Изнесени предизвиците на општините при имплементацијата на Законот за еднакви можности на жените и мажите

„Утврдување на законска одредба со која ќе се обезбеди задолжително внесување на родовата перспектива во сите планови што ги подготвува општината, во спротивно истите да се сметаат како некомплетни. Обезбедување на обуки за лицата од општинската администрација што ги подготвуваат овие документи, како и за советниците што ги разгледуваат и гласаат по истите на седница на Совет на општината. Утврдување на задолжителни активности на општината за јакнење на свеста за родовата еднаквост кај населението. Поедноставување на содржината на годишните извештаи за напредокот на состојбите со еднаквите можности што општината како законска обврска ги доставува до Министерството. Обезбедување на Прирачник за обврски и активности на локалната власт во унапредувањето на еднаквоста меѓу мажите и жените. Континуирано јакнење на капацитетите на општинските координатори и заменици за еднакви можности и утврдување на законска обврска за систематизирање на оваа работна позиција поради обемноста на обврските што треба да ги реализира општината во оваа област. Продолжување и јакнење на координираните активности меѓу ЗЕЛС и Министерството за поддршка на општините и за јакнење на капацитетите на општинските координатори/заменици  и на Комисиите за еднакви можности  во општините“.

Ова беа дел од заклучоците што произлегоа од дискусијата на координативната средба што се одржа на 11 февруари, 2026 година во просториите на ЗЕЛС на која присуствуваа координаторите и замениците за еднакви можности од општините и претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади. На средбата присуствуваа и општински советници, членови на комисиите за еднакви можности (КЕМ) од неколку општини. Дел од присутните имаат долгогодишно  работно искуство во оваа област, а дел беа ново именувани лица кои имаа можност подетално да се запознаат со обврските и заложбите на општината во насока на обезбедување на еднакви  можности меѓу мажите и жените.  Целта на средбата беше да се изнесат предизвиците со кои се соочуваат општините при имплементацијата на Законот за еднакви можности на жените и мажите и да се споделат иницијативите на локалната власт пред претставниците од министерството, а кои се во насока за унапредување и  натамошно соодветно креирање на родови политики на локално и на национално ниво. Претставниците од општините на средбата споделија и низа добри практики од своето досегашно работење што секогаш служат за инспирација  да се  применат и во другите општини, но послужија и како пренесување на знаењата од поискусните на новоименуваните лица во општините на овие работни задачи. 

Дел од присутните нагласија дека се уште се соочуваат со силен отпор од лицата од одделенијата што ги креираат годишните програми за внесување на родови статистички податоци, а уште помалку и родово сензитивни индикатори. Сепак не беше и мал бројот на општини кои посочија на континуирано зголемување на бројот на програмите во општината што содржат родови податоци. Беше нагласено дека руралните општини немаат доволен кадар кој ќе може целосно да се посвети на оваа важна област од  општественото живеење, а при тоа посочија дека немаат ни развиен граѓански сектор, што  би можел преку партнерски однос со општината да придонесе за придвижување на состојбите, по примерот на голем број урбани општини. Речиси во сите општини беше посочено дека координаторот и заменикот за еднакви можности е именувано лице, кое во исто време има  речиси уште десетина именувања за реализирање на други обврски. Сепак сите посочија дека е охрабрувачки фактот  има и лица кои  при претставувањето на оваа средба се изјаснија дека по систематизација на работни места во општината имаат работна позиција координатор за еднакви можности, односно не се именувани.

Претставниците од Министерство за социјална политика демографија и млади: Светлана Цветковска, раководителка на Сектор за еднакви можности во МСПДМ и Селвер Зендели, советник во овој Сектор, нагласија дека соработката со ЗЕЛС е од исклучително значење и дека ќе продолжи и во следниот период. Тие за дел од годишните извештаи што општините ги доставуваат до Министерството укажаа  дека  изобилуваат со податоци и покажуваат напредок, но дека добиваат и празен формулар на кој стои само  потпис и печат од општина. Посочија на законска можност за санкционирање на ваквите постапки, но засега тоа нема да го преземат, туку дека се отворени секогаш за соработка и поддршка на претставниците од општините, бидејќи токму тие податоци значајно придонесуваат за идните насоки на креирање на родовите политики на државата. Потсетија уште еднаш на важноста на статистичките родови податоци во општинските програми, а особено на вклучување на мерливи индикатори што треба да укажат на напредокот или потфрлањето во даден дел од родовата еднаквост во општината, како и на важноста на креирањето на родово базирани буџети. Ги информираа присутните за  подготовката на извештајот од Акциски план  2025-2027 година, од Стратегијата за родова еднаквост 2022 -2027 година и ги информираа присутните дека во работна верзија е изработена Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026-2033 година, за што следат јавни расправи во кои ќе бидат вклучени општините и координаторите и претставниците на Комисиите за еднакви можности.