Подготвен новиот број на Гласилото на ЗЕЛС

Во овој број на Гласило на ЗЕЛС  подетално ќе се запознаете со изборот на нови членови  во  органите и телата на ЗЕЛС, утврдени по спроведувањето на локалните избори организирани во периодот ноември – декември 2025 година. Во  согласност со Статутот на ЗЕЛС беше одржана конститутивната седница на највисокото тело на Заедницата – Генералното собрание на ЗЕЛС. На оваа седница делегатите го утврдија составот на Управниот одбор и на Надзорниот одбор, кои пак на своите конститутивни седници го избраа своето раководство. Управниот одбор на ЗЕЛС за претседател го избра Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, кој оваа функција ќе ја извршува по вторпат, а за потпретседатели на ЗЕЛС беа избрани: Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар. Претседателот на Управниот одбор на ЗЕЛС и потпретседателите на Управниот одбор на ЗЕЛС, според Статутот на Заедницата, воедно го претставуваат и новото претседателство на ЗЕЛС. Надзорниот одбор на ЗЕЛС, на својата конститутивна седница, за претседател го избра градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски. Поради сложеноста на постапката за избор на осумте членови (од вкупно 9 члена) на Комитетот на советите при ЗЕЛС, делегатите на Генералното собрание донесоа одлука со која еднократно го овластија Управниот одбор, во име на Генералното собрание, на  некоја од своите следни седници да донесе одлука за утврдување на составот на членовите на ова тело. 

На седницата на Генералното собрание се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој искажа длабоко убедување дека токму во овој мандат 2025 – 2029 година ЗЕЛС ќе остави значаен белег во реформирањето и унапредувањето на локалната самоуправа во земјава и во процесот на продлабочување на децентрализацијата на власта. Генералното собрание на ЗЕЛС ги разгледа и ги усвои: Финансискиот план и Акцискиот план на ЗЕЛС за 2026 година, но и новиот Предлог- стратегиски план на ЗЕЛС за 2026 – 2030 година. ЗЕЛС, традиционално по шести пат, подготви „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините, 2025 – 2029“ и во електронска форма го достави до сите локални функционери.

Во текот на декември, ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт отвори нов циклус за лиценцирање на административните службеници од општините за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште. Во ЗЕЛС тренинг центарот, на 10 и 11 декември 2025 година, беше организирана почетна обука, по што ќе биде организирано и полагање на испитот.  

Распределбата на средствата за блок дотациите за општините, за основно и за средно образование, за следната 2026 година, ќе се врши според новите методологии, донесени на крајот на јули, минатата година. ЗЕЛС активно учествуваше со свои ставови и предлози при креирањето на двете предлог-формули. Со цел општините подетално да се запознаат како понатаму добиените средства треба да ги распределат по своите училишта, беа организирани соодветни обуки за претставниците од општинската администрација, каде ЗЕЛС повторно даде соодветна поддршка во координацијата со општините.

Гласило на ЗЕЛС, Декември 2025