Втор состанок на Работната група за утврдување на предлог решенија за надминување на предизвиците со поставувањето на урбаната опрема

 

Работната група за утврдување на предлог решенија за надминување на предизвиците со поставувањето на урбаната опрема,  формирана од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС го одржа вториот состанок, на кој освен претставници од општинската администрација и од Министерството за транспорт беа поканети и претставници од угостителски објекти што имаат поставена урбана опрема и се членови на Здружението на угостителите. Состанокот се одржа на 22 мај, 2025 година во просториите на Заедницата, а го водеше вршител на должност градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој посочи дека задачата на оваа работна група е во насока на изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија што ќе бидат првенствено во интерес на граѓаните, односно нивната безбедност и заштита, но и за донесување на Правилник во кој ќе бидат прецизно поставените стандарди што треба да се почитуваат од угостителите, а по кои ќе постапуваат општините. По долгата дискусија беше договорено до 2 јуни, 2025 година, претставниците од Здружението на угостители до ЗЕЛС  да достават свој предлог на текстот за Правилник, со што им се овозможува  сами да предложат во кои рамки сметаат дека треба да се регулира ова прашање. Овие предлози ЗЕЛС ќе ги достави до сите општини на разгледување .

Градоначалникот Митевски нагласи дека целта на општините не е да ги рушат овие времени објекти, туку да се најде начин за нивно усогласување со воспоставување на соодветни стандарди со кои ќе се минимизира секаков евентуален ризик за  безбедноста на граѓаните, што е во интерес и на општината, но и на угостителите. Во таа насока тој посочи дека од големо значење е што Министерството за транспорт веќе изрази  подготвеност,  да иницира законски измени, ако тоа аргументирано го  образложи оваа работна група, преку  соодветни -предлог решенија, кои претходно ќе бидат разгледани и од Управниот одбор на ЗЕЛС .

На состанокот угостителите посочија дека и нивната цел е  изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија кои нема да предизвикаат  фатални штети на  угостителите. Нагласија дека актуелната состојба со поставувањето на урбаната опрема произлегува од периодот на донесувањето на законските решенија за забрана на пушење во јавен затворен простор и воведувањето на таканаречените ,, тераси“, кои треба да бидат заградени од трите страни со максимална височина од 150см, за да им се излезе во пресрет на гостите што консумираат цигари. Тие посочија дека од тогаш до денес настанале и други законски измени, но кои не биле пропратени со измени и во подзаконските акти што довело до дезориентираност во постапувањето. Беше изразена загриженост за угостителите кои веќе добиле решенија за отстранување на нерегуларностите, па во таа насока побараа што поитно спроведување на оваа иницијатива за воведување на соодветни стандарди и донесување на Правилник. Претставниците на угостителите се заблагодарија за укажаната можност да ги изнесат своите гледишта и потврдија  дека во  дадениот рок, до ЗЕЛС ќе излезат со нивни  воедначени ставови.

Претставниците од локалната власт изнесоа голем број дилеми, од тоа дали кај  одредени  угостителски тераси станува збор за урбана опрема или за градба;  потоа околу третирањето на терасите што се на јавна површина и оние што се на приватно земјиште или пак се на подрачје прогласено за културно наследство. Исто така тие посочија и на предизвиците при креирањето на Годишните програми за поставување на урбана опрема, но и за спроведувањето на надзорот и на потребата од  зајакнувањето на инспекцискиот надзор. На крајот од состанокот беше нагласено дека следниот состанок ќе биде  свикан најдоцна во првата половина од следниот месец .