ЗЕЛС и НДИ потпишаа меморандум за соработка, во рамките на проектот „Заедници водени од интегритет“
ЗЕЛС и Националниот демократски институт (НДИ) на 20 јуни, 2025 година, во административната зграда на Заедницата, потпишаа Меморандум за соработка во рамките на проектот за ,,Зајакнување на отпорноста на општините кон корупција“ / „Заедници водени од интегритет“, поддржан од Швајцарската Конфедерација и Шведска, а се имплементира од Локалната канцеларија на НДИ, каде ЗЕЛС е партнер организација.
Документот во името на ЗЕЛС го потпиша извршната директорка, Душица Перишиќ, која посочи дека соработката на ЗЕЛС со НДИ е започната уште во 2006 година, со отворањето на канцелариите на пратениците во општините, па во времето на отворањето на Парламентарниот институт и е исклучително позитивна. Таа изрази надеж дека со ист квалитет ќе биде реализиран и овој четиригодишен проект, а целта е да се поддржат општините да воспостават и да институционализираат силни системи на интегритет и пракса за минимизирање на ризиците од корупција и за зголемување на довербата на граѓаните.
Во името на НДИ, Меморандумот го потпиша Роберт Скот Хајзлет, виш резидентен директор кој ја истакна досегашната добра соработка и високата доверба што ја има кон ЗЕЛС. Тој смета дека ЗЕЛС има одлична позиција за развивање на дијалог меѓу локалната и централната власт и преку континуираната поддршка што им ја дава на општините може позитивно да влијае тие да создадат посилни механизми за борба против корупцијата во клучните области на услугите што им ги даваат на граѓаните. Со заеднички сили на сите учесници во проектот треба да се придонесе што поскоро државата да се симне од сегашната висока позиција на најкорумпирани држави во Европа. Роберт Скот Хајзлет нагласи дека НДИ работи во континуитет во нашата земја и досега има формирано 54 канцеларии. НДИ работи во континуитет во нашата земја и досега има формирано 54 канцеларии на пратеници во општините од каде се тие избрани.
Цели на проектот
Во рамките на проектот „Заедници водени од интегритет“ планирано е да се обезбеди техничка помош за развој на внатрешни процедури и механизми насочени кон спречување корупција; да се обезбеди поддршка на општинските службеници за идентификување и пријавување на коруптивни практики; да се засили објавувањето на податоци и јавни информации за поголема транспарентност; да се даде поддршка на дигитализацијата на услугите за подобрување на ефикасноста и намалувањето на ризикот од корупција како и да се зајакне соработката меѓу општините, политичките партии, граѓанското општество и медиумите за намалување на можностите за корупција. Проектот ќе обезбеди и јакнење на институционалните капацитети на ЗЕЛС за да го подржат зајакнувањето на системите за интегритет на општините. Со одобрение од донаторот, проектот може да ја поддржи и модернизацијата на технолошката инфраструктура на ЗЕЛС (обезбедување на опрема и софтверски решенија дизајнирани да ја подобрат функционалноста на ЗЕЛС со цел да се подобри внатрешната и надворешната комуникација, односно да ја зајакне координацијата со општините членки). Онаму каде што е соодветно, ЗЕЛС ќе учествува во консултативни процеси и ќе се залага за правни реформи и воспоставување локални механизми кои имаат за цел да ги минимизираат можностите за корупција и исто така даде поттик на општините за усвојување на политики, процедури или механизми за борба против корупцијата, во согласност со националните стратегии. Сите инволвирани страни ќе работат и на поддршка на дигитализацијата на работењето на локалната самоуправа.
Националниот демократски институт е непрофитна, непартиска организација која работи на поддршка и зајакнување на демократските институции ширум светот преку учество на граѓаните, отвореност и отчетност во управувањето. Од 1993 година, НДИ континуирано работи во земјата и соработува со Собранието, Владата, кабинетот на Претседателот, политичките партии и граѓанското општество, развивајќи и спроведувајќи иновативни, релевантни и одржливи програми кои се базираат на партнерство и тимска работа.

