Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа втората седница

Управниот одбор на ЗЕЛС на 30 јануари, 2026 година, во просториите на ЗЕЛС ја одржа втората седница. Присутните  дискутираа за значајни  предизвици со кои се соочуваат општините при спроведувањето на надлежностите, а исто така номинираа и претставници од ЗЕЛС за членови во одредени домашни и странски институции. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски им честиташе на членовите на Управниот одбор за изборот, посака голема ангажираност од секој поединечно  и изнесе одредени приоритети за реализација, меѓу кои ја нагласи важноста за реализирање на иницијативата за обезбедување на општинска комунална полиција.

 

Неопходно забрзување на процесот на пополнување на базата на податоци во Информационен систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР)

На почетокот на седницата на УО, присуствуваше и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој ја нагласи  потребата за  забрзување на процесот на реализирање на обврските од страна на сите јавни институции во државата за внесување на потребните податоци во надградениот и модернизиран Информационен систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР. Станува збор за единствен регистар на државата, во кој ќе се евидентираат сите податоци за  вработените во  институциите во јавниот сектор, нивната кариера, напредување, но и ќе се обезбеди точна пресметка на платите,  што дополнително ќе обезбеди голема заштеда на средства  што досега секој од овие институции ги трошела за  оваа намена. Беше забележано дека Министерството за јавна администрација и покрај испратените два дописи до сите институции во изминатиот период се соочува со неажурност во нивното спроведување. Затоа Министерството во овој период  ги зајакнува активностите на взаемно координирање, за да не биде принудено во блиска иднина да пристапи и кон спроведување на законските одредби за казнување, поради непостапување или, во координација со УЈП, да утврди  забрана за исплата на  платите во оние институции кои  навремено и целосно не постапиле. Министерот Минчев побара преку ЗЕЛС дополнително да се  испратат дописите  до општините  при што нагласи дека ќе биде утврдена и  листа со тим за поддршка, односно список на лица со кои претставниците од општините ќе може да комуницираат доколку имаат нејасни прашања. Беше посочено дека, како и досега и во следниот период, министерството ќе продолжи со одржување на  обуките за  спроведување на целата постапка, два пати во неделата со физичко присуство и онлајн, а доколку е потребно ќе бидат испратени екипи во општината или институцијата основана од општината за реализирање и на непосредна помош.

Номинирани претставници од ЗЕЛС во повеќе домашни и странски организации каде членува

На дневен ред на седницата беа поставени повеќе точки за номинирање на членови од ЗЕЛС во домашни и странски органи и тела, каде ЗЕЛС има свои претставници. Беше договорено дека за дел од номинациите ќе се направат дополнителни  координации во насока на избор на соодветни лица што одговорно и ефикасно ќе ги реализираат дадените обврски за да не се повторат некои  ситуации  од претходниот мандат, кога  некои од именуваните лица воопшто и не  учествувале на  закажаните состаноци. Управниот одбор на ЗЕЛС на оваа седница гласаше за тројца членови и нивни заменици во Советот на Европа и по двајца членови и нивни заменици во Генералното собрание на НАЛАС и Генералното собрание на Евро-медитеранско регионално и локално собрание ( АРЛЕМ).  Исто така беа избрани двајца  членови во состав на  Советот за статистика на РСМ при Државниот завод за статистика, потоа двајца членови во Комисијата за утврдување на критериуми за распределба на опрема и средства за територијалните противпожарни единици при Дирекција за заштита и спасување и еден претставник од ЗЕЛС во Националниот совет за евроинтеграции во Собрание на РСМ.   По дополнителни координација  ќе бидат утврдени и членовите  на Комитетот на советите при ЗЕЛС. Станува збор за многу значајно тело во рамките на ЗЕЛС, составено од вкупно 9 членови, односно по еден претставник од општинските совети од секој од осумте плански региони во земјата и претседателот на Советот на Град Скопје, кој според Статут на ЗЕЛС е член на ова тело по функција.  Членовите на Комитетот на  советите при ЗЕЛС се воедно и делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС.  Исто така дополнително ќе се утврди и составот на ЗЕЛС од седум члена во Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, како и по единаесет члена и исто толку нивни заменици во Заедничкиот консултативен комитет меѓу РСМ и Комитетот на регионите на Европската Унија. На оваа седница беа избрани и претседателите на три комисии во ЗЕЛС, Комисијата за животна средина и комунални дејности, Комисијата за социјална работа и Комисијата за урбанизам  по што ќе следи и избор на членови во  истите.

