ЗЕЛС го подготви новото, шесто издание на „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините 2025-2029 “

ЗЕЛС, традиционално по шести пат подготви „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините 2025-2029 “ и истиот  во електронска форма го достави до сите локални функционери кои се избрани на локалните избори спроведени во октомври- ноември 2025 година. Прирачникот е своевидна ,,честитка,, од ЗЕЛС на лицата кои на изборите обезбедија доверба од граѓаните, во насока на нивно брзо осознавање на надлежностите на локалната власт и обврските што тие во текот на нивниот четиригодишен мандат треба да ги спроведуваат. Главната цел на Прирачникот е избраните локални функционери што побрзо да се запознаат со организацијата, надлежностите и законските обврски на општината, но и со одговорностите на општински советник и градоначалник. Од особена важност се областите што се однесуваат на финансирањето на општината, донесувањето на буџетот, развојот на локалната економија, просторното и урбанистичко планирање, комуналните услуги, руралниот развој, образованието и заштитата на животната средина, кои во Прирачникот се разработени на поедноставен и лесно разбирлив начин. Од не помало значење за општините се и активностите во градењето на е-општина, воспоставувањето европски стандарди на услугите кон граѓаните, развивањето на транспарентното работење и информирање на јавноста, градењето на добрите релации со граѓанските организации и создавањето општина по европски модел, па поради тоа и за овие теми е одвоено соодветно место во ова издание. Прирачникот претставува и основа за натамошно унапредување на заедничките напори во насока на обезбедување модерни европски општини во кои граѓаните ќе добиваат квалитетни услуги и ќе имаат подобри услови за живот. Прирачникот е замислен да му биде при рака на  секој градоначалник и советник, како значаен извор за црпење на потребните информации при донесувањето на важните одлуки од локално значење.

 Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините 2025-2029