Скопските градоначалници со координирана взаемна активност за чистење на насобраниот комунален отпад

-„Сите општини во градот Скопје со координирани активности и меѓусебна поддршка во механизација  и човечки ресурси ќе се ангажираме и ќе направиме сериозен обид да ги исчистиме контејнерите и да ја амортизираме алармантната состојба со натрупаниот комунален отпад на територија на целиот град .  Целта е сите заедно, заради нефункционалноста на  ЈП ,,Комунална хигиена “до периодот до завршување на изборниот процес,  со преземање на алтернативни решенија да   се обидеме да го спречиме овој хаос.  Ова не е наша надлежност, тоа е надлежност на Град Скопје и на комуналното претпријатие кое  во континуитет не ги спроведува своите обврски, иако нашите граѓани редовно ги плаќаат сметките,  а за тоа не ја добиваат потребната  услуга. Се договориме  доколку се јави потреба, ќе побараме помош и од останатите општини во скопскиот регионот да  помогнат со механизација, како и од општествено одговорните компании кои и досега се вклучуваа во поголем број акции што ги преземавме во минатиот период и во изминатите неколку дена.  Се надеваме и апелираме ,,Дрисла“ да не  прави опструкции и да ги пропушта возилата со кои ќе се транспортира отпадот.   Сите сакаме чист град  во континуитет и  ме радува што на оваа денешна координација беше покренато и прашањето за взаемно делување и во следниот период и изнаоѓање на најсоодветно решение што ќе доведе до трајно расчистување со предизвиците со  хигиената во градот. Во период  после изборите  , како што ветив , по преземањето на функцијата на градоначалник на Град Скопје  ќе го исчистам градот во првите 72 часа  и ќе ставам крај на оваа агонија.“ 

Ова го истакна, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како  заклучок и пред медиумите, од  состанокот на скопските градоначалници, свикан по барање доставено до ЗЕЛС од  градоначалникот на Општина Центар,  Горан Герасимовски. Состанокот се одржа во просториите на Општина Кисела Вода на  22 октомври, 2025 година, на повик на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. На состанокот присуствуваа  поголем број од  градоначалниците на скопските општини, меѓу кои: на Општина Чаир Висар Ганиу, на Општина Ѓорче Петров,  Александар Стојкоски; на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш; на Општина Центар,  Горан Герасимовски, на општина Аеродром, Дејан Митески и на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тие се договорија за преземањето на конкретни чекори  и  координирани активности за решавањето на предизвиците со насобраниот комунален отпад во градот Скопје, за следниот период за што ќе побараат и поддршка од механизација и од колеги градоначалници и надвор од градот Скопје.