Неопходна финансиска стабилност на општините, заложба на општините изнесена на годишната конференција „Визија за реформи за одржлив развој и достапни услуги за граѓаните“

 

„Неопходно зголемување на ефикасноста и ефективноста во администрирањето на локалните даноци и такси и дигитализација на процесите на наплатата; реформа на данокот на имот и поттикнување на фискална автономија;  реформа на  блок дотациите и воведување на повеќегодишно програмирање; усогласување со европските стандарди и воведување на зелено буџетирање;  подобрување и воведување на нови модели на распределба на капиталните трансфери;  јакнење на административните капацитети и јакнење на регионалната и меѓу- општинска соработка“. Ова се дел од препораките што беа нагласени во Извештајот од анализата на приходите и расходите на општините во 2024 година, презентиран на традиционалната годишна конференција за локалната власт, што се одржа на 11 декември, 2025 година, во Скопје, во организација на Министерството за локална самоуправа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). На конференцијата беа поканети сите градоначалници, претставници од општинските совети и од општинската администрација, кои имаа можност да дискутираат на темата „Визија за реформи за одржлив развој и достапни услуги за граѓаните“ заедно со претставниците од централната власт и со други важни чинители од земјата и од странство, кои имаат значајна улога во креирањето на политики од оваа област. 

Од името на ЗЕЛС пред присутните се обрати Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, а говореа и министерот за локална самоуправа Златко Перински и министерот за  дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и амбасадорите на Швајцарија, Кристоф Зомер, на Шведска, Ола Сулстром и заменик постојан претставник на УНДП во нашата земја, Ана Чернишова.

„Од голема важност  за локалната власт,  во следниот период е  конечно и  сериозно да  се поработи на обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините. И покрај бројните досегашни укажувања од страна на општините и на ЗЕЛС, не беше направено нешто посериозно во оваа насока. Добро е што Владата во минатата и во оваа година даде силна финансиска поддршка на општините за реализирање на бројни инфраструктурни проекти, но тоа не треба да е чин на добра волја, туку законски структуриран систем на финансии што секоја општина ќе може да ги очекува и планира соодветно за потребниот развој. Ова го говорам од аспект што навистина е потребно да се разбере суштината и тежината на улогата на градоначалникот, на општинската администрација и на советниците, кои секојдневно и непосредно се соочуваат со потребите и очекувањата на граѓаните. За реализирање на своите потреби, граѓаните првенствено се обраќаат во општината, од таму бараат помош и поддршка, како во однос на обезбедување на некоја услуга, но многу често за  некој социјален, па дури и индивидуален проблем“. Ова го истакна извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ при тоа посочувајќи дека децентрализацијата на власт  и префрлање на нови надлежности траба што поскоро да се случи и во делот на социјалните услуги. Во однос на најавите за забрзана дигитализација на општинските услуги Перишиќ нагласи дека ЗЕЛС е на иста бранова должина години наназад, што го потврдува и со практичната примена на неколку дигитални услуги за општините, но и со континуираното барање за обезбедување на софтвер за наплата на данок на имот.

На Конференцијата, освен изнесените анализи од спроведените  истражувањата: за задоволството на граѓаните од локалните услуги за 2025 година и Годишниот  извештај за финансирањето на општините за 2024 година, беа поставени и две сесии. Првата сесија се однесуваше на темата- ,,Видици за унапредена децентрализација и локално управување“ на која, меѓу останатите говорници зборуваше и Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар и Дејан Митески, градоначалник на Општина Аеродром. Тие изнесоа одредени предизвици со кои се соочува локалната власт, но исто така посочија и на одредени важни иницијативи за законски измени што досега преку ЗЕЛС се изнесени пред централната власт, а во насока на подобрување на состојбите на локално ниво. На оваа сесија претставник од Министерство за јавна администрација на Република Словенија, Уршка Ремиц, ги сподели искуствата за состојбите и реформите на локалната власт во оваа земја,  каде бројот на единици на локална самоуправа од 62, во 2012 година е зголемен на 212, со цел зголемена демократија и  непосредност на граѓаните со локалната власт, но посочи дека се направени  и реформи во финансирањето на општините. На втората сесија се говореше на темата „Надградба на локалниот развој преку иновативни и квалитетни услуги за граѓаните, каде говореа и Марија Нацева, градоначалничка на Општина Неготино и Светлана Колариќ, претседателка на Советот на Општина Кисела Вода.

На конференцијата беа изнесени важните чекори за идниот развој на локалната самоуправа во нашата земја, каде потребата од поголема посветеност кон дигитализацијата на услугите, за платформата за интероперабилноста на податоците, за нагласената потреба од меѓу-општинска соработка и примената на методата за следење на оваа соработка; за јакнењето на инспекцискиот систем; за улогата на најавениот Ресурсен центар  за поддршка на општините и друго.