Македонски Брод, Центар и Аеродром организираа информативни сесии за запознавање со нова алатка за граѓанско учество- граѓанските собранија
Во трите општини: Аеродром, Македонски Брод и Центар кои од минатата година се вклучени во Заедницата за пракса за советодавна (делиберативна) демократија заедно со вкупно 18 општини од Западен Балкан, во текот на месец мај беа одржани информативни сесии пред членовите на своите општински совети и пред претставници од администрацијата. На средбата во Општина Македонски Брод, што се одржа на 14, мај. 2025 година во општинската зграда, присуствуваше и градоначалникот Жарко Ристески. Исто така, на средбата во Општина Центар, одржана на 20 мај, 2025 година, во Младинскиот центар ,,Матично“, со концептот на советодавна демократија се запозна и градоначалникот Горан Герасимовски, а во Општина Аеродром присуствуваше претседателот на Советот на општината, Љупчо Ацковски. Присутните беа запознаени со предностите на нова алатка- ,,граѓанскки собранија“, која овозможува граѓаните понепосредно да се вклучат во процесите на донесување на одлуки и на креирање на политики од локално значење, а поврзани со многу области од нивното живеење. Во иднина доколку општините решат да го користат овој концепт на зајакнување на демократските процеси во нивната општина, Проектот и ЗЕЛС заедно со обучувачите ќе обезбедат експертска помош, особено во делот на формирањето на ,,граѓанско собрание“ -формата преку која се спроведуваат процесите на советодавна демократија.
Заедницата за пракса за советодавна демократија е формирана минатата година, како дел од регионалниот проект „Промовирање на советодавна (делиберативна) демократија и иновативно учество на граѓаните во Југоисточна Европа“ што е имплементиран од Центарот за повеќестепено управување при Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, во партнерство со НАЛАС, со финансиска поддршка на Германија. ЗЕЛС ја има улогата на координатор на Проектот, за општините во нашата земја. Оваа иницијатива е во согласност со Принципите за демократија од Рејкјавик, препораката на Советот на Европа за делиберативна демократија и препораката на Конгресот на локални и регионални власти за употреба на дискусиони методи во европските општини.
На сесијата одржана во Општина Македонски Брод обучувачите посветија посебно внимание на утврдување на разликата меѓу ,,форумите во заедницата“- алатка што општината ја практикува, утврдена и во Статутот на општината и која со новите измени на Законот за локална самоуправа доби и законски основ, споредно со ,,граѓанските собранија“ - концепт на советодавната демократија. Беше нагласено дека граѓанското собрание е привремено тело составено од случајно избрани граѓани кои демографски ја претставуваат заедницата. Преку структуриран процес на информирање, дискусија и заедничко одлучување, учесниците составуваат препораки за општествени прашања кои имаат непосредно влијание врз нивниот живот, а се од големо значење и поддршка за локалната власт .
Во Општина Центар, беше побарано детално да се претстави целиот процес на формирање и функционирање на ,, граѓанско собрание“. Присутните дадоа целосна поддршка за воведување на ваква нова алатка, од причина што беше посочено дека општината ја прифаќа секоја иницијатива која овозможува приближување на граѓаните и нивно активно учество во процесите на креирање или донесување на одлуки од значење на заедницата. Беше нагласено дека ,,буџетските форуми, и отворените денови, како и директните контакти со жителите се веќе редовни практики на општината.
Присутните во Општина Аеродром се интересираа за финансирањето на ,,граѓанското собрание“, за моделот на селекција на учесници и начинот на функционирање и посочија дека неговата примена би била многу полезна при разгледување и разрешување на одредени предизвици како што се загаденоста, пренаселеноста, сообраќајниот хаос, уличните кучиња и слично .
Граѓанско собрание
Граѓанското собрание е привремено тело составено од случајно избрани граѓани кои демографски ја претставуваат заедницата. Односно, граѓаните се избираат на начин што го одразува демографскиот состав на заедницата, преку специјално креиран софтвер за случаен избор. Поканите се испраќаат до адреса, без претходно познавање на идентитетот на граѓаните, на фер и инклузивен начин. Процесот е јавен и транспарентен. Граѓанските собранија обезбедуваат заедничко одлучување, во нив учествуваат луѓе од различни социјални, економски и етнички групи. Овие собранија создаваат простор за сослушување и разбирање на сите засегнати страни. Наместо едноставно спротивставување на ставови, тие овозможуваат аргументирана дискусија во која различни перспективи добиваат еднаква важност и внимание. Ова значи дека решенијата што се носат не фаворизираат само одредени интереси, туку се земаат во предвид потребите на целата заедница. Граѓаните чувствуваат дека нивниот глас има тежина, се создава култура на активно учество и споделена одговорност за иднината. Преку информирани дискусии и соработка, собранијата постигнуваат решенија кои се засновани на детална анализа и експертски знаења. Наместо пасивни набљудувачи, граѓаните стануваат суштински дел од процесот на одлучување. Ова ги прави препораките поиздржани, подемократски и подолгорочно одржливи, бидејќи се засноваат на рационален консензус. Со ова се намалуваат можностите за идни конфликти околу истите прашања и се создава посилна основа за соработка во иднина.
Улогата на локалната власт е што Општината иницира организирање граѓанско собрание за значајни прашања. Општината обезбедува независен организациски тим, ресурси, логистика и транспарентност. Општината ги разгледува, усвојува и спроведува препораките од собранието, вреднувајќи го трудот на граѓаните.
.jpg)

