Генералното собрание на ЗЕЛС ќе ја одржи конститутивната седница на која ќе ги избере члeновите на Управниот и на Надзорниот одбор
Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија, на 18 декември, 2025 година (четврток) во хотелот ,,Александар Палас“, со почеток во 12.00 часот, ќе ја одржи конститутивната седница. Конституирањето на ова тело се одржува во согласност со Статутот на ЗЕЛС, во рок од три месеци по спроведувањето на локалните избори. Делегатите на оваа седница ќе ги изберат членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС и на Надзорниот одбор на ЗЕЛС.
Во рамките на овој настан, новоизбраните членови на Надзорниот одбор на ЗЕЛС ќе одржат конститутивна седница на која ќе изберат свој претседател, а Управниот одбор на ЗЕЛС на конститутивната седница ќе избере претседател и двајцата потпретседатели, кои воедно го претставуваат и претседателството на ЗЕЛС. Потоа новиот претседател на ЗЕЛС ќе се обрати пред делегатите на Генералното собрание.
На дневен ред на седницата на Генералното собрание ставена на разгледување е и Предлог -Стратегијата на ЗЕЛС за 2026-2030 година, во која е утврдена визијата и мисијата на ЗЕЛС, како и стратегиските цели за следните пет години. Делегатите на Собранието ќе дискутираат и за Финансискиот и за Акцискиот план на ЗЕЛС за 2026 година, како и за други актуелни предизвици, во локалната власт.
Управниот одбор на ЗЕЛС во својот состав има 19 градоначалници. Градоначалникот на Град Скопје, според Статутот на ЗЕЛС, по функција е член на Управниот одбор . На седниците на Управниот одбор се повикува и претседателот на Надзорниот одбор, кој нема право на глас. Мандатот на членовите на ова тело е четири години. Надзорниот одбор на ЗЕЛС во својот состав брои пет градоначалници, со мандат од четири години
Во следниот период ќе бидат формирани и повеќе комисии, составени од градоначалници, во кои се обработуваат прашања поврзани на одредена надлежност од локалната самоуправа. Управниот одбор ќе избере и други кандидати што ќе ја претставуваат Заедницата во некои домашни и странски органи и институции. Во рамките на ЗЕЛС се утврдуваат и членовите на специјализираните мрежи, кои се составени од претставници од општинската администрација.