Пред општините претставена новата Предлог формула за финансирање на основното и средното образование
Во просториите на ЗЕЛС, на 11 јули 2025 пред градоначалници и претставници од општините, Министерката за образование и наука, г-ѓа Весна Јаневска, заедно со претставници од нејзиниот кабинет претставија нов предлог систем за распределба на блок дотациите за основното и средното образование. Предлог формулата за финансирање на основното образование е изработена во рамки на проектот „Подобрување на ефикасноста на трошоците во основното и средното образование во Северна Македонија“, финансиран од Светска банка и UNICEF, а спроведен од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ Скопје.

Потребата за воведување на нов систем доаѓа како резултат на фактот што постојната формула не обезбедува доволно средства за покривање на сите расходи потребни за квалитетна настава, со досегашната формула дури 90% од блок дотациите за основно образование одат за плати на наставниот кадар (просекот во ЕУ е 70%). Блок дотациите сега се утврдуваат врз основа на износот од претходната година и договорениот пораст на платите, што остава недоволно средства за обнова и одржување на објектите во добра состојба, инвестирање во професионалниот развој на кадарот и други оперативни трошоци, од кои најгорливиот е превозот на учениците. Досега не се воспоставени стандарди за определување на унифициран трошок по ученик при пресметката на блок дотациите за основно образование, а училишната мрежа е неефикасна и неоптимизирана. Предлогот за новите формули за распределба на блок дотацијата за основно и средно образование е распределбата да се врши според стандарден трошок по ученик.
Оттука формулата за основно образование ќе има три компоненти: основна, варијабилна и развојна. Основната компонента го содржи основниот трошок по ученик од 102.110 денари годишно и ги содржи трошоците за: плати и придонеси, трошок за вода, струја, смет, греење и останати комуналии, хигиена и тековно одржување, наставни материјали, стручно усовршување на вработените во основно образование, други трошоци (ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и сл.), како и трошок за еднодневен излет. Варијабилна компонента покрива превоз за учениците, трошоците за учениците со посебни образовни потреби, надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалку бројните етнички заедници и трошок за екскурзија за ученици од социјален ризик. Развојна компонента може да изнесува најмногу 1% од вкупно доделената дотација, таа ќе го следи успехот на училиштата, односно секоја општина ќе има можност да добие соодветна сума на средства во зависност од постигнувањата на училиштата кои се наоѓаат на нејзината територија, и оваа компонента се планира да се воведе од 2028 година, со оглед дека ќе биде пресметувана врз основа на мерење на постигнувањата од две последователни учебни години (2026 и 2027).
Согласно бројот на ученици во општината и карактеристиките на училишната мрежа, ќе се обезбедуваат средства за сите тековни потреби за квалитетно образование (постепено зголемување на расходите што не се врзани за плати). На годишно ниво ќе се земаат предвид промените на нивото на цените за да се обезбеди училиштата да имаат доволно средства. Општините со помалку ученици нема да се соочат со нагол пад на износот на блок дотациите во 2026. Кај таквите општини намалувањето во споредба со сегашниот износ на дотацијата е пресметам да изнесува до 5%. Тоа ќе им даде на општините време и стимул да започнат или да ги забрзаат активностите за оптимизација на училишната мрежа. Исто така со формулата се предвидува и обезбедување средства за професионален развој на наставниците и за поттикнување на училиштата да ги подобруваат образовните резултати.
Во однос на средните училишта, поради постоењето на стручни училишта од повеќе категории што и наведува на различни потреби и финансиски и логистички, предвидени се групирања на училиштата и тука ќе има отстапувања за трите групи од 20% до 30% во зависност од тоа во која од трите категории се наоѓаат училиштата во рамки на соодветната општина. Претседателот на Комисијата за финансирање на ЗЕЛС, г-дин Ацо Ристов, кој е воедно и член на Управниот одбор на ЗЕЛС, побара да се изнајде решение за организирање на превозот на учениците, од причина што повеќе општини со оптимизацијата се организираат различно за обезбедување на превозот, па така некои општини имаат набавено возило за превоз, но проблем останува вработувањето на возач. Исто така да се изнајде механизам општините во име на училиштата да може да ги организираат набавките, од причина што истите немаат соодветен кадар кој одговара за овие потреби. Градоначалникот на Липково, г-дин Еркан Арифи, член на Управниот одбор на ЗЕЛС, го сподели искуство на општината, која преку Јавното комунално претпријатие набавила автобуси за превоз на учениците, обезбедила лиценца и ангажирала возачи со соодветна категорија на возачките дозволи. Така обезбедиле квалитетен превоз за учениците и заштедиле доволен број на средства за да може да ги одржуваат возилата па дури и да го прошират возниот парк за овие потреби.
Министерката Јаневска вети дека, во престојниот период, ќе се потруди да изнајде законско решение за овие потреби и оваа формула ќе ја предложи на усвојување за да може да започне со сите подготовки за нејзина примена од 01 јануари 2026 година. После усвојувањето на уредбата за формулата од страна на Владата, ќе следи обука на општинската администрација и кадарот во училиштата за нејзина примена. Веќе се вршат прилагодувања на системот ЕМИС, каде што општините ги внесуваат сите податоци од кои ќе се вршат пресметките на соодветните компоненти.
