Продлабочување на децентрализацијата во областа на социјалната заштита, дел од дискусиите на осмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС

Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата на 5 јуни, 2025 година, во Скопје, ја одржа осмата седница. На седницата беа разгледани важни документи од финансиското работење на ЗЕЛС, се говореше за актуелните предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, а се покрена дебата и за иницирање на процес на децентрализација во областа на социјалната заштита. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето излагање говореше за активностите на телата и органите на ЗЕЛС што во изминатата година беа реализирани во согласност со стратегиските цели: лобирање пред централната власт; јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на општините за непречено спроведување на електронските услуги.

-„Локалните избори се пред нас и денес можеби е и последната средба во овој состав на делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС. Во таа насока, како претседател на ЗЕЛС ви се заблагодарувам на сите за поддршката што ми ја дадовте во изминатиот период и мислам дека успеав да ја оправдам вашата доверба“. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС на почетокот на неговото обраќање пред делегатите, при што посебна благодарност изрази кон членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС кои со своите конструктивни дебати и посветеност во работата на ова тело придонесоа за иницирање на низа предлози за разрешување на одредени предизвици и за развој на локалната власт. 

Ѓорѓиевски нагласи дека актуелната Стратегија на ЗЕЛС истекува оваа година и веќе е започнат процесот на подготвување на нова Стратегија 2026-2030 година. Тој истакна дека заложбите на ЗЕЛС и понатаму се на ставот за потребата од  поголема финансиска стабилност на општините. При тоа ги посочи двете реализирани средби со министерката за финансии, каде освен презентираните систематизирани ставови на ЗЕЛС во делот на финансиите, се дискутираше и за надминување на состојбите со недостатокот на средства во блок дотациите за  образование и противпожарна заштита, како и за предизвиците со давањето на согласности за вработувања во градинките. За предизвиците со доловите на јавните комунални претпријатија, делегација од ЗЕЛС имаше средба и со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, каде тема на разговор беа долговите поврзани со  високите сметки на електрична енергија што ги плаќаат училиштата, градинките и јавните комунални претпријатија, основани од општината или градот Скопје.

Ѓорѓиевски ја оцени минатата година како мошне успешна во лобирањето на ЗЕЛС, нагласувајќи дека голем број министерства ги отворија вратите за партнерски дијалог. Беа реализирани средби со министрите: за јавна администрација; за финансии; за транспорт; за образование и наука; за енергетика, рударство и минерални суровини; за внатрешни работ; за животна средина и просторно планирање; со заменик министерот за социјална политика, демографија и млади и други. 

-„Поддршката што ја добивме веднаш по парламентарните избори од новата Влада ни даде една нова динамика, ново темпо што вроди со резултати и напредок. Речиси само по два месеца од нејзиното формирање, Владата ни укажа голема доверба и веднаш го потпиша новиот Меморандум за соработка со ЗЕЛС, за што долго време бевме игнорирани од претходниот состав. Добиваме и сериозна финансиската поддршка од Владата за реализација на инфраструктурни проекти, од унгарскиот кредит. Нешто што ни беше најпотребно, преку двата јавни повици, едниот објавен во минатата година, а другиот годинава во февруари. “ нагласи Ѓорѓиевски. 

Нешто што е од особена важност за развој на демократските процеси во локалната власт, но и во земјата, според Ѓорѓиевски е иницијативата на ЗЕЛС за обезбедување на можноста за отповикување на градоначалникот што сега е инкорпорирана во Предлог измените на Законот за локална самоуправа, што се во собраниска процедура. Граѓаните преку референдум ќе може да покренат иницијатива за промена на градоначалникот, доколку се незадоволни од неговата работа. Во законските измени инкорпорирани се и ,,форуми во заедницата“- алатка за граѓанско учество, која години наназад ја развиваше ЗЕЛС и е институционализирана во статутите  на повеќе од 60 општини.  Сепак од големо значење за ЗЕЛС е и  внесувањето во законските измени и на повеќегодишното барање за формирање на општинска комунална полиција. За ова прашање и за прашања од заштита и безбедност на граѓаните како и за преземање на превентивни мерки за сузбивање на појава на шумски пожари  се дискутираше и на средбата со министерот за внатрешни работи.  

