Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините ја одржа 52 седница

Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините на 1 јуни, 2025 година одржа онлајн седница. Присутните, на оваа 52 седница, дискутираа за  Предлог – Уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2026 година и Предлог – Уредбата за методологијата за распределба на блок дотациите за култура за 2026 година  и истите  ги прифатија. Предлог -уредбите ќе бидат доставени на   усвојување на првата следна седница на Владата на РСМ.

Претседателот на Комисијата, Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш, нагласи дека не забележува промени во делот на критериумите за распределба на дотацијата од ДДВ за 2026 година, односно дека тие остануваат исти, како и во претходната година. И оваа година за општините ќе се распределуваат вкупно 6% од наплатениот ДДВ од претходната година. Сите општини добиваат  фиксен дел од 4,5% од ДДВ, а променливиот дел  е  0,75% за воедначување и 0,75% за перформанси. За делот за воедначување, како критериум се зема персоналниот данок на личен доход per capita. За делот на перформанси критериумите за пресметка се: наплатените сопствените приходи на општината во претходната година да се најмалку 70% од планираните сопствени приходи и наплатените сопствени приходи во претходната година да се повисоки во однос на просек од претходните три години. Беше посочено дека поголем број општини во овој дел покажуваат добри резултати.  Во таа насока беше нагласено дека општините во планирањето на буџетот треба да бидат максимално објективни, особено да внимаваат на можностите за реална реализација на зголемениот приход од средствата  од  унгарскиот кредит. Поточно да планираат во тековната година во зависност од можноста на обемот на реализација на договорите. Поради претстојните локални избори што се очекува да бидат спроведени во октомври оваа година, општините  ќе се соочат  и со намалена можност за ребаланс на буџетот, што може негативно да се одрази во делот на  средствата што ги добиваат за перформанси , односно  планирано-реализирано.  

Присутните ја прифатија и Предлог – Уредбата за методологијата за распределба на блок дотациите за култура за општините за 2026 година. Беше нагласено дека е идентична од претходната година и дека со  утврдените средства се покриваат платите на вработените и материјални трошоци за  30 општини каде има локални установи за култура, а другите средства  за култура општините ги добиваа со  конкурирање за средства од Програмата за култура на Министерството за култура и туризам.

Претставниците од локалната власт, членови на оваа Комисија нагласија дека очекуваат што поскоро да ги  разгледаат и другите предлог- уредби за распределба на блок дотации за 2026 година во областа на образованието, социјалната заштита и противпожарната заштита.