Сумирање на постигнатите резултати во однос на законската регулатива за управување со води, со акцент на снабдување со вода за пиење и на отпадни води
Најдоцна до 10 септември, 2025 година пред Комисијата за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС ќе бидат презентирани сублимираните предлози за измени и дополнувања на Закон за води; Закон за снабдување со вода за пиење и одведување на отпадни води и Закон за комунални дејности. Ова беше главниот заклучок што го донесоа членовите на Работна група за води на Мрежа за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС на состанокот што беше одржан на 26 август, 2025 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Целта е да се искристализираат заложбите на ЗЕЛС, во соработка со АДКОМ, во областа на уредувањето на водните ресурси и комуналните претпријатија од оваа област во насока на целосна подготвеност за преземање на конкретни активности веднаш по спроведувањето на локалните избори. Односно, со претходно утврдени предлози за измени и дополнувања на законските и други подзаконските акти да се даде максимален придонес во соодветното регулирање на предизвиците со кои се соочуваат општините и јавните комунални претпријатија кои во својата работа го опфаќаат и сегментот на управување со водните ресурси.

Работна група за води на Мрежа за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС во изминатиот период активно работеше на клучни теми од интерес за општините, детектирајќи ги сите сегменти во постојната правната рамка со која се уредуваат водните ресурси, а кои претставуваат сериозни пречки за нормално функционирање, и се во насока на надминување на актуелната лоша состојба со управувањето со водните ресурси во нашата земја и обезбедувањето на адекватено и квалитетно спроведување на овие услуги. Како резултат на претходно спроведени бројните анализи на закони, стратегии, методологии поврзани со регулирањето на оваа област и изработена анализа на состојбите на постојните ЈКП во општините, беше изработена и соодветна ,,матрица“ во која прецизно се детектирани одредбите за промени, причините зошто се предлага промената и позитивните ефекти што би се очекувале доколку биде реализиран дадениот предлог. Но поради обемниот материјал што досега го обработиле членовите на Работната група, претставници од професионалната администрација од општините, на овој состанок беше договорено да се направи уште една посублимирана селекција, која потоа ќе биде основа при презентирањето пред членовите на Комисијата за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС, тело составено исклучиво од градоначалници.
На состанокот на работната група за води при ЗЕЛС, освен сумирање на постигнатите резултати во однос на законската регулатива за управување со води, со акцент на снабдување со вода за пиење и на отпадни води беа изнесени и други дополнителни информации. Присутните беа информирани и за номинирањето на претставник од ЗЕЛС за член во новоформирано тело од Владата на РСМ во Постојана работна група за управување со водни ресурси. Беше посочено дека тоа е и знак дека во следниот период ќе се посвети поголемо внимание на средување на состојбите во оваа област што е причина повеќе ЗЕЛС навремено да се подготви и да излезе со предлози и решенија, кои ќе бидат разгледани од сите локални власти и од Управниот одбор на ЗЕЛС.
Во дел од разговорите беа изнесени лошите состојби на јавните комуналните претпријатија во општините , од кои повеќето имаат големи долгови што оневозможува унапредување, инвестирање и соодветно модернизирање при управувањето со водата за пиење, прочистувањето на отпадните води и слично. Беа пренесени и одредени размислување за воспоставување на посебни комунални претпријатија за води, што во актуелната пракса е голема реткост, бидејќи најчесто во едно јавно претпријатие се опфатени различни комунални услуги. Исто така, беа пренесени информации за предлози цената од комуналните услуги за вода да ја утврдува Регулаторната комисија, а не како што досега ја утврдува Советот на општината, но се говореше и за други активности што се од важност за работењето на ова тело при ЗЕЛС.



