Ѓорѓиевски, Герасимовски и Меџити го сочинуваат новото претседателство на ЗЕЛС- утврди Управниот одбор на ЗЕЛС на конститутивната седница

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, на конститутивната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, што се одржа за време на паузата на седницата на Генералното собрание, беше по втор пат избран за претседател на ЗЕЛС, за претстојниот мандат во од 2025-2029  година. За потпретседатели на ЗЕЛС, членовите на Управниот одбор довербата им ја дадоа на Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар и на Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир. Претседателот на Управниот одбор на ЗЕЛС и потпретседателите на Управниот одбор на ЗЕЛС, според Статутот на Заедницата,  воедно го претставуваат и новото претседателство на ЗЕЛС.

Управниот одбор на ЗЕЛС брои вкупно 22 члена, со мандат од четири години. Членови се 19 градоначалници, како и тројца општински советници од составот на Комитетот на советите при ЗЕЛС, од кои право на глас има само еден член. На оваа конститутивна седница присутните посочија дека за краток рок треба да се одржи нова седница, на кој ќе бидат избрани и претставници од ЗЕЛС, во други домашни и странски организации,  како и дека е потребно да се  предложат и членови за одредени комисии во ЗЕЛС. Во интерес на времето, членовите на УО не развија поголема дискусија, но сепак нагласија дека во овој мандат од приоритетно значење за единиците на локалната власт треба да биде лобирањето за продлабочување на децентрализацијата на власта во земјата, со целосно почитување на  одредбите од Европската повелба за локална самоуправа, каде за  секоја  префрлена надлежност на општините треба да им бидат префрлени и соодветни финансиски средства за нивно спроведување. Беше посочено дека лобирањето за подобрување на финансирањето на единиците на противпожарна заштита вродило со резултати и во Буџетот на државата за следната година одвоени се значително повеќе средства за оваа намена. Исто така, беше нагласено дека прашањата за утврдување на обврските и надлежностите на општинската комунална полиција ќе бидат една од главните теми за дискусија на Управниот одбор на ЗЕЛС на следните седници, особено што ЗЕЛС веќе има подготвено и Предлог законско решенија за општинска комунална полиција По завршувањето на седницата, Претседателот на ЗЕЛС се обрати на членовите на Генералното собрание на ЗЕЛС.