Подготвено специјално издание на Гласилото на ЗЕЛС со кратки биографии од градоначалници

Во овој број на Гласило на ЗЕЛС, како своевидно специјално издание што се прави  традиционално по завршувањето на секој циклус на локални избори, објавени се кратки биографии на сите градоначалници и на четворицата повереници избрани од Владата на РСМ. Биографиите и фотографиите на градоначалниците, како и контактите од советниците се добиени од општините, односно испратени се по електронски пат и служат за обновување на базата на податоци на ЗЕЛС со цел остварување на натамошна секојдневна, непречена и взаемна комуникација.

Во таа насока, на сите градоначалници и на сите советници избрани на локалните избори одржани во октомври и ноември оваа 2025 година, ЗЕЛС им ја честита победата и им посакува успешно спроведување на надлежностите. Довербата добиена од граѓаните треба да претставува силен поттик за реализирање на најавените проекти, за создавање на поквалитетни услуги и подобар живот за жителите на општините.

Како и досега, така и во иднина, ЗЕЛС ќе продолжи со континуираната поддршка, подеднаква за сите општини, преку реализирањето на зацртаните стратегиските цели и преку  лобирањето за исполнување на СИСТЕМАТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ на ЗЕЛС. Лобирањето за решавање на бројните предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, обезбедувањето на поквалитетни законски решенија, продлабочувањето на процесот на децентрализација и обезбедувањето на поголема  финансиска стабилност  се  од приоритетно значење за ЗЕЛС и за сите единици на локалната самоуправа. При тоа  ЗЕЛС ќе продолжи и со активностите за континуирано јакнење на капацитетите на општинската администрација, како и со поддршката на општините во спроведувањето на постојните, но и на нови електронски услуги за граѓаните. ЗЕЛС се покажа и докажа како значајна организација во земјава, но и во странство, а една од нејзините најсилни алатки за постигнатите успеси е градењето и одржувањето на единството на сите нејзини членки. Затоа како една од приоритетните заложби на сите општини  треба да биде и одржувањето на ова единство, но и негово издигнување на уште повисоко ниво. 

Гласило на ЗЕЛС, Ноември 2025