Улогата на локалната самоуправа во енергетска трансформација
Во рамки на Македонскиот Енергетски Форум 2025 (MEF25) што се одржа на 16-17 јуни 2025 година, во Скопје, на панел дискусијата со наслов “Најевтината енергија е онаа што не ја трошиме: Зголемување на енергетската ефикасност во зградите“ учествуваше заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети. Оваа сесија беше организирана во партнерство со Германското Друштво за Меѓународна Соработка (ГИЗ) и е посветена на процесите за забрзување на енергетски ефикасните подобрувања кај зградите. Дискусијата беше фокусирана на енергетската ефикасност како еден од најекономичните начини за намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите и зголемување на енергетската сигурност. Беше покренато прашањето за улогата на ЗЕЛС и на единиците на локалната самоуправа во имплементацијата на позначителни реновирања на јавните згради, од аспект на енергетска ефикасност, каде Дема-Мехмети посочи дека општините иако располагаат со скромни финансиски можности, сепак покажаа дека значително се залагаат за преземање на разновидни мерки за постигнување на енергетска ефикасност и заштеда на електрична енергија. Во насока на справување со енергетската сиромаштија, голем број општини им помагаат на ранливите категории на граѓаните со субвенционирање во замената на грејните тела со поекономични и енергетски ефикасни со што значително се придонесува за намалување на трошоците за греење и ладење на нивните домови. Исто така беше посочено дека бројни се и општините кои преземаат мерки на енергетска ефикасност и во делот на јавното осветлување, каде некои од нив ги применуваат механизмите на јавно-приватно партнерство.
Има и општини кои користат сопствени средства, заеми или донаторска поддршка за подобрување на енергетската состојба и на јавните објекти за кои се надлежни. Беше нагласено дека Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини до општините испратило Предлог-правилник за Програмата за енергетска ефикасност со прилози, за да ги планираат и да ги следат состојбите на јавните објекти. Од суштинско значење за општините ќе биде и ставањето во функција на најавениот Фонд за енергетска ефикасност што ќе овозможи голема финансиска поддршка при реализација на вакви проекти. Впрочем тоа беше и едно од приоритетните барања на претставниците од општините кои неодамна учествуваа на работилницата што ја организираше ЗЕЛС во Неготино, на тема „Планирање и мониторинг на мерки за енергетска ефикасност и климатска акција“. Заменик директорката на ЗЕЛС наглас дека континуирана заложба на ЗЕЛС освен обезбедување на финансиска поддршка на општините за реализација на проекти за енергетска ефикасност е и јакнењето на капацитетите на општинските службеници во оваа област, како и воведувањето на иновативни решенија во испораката на квалитетни услуги, со користење на дигитални алатки.
На конференцијата во присуство на министри, универзитетски професори, домашни и странски експерти и организации чија дејност е насочена во оваа област се дискутираше на повеќе теми, меѓу кои : ,, Инвестиции во време на превирања и брзи пазарни случувања: Каде се наоѓа регионот на Западен Балкан?; ,, Деценија од Парискиот договор: Напредок, предизвици и патот напред за Западен Балкан; „Иднина на цените на јаглеродот: Стратешки патишта за Западен Балкан во ерата на CBAM“ .
