Генералното собрание ја одржа конститутивната седница
Новиот состав на Генералното собрание на ЗЕЛС на 18 декември, 2025 година во хотелот „Александар Палас“ ја одржа конститутивната седница, со што во целост беше запазена одредбата од Статутот на ЗЕЛС, конституирањето на овој највисок орган на Заедницата да се одржи не подоцна од три месеци од спроведувањето на локалните избори. Присутните го утврдија работното претседателство за водење на оваа конститутивна седница, кое традиционално се избира од редот на градоначалници кои имаат искуство и добри познавање за статутарните одредби на ЗЕЛС и процедурите што треба да се запазат во текот на седницата. Во таа насока присутните го избраа Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар и Блерим Сејдиу, градоначалник на Општина Желино.

Присутните ги избраа и членовите на Верификационата комисија во состав : Виктор Паунов- градоначалник на Општина Карбинци, 2. Даут Беќири – градоначалник на Општина Арачиново и Блаже Шапов - градоначалник на Општина Богданци. Тие потврдија дека од 82 делегати, присутни на седницата се 67 градоначалници и претседателот на Совет на Град Скопје, што во согласност со Статутот на ЗЕЛС, го прави ова тело легитимно да одлучува на седницата.
По усвојувањето на Дневниот ред, делегатите го избраа и составот на Кандидационата комисија: 1. Марија Нацева- градоначалник на општина Неготино. 2. Мухамед Елмази- градоначалник на општина Сарај и Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров. Предлозите на оваа Комисија за членови на Управниот одбор на ЗЕЛС и на Надзорниот одбор на ЗЕЛС беа едногласно прифатени. За време на паузата од седницата на Генералното собрани, избраните челнови на овие тела одржаа поединечно, конститутивни седници на кои ги избраа претседателството на Управниот одбор на ЗЕЛС и претседателот на Надзорниот одбор на ЗЕЛС.
За членови на Управниот одбор на ЗЕЛС (од редот на градоначалници) беа избрани:
1. Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Град Скопје – член по функција
2. Изет Меџити - градоначалник на општина Чаир
3. Горан Герасимовски - градоначалник на општина Центар
4. Соња Стаменкова - градоначалник на општина Македонска Каменица
5. Еркан Арифи - градоначалник на општина Липково
6. Фисник Мела- градоначалник на општина Дебар
7. Блерим Сејдиу – градоначалник на општина Желино
8. Бобан Стефковски- градоначалник на општина Гази Баба
9. Максим Димитриевски- градоначалник на општина Куманово
10. Дејан Митески- градоначалник на општина Аеродром
11. Јане Мицевски градоначалник на општина Сопиште
12. Борче Митевски – градоначалник на општина Петровец
13. Иван Јорданов – градоначалник на општина Штип
14. Дејан Владев – градоначалник на општина Свети Николе
15. Ѓорѓе Божинов – градоначалник на општина Ново Село
16. Петар Јанков градоначалник на општина Струмица
17. Митко Јанчев градоначалник на општина Кавадарци
18. Тони Коњановски – градоначалник на општина Битола
19. Кирил Пецаков – градоначалник на општина Охрид
За членови на Надзорниот одбор на ЗЕЛС од редот на градоначалници беа избрани:
1. Фети Абази – градоначалник на Општина Боговиње
2. Ванчо Митев- градоначалник на Општина Зрновци
3. Дејан Проданоски - градоначалник на Општина Прилеп
4. Димитар Костадиноски - градоначалник на пштина Јегуновце
5. Марко Колев - градоначалник на Општина Велес
Поради сложеност на постапката за избор на осумте членови (од вкупно 9 членови) на Комитетот на советите при ЗЕЛС, кои се бираат со по еден претставник од општинските совети од секој од осумте плански региони, делегатите го овластија Управниот одбор на ЗЕЛС на некоја од своите следни седници да ја спроведе постапката и го утврди составот на ова тело, чии членови воедно се и делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС. Претседателот на Советот на Град Скопје, Димитровски Даме, кој според Статутот на ЗЕЛС, по функција е член на Комитетот на советите при ЗЕЛС, а со тоа и член на Генералното собрание, присуствуваше на оваа конститутивна седница на генералното собрание. Беше нагласено дека во следниот период ќе бидат избрани и членовите на комисиите во ЗЕЛС, кои се формираат според надлежностите на локалната власт. Исто так, во следниот период ќе бидат избрани и другите кандидати што ќе ја претставуваат ЗЕЛС во некои домашни и странски органи и институции, а ќе се ревидира и составот на специјализираните мрежи, каде учествуваат претставници од општинската администрација.
