Делегација на Националната асоцијација на општини на Албанија во посета на ЗЕЛС
Дванаесетчлена делегација на претставници од Националната асоцијација на општини на Албанија (NAMA) предводени од извршната директорка, Аделина Фаричи, беше во работна посета на ЗЕЛС, на 3 март, 2026 година. Делегацијата беше составена од вработени од NAMA, претставници на форумите на NAMA од општините: Леж, Каваја, Берат, Лушња, Рoсковец, како и замениците -градоначалници на општините: Елбасан и Булкиза и генералниот секретар на Општина Круја. Целта на посетата беше да се разменат искуствата и добри практики од работењето на двете асоцијации и преземените активности во насока на натамошен развојот на децентрализацијата на власта во двете земји.

Гостите од Албанија особено сакаа да се запознаат со начинот на финансирање на ЗЕЛС, но и со поддршката што им ја дава на општините во процесот на спроведување на надлежностите. Претставниците од НАМА нагласија дека започнуваат со реализација на нов Стратегиски план за периодот 2026-2030 година, па во таа насока беа заинтересирани за активностите што ги реализира ЗЕЛС како поддршка на општините, но и за заложбите за продлабочување на процесот на децентрализација на власта. Дел од присутните беа заинтересирани за прашања од областите што се во нивниот делокруг на обврски во асоцијацијата, како што се: образованието, градинките, водоснабдувањето, санитарните услуги и отпадот и за организираноста на општините во делот на цивилната заштита. Исто така, беа поставувани прашања и за предизвиците при спроведувањето на проектите од прекуграничната соработка, преку ИПА фондовите, но и за начинот на обезбедување на средствата што општините треба да ги обезбедат од сопствено учество.
Претставниците од ЗЕЛС, предводени од извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, со задоволство ги пренесоа своите долгогодишни искуства од работењето во Заедницата. Тие посочија низа позитивни искуства од активностите реализирани во општините, но говореа за предизвиците со кои се соочува локалната власт во нашата земја. Се говореше за предизвиците во лобирањето за поголема финансиска стабилност на општините, но и со предизвиците поврзани со активностите за во областите на комуналните услуги, управувањето со отпадот, цивилната заштита, образованието. Беше констатирано дека двете асоцијации во најголем процент се финансираат со средства од членарина од нивните членки, а дополнително и со средства од реализирањето на разни проекти што ги спроведуваат во насока на поддршка на општините. Нагласено беше дека и кај двете асоцијации голем предизвик претставува наплатата на членарината, поради лошата финансиска состојба на општините, при тоа беше изнесено искуството на ЗЕЛС, поврзано со користењето на електронските услуги. На крајот од средбата, претставниците од двете асоцијации се сложија дека непосредната размена на искуства во работењето на асоцијациите од регионот може да придонесе кон поголема и поквалитетна поддршка на општините и кон јакнење на локаната власт во регионот.