Поддржано барањето од Здружението на јавните комунални претпријатија (АДКОМ)

Присутните на седницата го  разгледаа и  доставеното барање од Здружението на јавните комунални претпријатија (АДКОМ) поврзано со пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесени по тужба на повеќе приватни компании за неспроведување на правосилни домашни судски одлуки од страна на државни и општински јавни претпријатија, што се повикувале на одредбите за т.н. ,,нужни средства за работење“ согласно Законот за извршување.   Според пресудите државата е задолжена во рок од три месеци да обезбеди средства  и да овозможи  раздолжување на долговите на јавните претпријатија  кон приватните компании. Примената на овие одлуки ќе има  значајни  последици за непречено спроведување на комуналните услуги во земјата, поради значителните финансиски импликации врз ЈКП. Во таа насока  Управниот одбор го поддржа ова барање и донесе заклучок за формирање на  преговарачки  тим, што ќе биде предводен од Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски кој во најбрз рок треба  оствари средба со Претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски, за изнаоѓање на најсоодветни решенија за надминување на предизвикот.

Управниот одбор го поддржа и барањето на граѓанска иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ 

Управниот одбор го разгледа и го поддржа и барањето доставено до ЗЕЛС од страна на граѓанска иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ во кое е изразено незадоволството од загадувањето поради согорување на токсичен отпад што  предизвикува сериозна закана по здравјето на сите граѓани на Скопје. За да се  надминат овие состојби  се предлага поставување на повеќе мерни станици во просторот околу УСЈЕ и на оџаците; континуирани 24/7 мерења  и јавно прикажување на податоците во реално време; инсталирање на автоматски CEMS кој ќе биде директно поврзан со МЖСПП за континуирано следење, аларм и казнување. При надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка  за целосен престанок  на работа на фабриката и на рудникот. Исто така се посочува и иницијативата за целосно забрана на употреба на високо -загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како што е гасот или водородот.

Изнесени  повеќе актуелни предизвици со кои се соочуваат општините

На оваа седница на Управниот одбор на ЗЕЛС  дневниот ред беше надополни со неколку предлози  од општите : Битола и Тетово, а се дискутираше и по прашања изнесени од градоначалниците на општините: Ново Село, Сарај, Сопиште и Македонска Каменица за актуелни предизвици со кои се соочуваат локалните власти. Во таа насока беше нагласена потребата за дискусија во врска со истекот на рокот за важност на Законот за постапување со бесправно изградени објекти; потребата од измени во Законот за урбанистичко планирање; потоа за иницијативата за зголемување на прагот на висината на средствата што може да се користи без спроведување на јавна набавка и иницијативата за ставање на едно општинско возило на ,,бела листа на возила“ што ги утврдува Министерството за внатрешни работи  заради одредени повластувања во однос на примената на сообраќајниот системот - ,, паметен град“ . Исто така беше нагласена и состојбата во некои општини, со  недовршени, а започнати детални урбанистички планови, каде проектантот не ја обновил лиценцата, а општината нема право да се повика на вториот понудувач во јавната набавка. Во ваква ситуација општината е принудена да започне нова , што ја доведува до дополнителни значајни финансиски трошоци и воедно пролонгирање на многу проекти потребни за развој на економијата и за спроведување на активности на граѓаните. Беше договорено да се иницира  со соодветните министри: за транспорт и за  внатрешни работи или да се повикаат на идна седница на Управниот одбор на ЗЕЛС за да  подетално се дискутира и за овие прашања.