемачката култура и претприемачкиот дух, поттикнувањето и поддршката на локалниот економски развој.
Третиот меморандум за соработка на ЗЕЛС со Сојузот за родова еднаквост – национална мрежа жени за жените покрива активности во насока на зајакнување на институционалните механизми за борба против корупцијата со посебен фокус на родовата перспектива и тоа: интегрирање на родовата перспектива во националните и локалните антикорупциски политики, зајакнување на институционалната соработка меѓу релевантните државни и локални органи, како и граѓанскиот сектор, јакнење на капацитетите на јавните службеници и институции за справување со родово специфични форми на корупција, подигнување на јавната свест и зголемување на учеството на заедницата во борбата против корупцијата од родова перспектива. Четвртиот Меморандум за соработка Здружението Центар за социјални Иницијативи НАДЕЖ, се однесува на развој и реализирање на заеднички проектни активности, кои ќе придонесат за поуспешна интеграција на младите во заедницата и општеството.
Управниот одбор на ЗЕЛС го разгледа и барањето за поддршка на иницијативата на Зелен институт, кој се однесува на предлог измени на Законот за урбано зеленило и тоа во делот на спречување на уништување на градското зеленило. Се предлага усогласување на Законот за урбано зеленило од 2018, со Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, во однос на: видови урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020;
Управниот одбор дискутираше и за тековните предизвици на општините со долговите на јавните комунални претпријатија за кои ЗЕЛС спроведе анализа. Останува предизвик за исплата на платите на вработените со последните покачувања на платите, и секако тука се и долговите кон други добавувачи, самата општина и државните институции особено Министерството за животна средина и Управата за јавни приходи по основ на ДДВ за кои се генерирани и големи долгови од пресметани камати. Се очекува во наскоро повторна средба со Министерството за финансии за изнаоѓање на решение по ова прашање. На седницата се покрена и прашањето за регулирање на цената на отпадот по принцип на таа за вода и струја и тоа што поскоро, со цел општините да можат да наплатуваат за оваа услуга и го подобрат квалитетот на испораката на истата, и да се разгледа можноста Регулаторна да ги уреди тарифите .
Од другите прашања Управниот одбор побара најитно да се финализира Правилникот за поставување на урбана опрема, за која веќе беше формирана и работна група и за нејзините активности е запознаен и Министерот за транспорт. Се очекува во четврток уште еден состанок на работната група на која ќе присуствуваат и градоначалници и претставник од министерството за транспорт и претставник од скопскиот катастар.
Останува предизвик динамиката на добивање на согласности за старо финансирање, ангажирање на нов кадар во градинките од страна на министерствата за социјална политика, млади и демографија и министерството за финансии. ЗЕЛС ќе упати апел до овие министерства да се забрза овој процес за да не се наруши квалитетот на испорака на услугата за згрижување на дечињата по градинките, ова е проблем со кој се соочуваат во континуитет сите општини.

