ЗЕЛС домаќин на вториот координативен состанок за реализација на проекти за поддршка на противпожарните служби во нашата земја
ЗЕЛС беше домаќин на вториот координативен состанок за реализација на проекти за поддршка на противпожарните служби во нашата земја, што се одржа на 18 јуни, 2025 година во административната зграда на Заедницата. Станува збор за иницијатива што ја покрена австрискиот амбасадор, Н.Е. Мартин Памер во кој се вклучија претставници од други амбасади во нашата земја, од Европската делегација, како и експерти од меѓународни и домашни организации. На првиот состанок присуствуваа претставници од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Тетово, а на вториот присуствуваа претставници од ТППЕ од Охрид. По деведесет минутна дискусија беше заклучено ЗЕЛС да подготви прашалник и да го достави до сите 34 територијални противпожарни единици (ТППЕ) во земјава, во кој првенствено ќе се побара да ја наведат неопходната опрема што им недостасува за непречено функционирање; бројот на пожарникари за исполнување на законската обврска според бројот на жители; видот на обуките што им се потребни за јакнење на капацитетите на пожарникарите во нивната ТТПЕ, како и други прашања кои би помогнале за поуспешна работа на овој многу важен сегмент. Претставниците од Австриската амбасада ќе изготват листа со приоритети за дејствување на ова тело за следниот период, при што ќе предложат и вклучување на нови национални и други институции што може да дадат соодветен придонес во работењето на ова тело, како што е Министерството за одбрана, министерството за внатрешни работи, и ќе достават покана за учество на нивни претставници на следниот состанок што беше предложено да се одржи некаде на почетокот на септември. На предлог на ЗЕЛС беше посочено дека на следниот состанок треба да се поканат претставници и од други ТППЕ од земјава и дека тогаш ќе бидат изнесени и сумираните резултати добиени од одговорите на прашалникот.

Претставени активностите на ЗЕЛС во делот на лобирање за подобрување на состојбите на ТППЕ
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ се обрати на присутните, посакувајќи им добредојде и успешна работа и накратко ги изнесе состојбите во ТППЕ во земјата и поддршката и активностите што досега ги има преземено ЗЕЛС. Таа посочи дека сегашниот број на пожарникари е речиси за половина помал во однос на законските прописи, од причина што наменските дотации се недоволни и според анализата на ЗЕЛС не покриваат ниту половина од средствата потребни за нивните плати. Потоа укажа дека на сите им е позната и состојбата со старата и недоволна опрема за спроведување на обврските и на недоволната координираност на надлежните институции за креирање на политики и интервенции на полето на управување со кризи и заштита и спасување на населението од непогоди. Како и на претходниот состанок и сега, таа го посочи лобирање на ЗЕЛС што долги години наназад го врши пред централната власт со презентирање на бројни анализи и факти за лошите состојби, но и со конкретни предлози за нивно надминување. Нагласи дека во рамките на ЗЕЛС е воспоставена Мрежа на ТППЕ, во која се застапени претставници од сите противпожарни единици во земјата и на која ЗЕЛС и дава голема поддршка, особено во делот на стандардизирање на голем број предизвици, а изработи и понуди предлог -решение на Законот за пожарникарство, што беше донесен пред повеќе години. Во овој период се подготвуваат нови законски измени каде ЗЕЛС повторно зема активно учество. Перишиќ укажа и за претстојниот предизборен период за редовните локални избори и намалената можност за донесување на одредени одлуки или спроведување на одредени активности од страна на општините, што може индиректно да влијаат за постигнување на брзи резултати во работењето на ова координативно тело.
Изнесени одредени дилеми за следните приоритети
Присутните учесници од амбасадите на Австрија, Германија, Обединетото Кралство, Словенија, Чешка, Делегацијата на ЕУ во нашата земја, претставници од УСАИД, УНОПС, од Центарот за управување со кризи, од Факултетот за безбедност и други ја поздравија иницијативата за реализација на проекти за поддршка на противпожарните служби во нашата земја. Дел од нив ја изнесоа досегашната поддршка што ја давале на одредени ТППЕ во земјава, дел во опрема, дел преку спроведување обуки за јакнење на капацитетите на пожарникарите, или преку директно учество во противпожарни акции, а го посочија и неодамнешниот кобен пожар во Кочани. Изразија сериозна загриженост за состојбите и за потребата од донации на противпожарни возила. Посочија на предизвикот што во одредени земји во Европа, според законските прописи повеќето противпожарни возила не се донираат откако ќе бидат деактивирани, туку се продаваат или се изнесуваат на продажба со аукција (во Германија, Австрија, Швајцарија, Франција, ...). Од друга страна и нашите општини имаат законска обврска за спроведување на јавни набавки кога се дава можност за конкурирање на разни заинтересирани понудувачи. Сепак беше посочено дека и за ова прашање треба дополнително да се размисли и да се земат во предвид искуствата на општините од досегашните вакви донации. Покренато беше и прашањето за утврдување на приоритети при опремувањето на противпожарните бригади, но исто така беше изнесена и дилема за примарност во опремувањето за справување со пожари во урбана средина или за шумски пожари и пожари во дивина.
