Добредојде за првачињата: Симболичен подарок-ранчиња обезбедија ЗЕЛС и општествено одговорни компании
Сите првооделенци во државата ќе добијат симболични подарок-ранчиња како добредојде во училишната средина. За 20 илјади дечиња, тоа ќе биде симболично охрабрување и поддршка на првите училишни чекори.
Акцијата ја организираат ЗЕЛС, компаниите Бамби и Пивара, во соработка со Министерството за образование и наука.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази благодарност до општествено одговорните компании за покажаната грижа за првооделенците.
„Почетокот на учебната година е посебен и незаборавен момент за првачињата, за прв пат влегуваат во училиште, се сретнуваат со наставници и нови другарчиња, почнуваат да учат, да откриваат, да соработуваат и да бидат одговорни. Ваквите акции им покажуваат на најмладите дека пошироката заедница ги поддржува и ги охрабрува“, рече министерката Јаневска.
Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски рече дека грижата за учениците е една од основните обврски на општините, како основачи на училиштата.
„Градоначалниците обединети во ЗЕЛС, но и сите како родители и граѓани, сакаме првооделенците да имаат добри сеќавања за првиот училишен ден. Заедно со компаниите кои инвестираат во заедницата сакаме првачињата да почнат на училиште со радост, и ова е добра порака дека ни се важни. Воедно, сакам да нагласам дека во Кисела Вода, каде што сум јас градоначаник, како и секоја, така и оваа година, сите првачиња ќе добијат бесплатен анатомски ранец со училишен прибор“, нагласи Ѓорѓиевски.
Директорката за бизнис развој во Бамби, Милица Шетка, рече дека се радува што Плазма се врати во Македонија по предизвиците со кои се соочуваше поради пожарот во фабриката во Пожаревац, поради кој беше запрено производството.
„За нас во Бамби, поддршката на најмладите секогаш била приоритет. Особено во важни животни моменти, како што е поаѓањето на училиште. Сакаме овие подароци да бидат симбол на охрабрување и поддршка за секое дете кое го започнува своето патување во светот на образованието. Нашата цел е оваа акција да прерасне во традиција и тука во Македонија.“
Пивара Скопје, преку својот бренд Роса, се приклучи на иницијативата како дел од својата стратегија за општествена одговорност. Генералниот директор Огњен Лазиќ изјави:
„Веруваме дека секое дете заслужува почеток полн со насмевки, охрабрување и внимание. Како компанија која расте заедно со заедницата, знаеме колку е важно првачињата да ја почувствуваат поддршката од сите нас. Затоа со задоволство се приклучивме на оваа иницијатива за покажеме дека веруваме во генерациите што доаѓаат и го поддржуваме секој нивен чекор,“ рече Огњен Лазиќ, генералниот директор на Пивара Скопје.
Подарок- пакетчињата кои содржат ранец, распоред на часови, мозгалка, Плазма бисквити и шишенце Роса ќе бидат дистрибуирани до сите основни училишта низ државата за да ги пречекаат првачињата на 1 септември.