Усвоен Стратегискиот план на ЗЕЛС за 2026-2030 година
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, пред делегатите на Генералното собрание ја презентираше Предлог Стратегијата на ЗЕЛС за периодот 2026-2030 година. Таа ја изнесе визијата и мисијата на ЗЕЛС за развивањето и унапредувањето на локалната власт во земјата за следните пет години и за активностите што Заедницата планира да ги преземе во таа насока. Во стратегијата се утврдени три главни стратегиски цели: 1. Застапување и лобирање за членките.2. Услуги. 3. Развој на капацитетите. Посочи дека застапувањето на единиците на локална самоуправа е основната функција на ЗЕЛС, односно лобирањето за подобрување на законската регулатива чии одредби засегаат одредени надлежности на локалната власт. Впрочем и во европското законодавство и кај нас околу 70% од законската регулатива во една земја, во своите одредби има допирни точки, кои опфаќаат одредено регулирање на овластувања на единиците на локална самоуправа. Во таа насока поддршката на органите и телата на ЗЕЛС, како и преговорите со институциите од извршната, но и соработката со законодавната власт ќе заземаат централна позиција во работењето на ЗЕЛС. Перишиќ нагласи дека посебно внимание во следниот период се планира да се посвети и на реализирање на таканаречените ,,буџетски преговори“, со ресорното министерство, што е утврдено и во Меморандумот на ЗЕЛС и Владата, потпишан во 2024 година. Од не помало значење е и обновувањето на соработката на ЗЕЛС со Парламентот на РСМ и ревидирање на Меморандумот за соработка потпишан со оваа институција. Во делот на услугите, ЗЕЛС во континуитет ги јакне капацитетите на општинската администрација, преку ЗЕЛС тренинг центарот, но исто така обезбедување и одржување и поддршка на електронските услуги што општините им ги нудат на своите граѓани, како што се: градежната дозвола; Приоритет во следниот период е и реализирањето на повеќегодишното барање на ЗЕЛС за обезбедување на софтвер за следење и плаќање на данок на имот, при што се залага неговото одржување и поддршка да ги спроведува Заедницата, по примерот на досегашните електронски услуги за општините. Во рамките на оваа стратегиска цел е и информирањето на општините што ЗЕЛС го прави секојдневно и речиси повеќекратно во денот, со корисни информации за локалната власт. Таа апелираше општините да обезбедат непречен проток преку електронска пошта , за пренос на информациите, но исто така нагласи за потребата општините редовно и навремено да одговараат на барањата од ЗЕЛС за доставување на мислења, особено за оние кои се однесуваат на доставени предлог -закони. Во третата стратегиска цел се предвидени активности што се однесуваат на искористување на европските фондови, спроведување на зелена агенда, социјална заштита, најдобри практики и слично . Присутните едногласно го усвоија новиот Стратегиски план на ЗЕЛС 2026-2030 година.
Генералното собрание ги усвои Буџетот на ЗЕЛС и Акцискиот план на ЗЕЛС за 2026 година
Генералното собрание ги усвои: Финансискиот план на ЗЕЛС и Акцискиот план на ЗЕЛС за 2026 година, веднаш по нивното презентирање од страна на извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ. Беше нагласено дека Буџетот на ЗЕЛС е во согласност со Акцискиот план на ЗЕЛС за следната година, а тој пак во согласност со стратегиските цели на ЗЕЛС. Беше посочено дека приходите на ЗЕЛС во најголем процент се средства од членарината и средствата за користењето на електронските услуги што ги плаќаат општините на ЗЕЛС. Апелираше редовно и навремено извршување на овие обврски со што општините ќе си обезбедат и одредени попусти. Во спротивно, според донесена одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС, на општината може да и биде блокирано користењето на електронските системи што ги одржува ЗЕЛС и затоа не би требало да си дозволат ваква ситуација . Извршната директорка на ЗЕЛС нагласи дека долгот на општините кон ЗЕЛС изнесува околу дваесет милиони денари и дека и тука е воспоставен систем на склучување на договор за постепена отплата на долгот. Нагласено беше дека Буџетот на ЗЕЛС за 2026 година ќе изнесува 46 милиони и седумстотини илјади денари.