Претставени досегашните искуства на ТППЕ Охрид од поддршката на австриската амбасада и Здружението на противпожарни бригади на Тирол
Командирот на ТППЕ од Општина Охрид, Борко Јанкулоски ги изнесе предизвиците со кои се соочуваат повеќето ТППЕ во земјата, вклучително и неговата, во делот на недостатокот на соодветна опрема, потребата од нови вработувања, бенефиции за пожарникарите и особено за потребата од креирање на соодветна национална стратегија за справување со кризи и заштита и спасување на населението, како и неопходноста за обезбедување на ,,Центар за обуки“ каде ќе се јакнат капацитетите на постојните пожарникари и ќе се обучуваат млади кадри, особено за пожарникари -волонтери. Тој ги нагласи и позитивните аспекти од формирањето на доброволна противпожарна бригада ДПД ,,Ентузијаст Охрид -Дебарца, чија важност била препознаена од двајца инженери за противпожарна заштита и пожарникари-волонтери уште во 2022 година : Јирген Шпренгел и Харалд Шилегер, претседатели на мала германска невладина организација „Глобал фајерфајерс Германија (GFFG), кои изненадени од условите во кои работат нивните колеги во ТППЕ Охрид, контактирале со бројни амбасади во нашата земја, како и со австриската амбасада и Здружението на противпожарни бригади на Тирол, кое ја прифатило иницијативата и започнала со помош на противпожарните служби во регионите на Охрид-Дебрца, Тетово и Куманово со цел воспоставување на ефикасен систем на доброволни противпожарни бригади. Јанкуловски изрази голема благодарност, особено во делот на поддршката за обуки за противпожарни активности и изработка на стратегија во Стариот град на Охрид, кој е заштитен како светско културно наследство на УНЕСКО, каде повеќето историски згради содржат големи количини дрво; за поддршката на .ДПД Ентузијазам Охрид -Дебарца и за иницијативното формирање на вакви бригади за Белчишта и Пештани со цел итен одговор на евентуални пожари во овој дел оддалечен од Охрид, како и за активности поврзани со заштита на природното богатство на Националниот парк Галичица.
Во тек реализација на поддршка во обуки и обезбедување на опрема за противпожарните бригади во Тетово, Охрид и Куманово
На првиот координативен состанок на оваа работна група што беше организиран на 13 мај, 2025 година во просториите на Делегацијата на ЕУ, беше презентиран и проектот на австриската федерална покраина Тирол, што се спроведувал во последните петнаесетина години во пет региони на Хрватска и каде успешно е воспоставен систем со над 200 доброволни противпожарни единици. Проектот беше презентиран од проектниот координатор, Петер Логар, кој нагласи дека сличен проект е планирано да се реализира и во нашата земја, што според првичните сознанија може да обезбеди зголемување на ограничената работна сила од постојните 820 пожарникари во земјата (во споредба, Австрија која има 350.000 пожарникари). Логар ја истакна важноста на обуката и едукацијата за пожарникарите, како предуслов при донирање возила и опрема. Тој нагласи дека од особена важност е луѓето да бидат мотивирани да се ангажираат за вакви активности во својата земја, за што е потребна поддршка и од националните и од локалните власти. Според Логар постојат два важни правци: едниот е дека Владата треба да воспостави подобри национални структури, односно да формира Национално здружение на пожарникари, а другиот услов е да се прилагоди и создаде потребната законска основа за доброволни противпожарни бригади. Австриската федерална покраина Тирол веќе започнала одредени активности со доброволната противпожарна бригада во Охрид, со обука на 20 волонтери и обезбедување на едно противпожарно возило со опрема од Австрија. Во тек се и обуки и обезбедување на опрема за противпожарните бригади во Тетово и Куманово. Претставникот од ТППЕ од Тетово, Авни Ахмети кој присуствуваше на првиот состанок, изрази благодарност за поддршката од донаторите и упати покана до сите да присуствуваат во Тетово на 20 мај, 2025 година, на одбележувањето на Денот на пожарникарите да дојдат во Тетово.






