Делегација од ЗЕЛС учествуваше на 24 состанок на ЗКК, што се одржа во Брисел

Претставници од ЗЕЛС, делегати на Заеднички консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК)  учествуваа на  24 работен состанок на ова тело, што се одржа на 27 мај, 2025 година, во рамките на „Enlargement Day“, во Брисел.  Делегацијата од ЗЕЛС на овој состанок ја претставуваа градоначалниците на општините : Битола, Македонски Брод, Ново Село и Ресен, а присуствуваше и извршната директорка на ЗЕЛС и претставници од Министерството за локална самоуправа на РСМ. Со ова тело заседаваат двајца ко-претседавачи, еден од нашата земја, а другиот од Комитетот на Региони на ЕУ (КоР). Оваа, 24 седница ја водеа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и новоизбраниот ко- претседавач од КоР,  Иван Гулам, градоначалник на Општина Пировац, од Република Хрватска.

Редовна, прва тема на овие состаноци е развојот на процесот на пристапување на  нашата земја во ЕУ, на која говореше и шефот на Мисијата на Северна Македонија во Брисел, Н.Е. Амбасадорот Зулфи Исмаили, како и Томас Ваиц, европратеник, известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија и Зигрид Бретел од Европската комисија, Генерален директорат за проширување и источно соседство, раководител на единицата Б-3. (Албанија и Северна Македонија). Втората тема на секој состанок е менлива и е поврзана со одредени актуелни теми и состојби, а сега беше посветена на справувањето со загадувањето на воздухот во нашата земја. На  состанокот активно учество земаа и градоначалник на Општина Ресен, Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ново Село,  Ѓорѓе Божинов и Жарко Ристески, градоначалник на Општина Македонски Брод, кои ги споделија искуствата од развојот на локалната самоуправа во нашата земја, учеството на локалната власт во процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, искористувањето на ЕУ фондовите преку преку -гранична соработка, како и од активностите поврзани со заштита на животната средина и управувањето со отпадот. Делегацијата на ЗЕЛС, на покана на Амбасадорот Зулфи Исмаили, ја посети и Амбасадата на Мисијата на РСМ во Брисел , каде на пригоден начин беше одбележана 80 годишнината од кодифицирањето на македонскиот литературен јазик.

ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти. Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. ЗКК годишно одржува два состанока, од кои едниот во Брисел, а другиот во нашата земја.

Пленарна седница во рамките на Денот на Проширување (Enlargement Day)

Билатералниот состанок на Заеднички консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК)  се одржува во рамките на дводневниот традиционален  настан што секоја година, во овој период, се организира во Брисел  -,, Денот на Проширување (Enlargement Day (E-Day)“. Во рамките на E-Day, на 27 мај, состаноци одржуваа и заедничките консултативни комитети од останатите земји, претенденти за членство во Европската Унија:  Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Турција, Молдавија и Украина. На 28 мај, 2025 година,  во рамките на E-Day се одржа и пленарна седница на кој се дискутираше за децентрализацијата како клуч за успехот на процесот на проширување, а беа разменети искуства и ставови за енергетика и климатска транзиција. ЕУ е посветена на поддршка на земјите од Југоисточна Европа и од поширокиот регион за воспоставување стабилна регулаторна и пазарна рамка, создавање интегриран енергетски пазар, подобрување на безбедноста на снабдувањето со енергија, подобрување на состојбата со животната средина во регионот, како и поттикнување на употребата на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. На сесијата беа презентирани и искуствата од спроведувањето на проектот Енергетска транзиција на ЕУ за: Завет на градоначалници во Западен Балкан и Турција“,  (2021-2025) што е  финансиран од ЕУ и германската влада, имплементиран во соработка со Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ) и НАЛАС, а во кој  учество зема и ЗЕЛС. На настанот присуствуваше и вршителот на должност градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски, чија општина со средства од овој проект имплементира  иновативен  систем  за заштеда на електрична енергија во јавното осветлување. Присутните ги поздрави Ката Туто,  претседател на Европскиот комитет на регионите како и други високи претставници на ЕУ.