Форумот на жени градоначалнички од Југоисточна Европа во рамките на МАРУФ 2025 -Урбан форум на Мармара
Повеќе од 80 градоначалнички, општински лидери, претставници од асоцијациите на локалните власти, претставници од граѓанското општество и меѓународни партнери од Југоисточна Европа на 1 и 2 октомври, 2025 година во Истанбул учествуваа на петтото издание на МАРУФ 2025- Урбан форум на Мармара, во чии рамки се одржа и Форумот на градоначалнички. На овој настан од нашата земја учествуваа претседателките на советите на Општина Кисела Водa, Светлана Колариќ и на Општина Ранковце, Александра Стамболиска Јовановска како и заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети. Форумот беше организиран од Унијата на општини од Мармара (МОМ), Мрежата на здруженија на локални власти од Југоисточна Европа (НАЛАС) и UN Women, со поддршка од владите на Швајцарија, Шведска и Фондот за градење мир на ОН. Во текот на овие два дена присутните разменија искуства за вмрежување и унапредување на женското лидерство во локалното управување и промовираа инклузивно одлучување и забрзување на напредокот кон родова еднаквост.

Форумот започна со тематски панел за Берлинскиот процес и пристапувањето кон ЕУ, со инспиративни примери од претставничките на Хрватска, Бугарија, Албанија и Молдавија, каде се потенцираше дека долгорочната посветеност кон родово одговорно управување и женското лидерство го овозможува овој важен дијалог.
Вториот ден од Форумот на градоначалнички беше потенцирана моќта на женското лидерство во градењето на посилни и поинклузивни заедници ширум Југоисточна Европа. На панелот за Паметно финансирање за родова еднаквост, организиран од UN Women, со фокус на родово вклучување во процесите на децентрализација и фискална политика беше претставено искуството од нашата земја, реализирано од невладината организација ,,Акција Здруженска“. Директорката на ова организација, Марија Савовска говореше за поддршката што повеќе општини им ја даваат на жените, преку воспоставениот фонд што функционира од 2019 година. Преку Фондот, организациите добиваат комбинација од три основни типови на поддршка што им овозможува да се фокусираат на внатрешниот и надворешниот развој, застапувањето, како и зајакнувањето на маргинализираните жени за граѓански јавен ангажман. Таа информираше дека во изминатите години, заедно со локални женски организации е изграден модел за зајакнување на жени, кој придонесе за создавање на најголемата мрежа за застапување во Северна Македонија, во која се вклучени повеќе од 2.000 жени од 65 села од 21 општина. Оваа иницијатива докажа дека поддршката на жените дава добри социјални и економски резултати и дека малите вложувања може да донесат големи промени. На иницијатива и барање на жените, со 10.000 € годишно, осум села добиле мини-бус кој им овозможува мобилност, намалени трошоци и повеќе приходи за жените и локалните бизниси. Исто така, во друго населено место, на женска иницијатива и со одлука на општината, еден нефункционален центар е претворен во градинка за 20 деца, со што жените добија повеќе време, енергија и можност да се посветат на економски активности. Третиот позитивен пример е женскиот центар, кој е отворен со средства од фондот и со поддршка од општината, во кој жените во рурална општина започнале сопствени бизниси со домашни производи и занаети, што доведе до нови приходи, туризам и дополнителни инвестиции за заедницата. На истиот панел беа претставени и искуства и од другите земји ,меѓу кои беше и примерот на Општина Бар, Црна Гора, каде женското претприемништво е поддржано со солидни финансиски средства, а опфатени се и најмаргинализираните групи на жени.
Сесијата за локализирање на Агендата Жени, мир и безбедност ги обедини експертката од UN Women и градоначалничка од Босна и Херцеговина, која ја нагласи својата клучна улога во унапредување на мирот, отпорноста и кохезијата во заедниците. Дискусиите за женското лидерство во локалното управување, во соработка со Мрежата на асоцијации на единици на локална самоуправа од Југоисточна Европа (НАЛАС) и градоначалничка од Словенија, покажаа како жените лидери креираат политики засновани на еднаквост и ја зајакнуваат демократската отчетност. Во рамки на останатите сесии во кои се работеше во групи се дебатираше за клучни решенија за вклучување на родовата перспектива на локално ниво. Учесниците имаа можност да разговараат за зајакнување на женското лидерство и учество во локалното управување, градењето мир и интеграцијата во ЕУ, истакнувајќи ја улогата на градоначалничките во промовирањето на инклузивниот мир и родовата еднаквост, додека ги усогласуваат регионалните и глобалните агенди како што се процесот на пристапување кон ЕУ, Берлинскиот процес и Агендата 2030,
Форумот заврши со заложби за продлабочување на соработката, размена на знаење и засилување на гласот на жените во одлучувањето, потврдувајќи дека родовата еднаквост во управувањето е клучна за градење посилни демократии. Инаку МАРУФ 2025 за преку 8000 учесници од 50 земји понуди преку 100 содржини од областа на урбаниот развој претставени од 500 презентери.





