Претседателот на ЗЕЛС, пред делегатите на Генералното собрание, ги изнесе приоритетните заложби на локалната власт за следниот период
По изборот на новото раководство на ЗЕЛС и изнесените изјави пред присутните медиуми, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски се обрати и пред делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС. Тој изрази голема благодарност за укажаната чест од страна на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС и нагласи дека во следниот период ќе се труди максимално да ја оправда дадената доверба. Му честиташе на изборот и на новоизбраниот потпретседател на ЗЕЛС, Горан Герасимовски, како и на Изет Меџити, кој од оправдани причини не присуствуваше на седницата. Ѓорѓиевски изрази надеж дека тројцата ќе воспостават меѓусебна одлична соработка, но исто така нагласи уверување дека добра соработка ќе гради и со членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС и со членовите на другите тела и органи на Заедницата, како и со сите единици на локална самоуправа во земјава.

-„Оптимист сум дека ќе имаме еден успешен мандат, кој ќе остави значаен белег во реформирањето и унапредувањето на локалната самоуправа во земјава и во процесот на продлабочувањето на децентрализацијата на власта. Тој оптимизам го темелам на неколку причини. Сметам дека после дваесет години имплементација на надлежностите на локалната власт, созреани се состојбите за преземање на соодветни реформи и продлабочување на децентрализацијата во нашата земја. Потоа, мислам дека во овој мандат имаме наталожено доволно искуство, бидејќи повеќе од половина од градоначалниците, како и многу советници имаат најмалку еден мандат зад себе, а некои и повеќе. Многу ме охрабрува и континуираната поддршка што ја добиваме од Владата, а како потврда е и обезбедувањето на средствата за инфраструктурниот бум што сега се реализира во општините . Таа покажа дека унапредувањето на локалната власт е еден од нејзините приоритети во својот мандат. И последно, но не и најмалку важно за мене е единството што постои во ЗЕЛС, како наша најголема алатка во лобирањето пред централната власт“, нагласи Ѓорѓиевски во своето обраќање.
Според Ѓорѓиевски најголем приоритет на сите единици на локална власт и на ЗЕЛС во следниот период ќе биде обезбедувањето на поголема финансиска самостојност на општините, во согласност со состојбите и можностите на државата. Факт е дека досега само околу 5% од бруто домашниот производ се одвојува за општините. Заложбата на ЗЕЛС и понатаму останува да се обезбеди најмалку 10% од зафаќањето од ДДВ и 50% од персоналниот данок, во полза на општините. Тој нагласи дека ЗЕЛС посериозно ќе се фокусира и на консолидирањето во сопствените редови, во насока дека секоја општина треба да пристапи кон повторно ажурирање, репроценка и собирање на своите даноци, особено на данокот на имот. За ова прашање се дискутирало на седниците на Управен одбор и на Генерално собрание и во претходниот период, но овие разговори, според Ѓорѓиевски треба да се интензивираат се до средување на оваа состојба.
Од не помало значење, за Ѓорѓиевски е и заложбата на ЗЕЛС за продлабочување на децентрализацијата на власт, особено во делот на социјалните услуги, а потоа и во културата, земјоделството, шумарството и слично. Беше посочено дека во рамките на ЗЕЛС веќе е подготвено анализи за префрлање на центрите за социјала работа, како и компаративна анализа на искуствата од повеќе земји од регионот, а одржани се и средби на кои се запознаени претставниците од соодветното министерство.
Како и пред Управниот одбор на ЗЕЛС, така и пред делегатите на Генералното собрание, Ѓорѓиевски го потенцира значењето на воведување на општинската комунална полиција, барање на ЗЕЛС кое е прифатено и ставено во измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа. Тој ги информираше делегатите дека ЗЕЛС има подготвено и Предлог Закон за уредување на оваа дејност и дека се надева на интензивни претстојни договори со надлежните министерства околу дефинитивната законска верзија. Ѓорѓиевски нагласи дека има уште многу важни теми за дискусија во рамките на телата и органите на ЗЕЛС, за преговарање со Владата, меѓу кои се: дигитализацијата на услугите кон граѓаните, планската документација и урбанизација, предизвиците околу јавните комунални претпријатија и друго. Најголем дел од овие прашања, но и многу предлог-решенија од речиси сите надлежности на општините, се утврдени во документот -„СИСТЕМАТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ НА ЗЕЛС“, кои се ревидираат секоја година од страна на општините, пред да се пристапи во преговори со централната власт. На крајот од своето обраќање, претседателот на ЗЕЛС на делегатите им посака успешен четиригодишен мандат, како и добро здравје во Новата 2026 година.