-„Не можам, а да не потсетам и за трагедијата што се случи годинава, на 16 март во Кочани, каде животот го загубија 62 наши граѓани од кои повеќето млади лица. Овој настан ќе остави длабоки траги кај сите нас и затоа треба да ни биде силна опомена за спроведување на ревносни контроли во секој сегмент од нашето работење, а особено во делот на безбедноста и заштитата на граѓаните. Во таа насока покренавме низа вонредни инспекциски надзори во јавните установи, во угостителски објекти, но и во станбените објекти. Најголемите пропусти беа утврдени во поставувањето на урбаната опрема на угостителските објекти“, изјави Ѓорѓиевски и нагласи дека по утврдениот недостаток во дефинирање на нормативите и стандардите во оваа област, во завршна фаза е изработка на Предлог -правилник со унифицирани стандардите за поставување со урбана опрема, што ќе биде разгледан и од страна на Министерството за транспорт и врски. Од средбите со министерот за транспорт произлезе обезбедувањето на непречена реализација на бројни започнати инфраструктурни зафати, каде имаше застој во експропријацијата, како и поедноставување на постапката за градење на земјиште што е во целосна сопственост на државата или во целосна сопственост на општината. Ѓорѓиевски посочи и на новата предлог формула за распределба на блок дотациите за основно образование, за која се очекува наскоро да се применува. И на крајот од обраќањето, Ѓорѓиевски уште еднаш апелираше за спроведување на фер и демократи локални избори, а на идните градоначалници и советници им порача да ја јакнат локалната власт и да го чуваат ЗЕЛС.

Инициран процес на  децентрализација на надлежности од социјалната заштита  

ЗЕЛС се залага за префрлање на надлежности во делот на социјалната заштита. Во рамките на проектот „Регионална соработка за подобри социјални услуги на локално ниво“, што во нашата земја го спроведува ЗЕЛС во соработка со НАЛАС, а со финансиска поддршка на ГИЗ, изготвени се два документа:  компаративната анализа на процесите на децентрализација на социјалните услуги во четири земји од регионот и предлог- модели за децентрализација на центрите за социјална работа во нашата земја. Тие беа презентирани пред делегатите на  оваа седница на Генерално собрание, од страна на експертот Душан  Томшиќ.  Децентрализацијата ќе овозможи секоја општина да развива услуги според своите потреби и приоритети. Целта на процесот е да се предложи реален и одржлив модел кој ќе овозможи поголема ефикасност и усогласеност со испораката на социјалните услуги со локалните потреби. ЗЕЛС се залага за целосно децентрализирање на оваа област, но исклучиво доколку бидат префрлени и соодветни средства за нејзино спроведување. На оваа тема беше започната дискусија и со заменик министерот за социјална политика,  демографија и млади, а до министерството беа испратени и утврдените анализи. Оваа тема ќе биде предмет на дискусија во ЗЕЛС и во следниот период. 

Усвоен  финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2024 година и ребалансот на Буџетот за 2025 година 

Пред делегатите на ЗЕЛС беше презентиран а потоа и усвоен Финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2024 година. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ нагласи дека извори на финансирање на ЗЕЛС, освен членарината од општините се и приходи од проекти на кои работи ЗЕЛС и други сопствени приходи. Во текот на 2024 година, остварените приходи биле недоволни за покривање на остварените расходи, а заради реализирање на предвидените активности, биле искористени средства од резервите на ЗЕЛС. Наплата на членарина, за 2024 година е за 22,5% помала од 2023 година. За наплаќање на заостанатиот долг ЗЕЛС и понатаму им дава можност на општините да го враќаат со потпишана спогодба на рати. Од расходите најголем процент имаат платите на вработените, а потоа се трошоците  за одржување на електронските системи. Бидејќи ЗЕЛС се соочи со континуирано зголемување на цените на услугите за одржување на електронските системи и со намалена плаќање на членарина, Генералното собрани на ЗЕЛС на седмата седница одржана во декември 2024 година изгласа дополнителен надомест  за општините кон ЗЕЛС. Овој надомест е наменет за тековно одржување, надградување, безбедност на електронските услуги и чување на податоците во електронски облак. При тоа беа утврдени и поволности за оние членки на ЗЕЛС кои навремено ја плаќаат членарината . На оваа седница делегатите го  разгледа и предлогот за ребаланс на Буџетот на ЗЕЛС за 2025 година, поради новиот прилив на средства од новововедениот дополнителен надомест и истиот беше едногласно усвоен.