Предлог решенијата за надминување на предизвиците со поставувањето на урбаната опрема првенствено во насока на заштита на јавниот интерес, заклучок од состанокот на Работната група
Работната група за утврдување на предлог решенија за надминување на предизвиците со поставувањето на урбаната опрема, формирана од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС, на 11 јуни, 2025 година, во административната зграда на ЗЕЛС го одржа третиот состанок. Присутните претставници од општинската администрација ги разгледаа предлозите за регулирање на прашањето поврзано со поставувањето на урбаната опрема во угостителските објекти, што до ЗЕЛС ги достави група на угостители, претставници од Здружението на угостители. Овој чекор произлезе од заклучокот што беше донесен на претходната седница на ова тело, на која беа поканетите претставници од угостителите кои побараа во определен временски рок, (по консултации со другите угостители) да достават нивни предлози за разрешување на предизвиците во оваа област.

По дискусијата, во која се вклучи и претставникот од Министерството за транспорт, беше договорено дека сите идни чекори ќе се креираат првенствено во насока на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните. Беше нагласено дека дел од предлозите на угостителите се во таа насока и се прифатливи, но има и предлози кои не кореспондираат во дефиницијата за урбана опрема. За присутните, апсолутно неприфатливо беше да се овозможи поставување на урбана опрема на паркинг простор, како и да се изостави надоместот за нејзино поставување доколку станува збор за приватен имот. Беше договорено дека ќе се ревидира дефиницијата за тоа што се спаѓа во урбана опрема и дека ќе се обезбедат унифицирани стандарди и технички карактеристики за нејзино поставување. Во таа насока беше посочено дека по обезбедувањето на законски основ ќе се донесе и соодветен Правилник за поставување на урбана опрема, каде детално ќе бидат разработени сите сегменти од оваа област. Исто така, присутните нагласија дека е потребно да се интервенира и во Законот за градење (член 73) и на одреден начин да се категоризираат оние конструкции на јавни површини, направени во угостителските објекти (или што би се правеле во иднина), каде што има застаклување, поставување на поголеми настрешници, платформи и слично. Беше посочено дека законски основ треба да добијат и други градби, меѓу кои се и таканаречени ,,балони за свадби“. Присутните беа едногласни дека при тоа ќе се води грижа и за утврдување на соодветен временски период во кој ќе може постојните состојби да се усогласат со новата регулатива.


