Усвоени новите предлог-уредби за распределба на блок дотации за градинките и за основното и средното образование од страна на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините
По континуирани заложби од страна на ЗЕЛС и речиси дваесетгодишно укажувања до централната власт дека општините не добиваат доволно средства за спроведување на префрлените надлежности во областа на основното образование, средното образование и градинките, конечно надлежните министерства понудија нови Предлог -уредби за методологиите за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за 2026 година во сите три области. Истите беа образложени пред членовите на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, на 53 седница, што се одржа на 24 јули, 2025 година по електронски пат. Членовите на Комисијата по опсежна дискусија ги прифатија предлог уредбите , по што истите ќе бидат доставени на одобрување од страна на Владата на РСМ. Со тоа треба да се очекува дека од 2026 година распределба на средства од блок дотациите ќе биде пообјективна, ќе обезбеди ефикасност во трошоците и во најголем процент ќе ги задоволи потребите за спроведување на овие надлежности од страна на општините.

Во формулата за основното образование и понатаму главен критериум е бројот на ученици, но разликата е во тоа што однапред ќе биде познат основниот стандард по ученик, што ќе се утврди врз основа на одредени параметри. Беше посочено дека за основно образование пресметаниот трошок по ученик сега изнесува 112. 747. 00 денари. Овој критериум треба да поттикне и спроведување на соодветна оптимизација на училишната мрежа. Поточно формулата за основно образование се заснова на три компоненти: основна, варијабилна и развојна. Основната компонента го содржи основниот трошок по ученик и ги содржи трошоците за: плати и придонеси, трошок за вода, струја, смет, греење и останати комуналии, хигиена и тековно одржување, наставни материјали, стручно усовршување на вработените во основно образование, други трошоци како и трошок за еднодневен излет. Варијабилна компонента покрива превоз за учениците, трошоците за учениците со посебни образовни потреби, надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалку бројните етнички заедници и трошок за екскурзија за ученици од социјален ризик. Развојна компонента може да изнесува најмногу 1% од вкупно доделената дотација, таа ќе го следи успехот на училиштата, односно секоја општина ќе има можност да добие соодветна сума на средства во зависност од постигнувањата на училиштата кои се наоѓаат на нејзината територија, и оваа компонента се планира да се воведе од 2028 година, бидејќи треба да се пресметаат постигнувањата од две последователни учебни години . Со новата формула се предвидува како критериум и категоризација на училиштата, односно се воведуваат 4 категории на училишта како и таканаречено заштитно училиште. Претседателот на Комисијата, Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш, ги информираше присутните дека на последната средба што претставници од ЗЕЛС ја имаа со министерската за образование и наука, Весна Јаневска во административната зграда на Заедницата, се дискутирало и за обезбедување на поголема независност во управувањето на локалните власти во оваа област и тоа во однос на обезбедување на посоодветни законски услови за обезбедување на спроведување на постапки од страна на општината за заедничка тендерска набавка за сите училишта на нејзина територија; потоа во делот на организирање на сопствен превоз на учениците преку формирање на посебни нови јавни претпријатија за превоз на ученици или отворање на посебно одделение во склоп на постојните јавни претпријатија; потоа обезбедување на поголема флексибилност во однос на издавањето на согласностите за нови вработувања и слично.
И другите две предлог -уредби кои беа на дневен ред на седницата на Комисијата беа образложени од страна на претставниците од соодветните министерства . Слични критериуми како во формулата за основно образование се предвидени и во новата Предлог – Уредба за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за средното образование по општини за 2026 година и во Предлог – Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за јавните установи за деца - детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавните детски градинки по општини за 2026 година. Целта е да се обезбеди покривање на објективните трошоци за спроведување на овие надлежности од страна на општините, а при тоа да се обезбеди и поголема ефикасност во располагањето со истите. Од страна на претставникот од Министерството за финансии беше нагласено дека на крајот на секоја година во трезор останува висока сума на неискористени средства за образование од блок дотациите, односно дека од минатата година општините не искористиле околу 150 милиони денари од блок дотациите за основно образование. Беше посочено дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание на причините зошто ова се случува.
Претставниците од локалната власт, членови на Комисијата, нагласија дека очекуваат позитивни резултати од воведувањето на новите формули, иако сметаат дека не се земени во целост навремените укажување доставени до централната власт од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС. Особено беше посочено даденото укажување на ЗЕЛС дека со новата формула треба да се обезбеди драстична поддршка на основните училишта во руралните средини. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, член на Комисијата, на состанокот нагласи дека поддршката на училиштата во руралните средини е и во корелација со стратегиските правци на државата за инфраструктурно развивање на руралните средини и задржување на населението и воедно треба да е дел од насоките во имплементирањето на одредбите од Законот за рамномерен регионален развој. Наспроти тоа, се стравува дека како резултат на намалување на бројот на ученици во овие средини, општините ќе треба да се соочат со преземање на мерки за рационализација, токму на училишта во руралните средини. Димитриевски нагласи дека е потребно задолжително тековно следење и нивелирање при порастот на трошоците, како што оваа година е примерот со покачувањето на платите на наставниот кадар. Присутните изнесоа и позитивни примери на досегашно користење на средствата од блок дотациите, преку преземање на низа активности. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, член на Комисијата, информираше дека општината сама го организира превозот на учениците и дека на тој начин успеала да заштеди средства од блок дотациите кои потоа биле наменети за дополнителни активности во училиштата., меѓу кои и обезбедување на топол оброк за 1.900 деца од прво до петто одделение во оваа општина. Исто така беше посочено дека општината во континуитет презема мерки на рационализација на училишната мрежа, која се спроведува многу внимателно и со поддршка од месното население и на родителите. Присутните заклучија дека идеални формули нема и дека секоја општина има свои специфики во однос на училишната мрежа, но дека новите предлог формули даваат можност во иднина да се развиваат дискусии и разговори меѓу локалната и централната власт за развивање на поедини нејзини делови, што би обезбедило и соодветни, континуирани подобрувања на состојбите во образованието и во градинките.