Имплементирање на новите методологии за блок дотациите за основно и средно образование за општините, за 2026 година
Распределбата на средствата за блок дотациите за општините, за основно и за средно образование, за следната 2026 година, ќе се врши според новите методологии, донесени на крајот на месец јули, минатата година. Со тоа се очекува да се обезбеди ефикасна и правична распределба на потребните ресурси и да се обезбедат потребните средства за да можат општините соодветно ја спроведуваат оваа надлежност. ЗЕЛС во изминатиот период во континуитет укажуваше на недостатокот на средства во образованието речиси во целиот период на дваесетгодишната имплементација на децентрализацијата на власта во земјава и тоа за најмалку 30% . Затоа ЗЕЛС зема активно учествуваше со свои ставови и предлози при креирањето на двете предлог -формули. Особено даде поддршка за прифаќањето на утврдувањето на основен (стандарден) трошок по учени, како појдовна основа во пресметувањето, што е и долгогодишно барање на ЗЕЛС.
За 2026 година, основен трошок по ученик во основно образование изнесува 112,747,00 денари , а за средно образование -103,589,00 денари
Според формулата, распределбата на блок дотациите ќе се спроведува по критериумот: основен трошок по ученик, а потоа се вклучуваат и две компоненти: основна компонента и варијабилна компонента. Па така, во новата Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите за основно образование по општините за 2026 година, основниот трошок по ученик на годишно ниво е утврден во висина од 112,747,00 денари, а во Уредбата за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите за средно образование по општините за 2026 година, основниот трошок по ученик е утврден на 103.589,00 денари. Основниот трошок по ученик ги содржи трошоците за: плата и придонеси, трошок за вода, струја, смет, греење и останати комуналии, хигиена и тековно одржување, наставни материјали, стручно усовршување на вработените и друго, со тоа што кај основно образование е вкалкулиран и трошокот за еднодневен излет. Основната компонента е збир на вредности на основните трошоци на сите училишта кои се во надлежност на општината и се пресметува со множење на основниот трошок по ученик со коефициентот на прилагодување на училиштето со вкупниот број на ученици во училиштето на почетокот на тековната учебна година. Во новата формула се утврдени и коефициенти на степенот на развој на училиштето (од прв до четврт степен на развој и заштитено училиште) што се утврдува врз основа на нормативи и стандарди за училишните простории, опрема и наставни средства за основните училишта во РСМ. Во варијабилната компонента влегуваат : трошок за превоз на учениците, трошок за ученик со посебни образовни потреби, надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалкубројните етнички заедници, трошок за екскурзија за ученици во социјален ризик, надоместок за ученици кои следат настава во подрачните училишта. Во општините каде пресметаната блок дотација според новата формула е пониска од последно утврдената блок дотација во Буџетот на РСМ, се поставува ограничување на најголемото можно намалување на вкупната дотација, во износ од 5% од претходно утврдената блок дотација. Во општините каде пресметаната блок дотација според новата формула е повисока од последно утврдената блок дотација во Буџетот на РСМ се додаваат дополнителни средства во висина од релативното учество на блок дотацијата за таа општина во вкупната блок дотација за општините со поголеми дотации, а во рамки на дополнително доделените средства, зголемени за заштедите остварени во општините кои добиле помалку средства. Во новата формула се предвидува и ,,развојната компонента,, која се планира да се воведе од 2028 година.
Реализирани обуки за општините за распределбата на блок дотациите за образование
Со цел општините подетално да се запознаат со двете нови формули, а особено како понатаму добиените средства треба да ги распределат по своите училишта, беа организирани соодветни обуки за претставниците од општинската администрација. На иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН), во соработка со УНИЦЕФ и Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), поддржани од Светска банка, беа реализирани шест обуки во периодот ноември-декември, а седмата обука ќе се реализира во јануари 2026 година. На обуките беа поканети по двајца претставници од секоја општина, од одделението за финансии и за образование. Обуките ги реализираше ЗМАИ, а ЗЕЛС даде поддршка во делот на координирањето на општините.
Од особена важност за присутните беше можноста да се запознаат со новите нормативи и стандарди за основно образование (училишната мрежа, просторот, опремата, одржливоста и наставните средства....), важно при утврдувањето на степенот на развој на училиштата. Добија информации за состојбата на постојната училишна мрежа во државата, односно големиот број на подрачни училишта во однос на централните и анализи поврзани со изработката на плановите за оптимизација на училишната мрежа. Тоа е во насока на исполнување на целта за спроведување на настава само во прва смена и обезбедување на еднаков услови и пристап на секој ученик. Присутните имаа можност да добијат поширока слика и за состојбите со наставниот кадар; намалувањето на бројот на ученици во поголемиот број училишта; за соодносот ученик-наставник и слично. Изработен е и Прирачник за подготовка на план за оптимизација на училишната мрежа, што во електронска форма е испратено до секој учесник на обуката, а присутните беа информирани дека се подготвува и калкулатор за пресметка на распределбата на средствата, што треба да претставува дополнително олеснување за општината. Беше посочено дека досега 33 општини, добиваат стручна поддршка во спроведување на процесот за изработка на План на општината за оптимизација на училишната мрежа и дека во следниот период, со примената на новата формула, сите општини ќе почувствуваат потреба да изработат таков План.
Карактеристики на стандардно училиште
Од особена важност за претставниците од општините беа насоките за тоа кои се карактеристиките на едно стандардно училиште, меѓу кои беа посочени: три паралелки во секоја учебна година ; 20 ученици по паралелка ( според законскиот минимум) ; 1,6 наставници по паралелка во одделенска настава и 1,91 наставници по паралелка во предметна настава ; 4,6m2 по ученик површина внатре во училиште по ученик и 15m2 дворна површина по ученик (според новиот норматив) ; број на раководен, административен, стручен и технички кадар како и ред други карактеристики од каде се тргнува со основна пресметка, која се надополнува со пресметки по коефициенти на променлива и варијабилна. Присутните истакнаа дека големо задоволство од реализираните обуки, при што укажаа дека при имплементацијата на планот за оптимизација на училишната мрежа, на општините ќе им треба поддршка и голема координација со министерството за образование и наука во повеќе сегменти: капитални инвестиции, распределба на вишок наставен кадар, обезбедување на соодветен превоз на ученици, особено од непристапните подрачја и слично.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
