Надзорниот одбор на ЗЕЛС апелира за редовно плаќање на обврските кон ЗЕЛС

Надзорниот одбор на ЗЕЛС ја одржа шестата седница на 5 јуни, 2025 година, на која беа разгледани наративниот и финансискиот извештај за работата на ЗЕЛС за 2024 година при што беше дадено позитивно мислење и предлог до Генералното собрание на ЗЕЛС за нивно усвојување. Беше нагласено дека буџетот за 2024 година е реализиран во висина од околу 70% од предвидените средства. Поголемиот дел од расходите се однесуваат за одржување на електронските системи за општините, потоа дел од средствата се потрошени за реализирањето на обуките за јакнење на капацитетите на општинската администрација, како и за тековни трошоци за одржување на административната зграда и за платите на вработените. Бројките покажуваат дека заклучно со мај 2025 година долгот на општините кон ЗЕЛС, поради неплатена членарина изнесува  34.389.355,00 денари. И покрај достапните механизми за исплата на долгот на рати, се уште голем број општини не ја подмируваат редовно оваа обврска. Се очекува следната, 2025 година редовноста на општините во исплатата на обврските кон ЗЕЛС да се подобри, поради воведувањето на новиот надомест за одржување на електронските системи, што е донесен со  Одлука на претходната седница на Генералното собрание, одржана во декември, минатата година. Овој надомест изнесува 10 денари по глава на жител за општините што редовно ја плаќаат членарината или 20 денари по глава на жител за општините што не ја реализираат навремено оваа обврска, односно имаат заостанат долг по овој основ.

Надзорниот одбор го разгледа и предлогот за измени и дополнување на Финансискиот план – буџетот на ЗЕЛС за 2025 година. Измената се однесува на потребата за внесување на предвидениот износ на финансиски средства што се очекуваат како прилив од новиот надомест за одржување на електронските системи. Овие средства на општините им се пресметуваат после месец март, за да се даде можност, во првите месеци од тековната година, општините да ги подмират обврските од претходната година. 

Надзорниот одбор упати апел до сите општини за редовно плаќање на обврските кон ЗЕЛС  и доколку продолжи трендот на ниска наплата,  да се размисли за воведување на мерки што би придонеле стимулирање за редовна наплата.