Поддршка на општинската администрација за изработка на План за енергетика на општината

ЗЕЛС во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС)на 23 март, 2026 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организира работни средби за претставниците од општините од областа на енергетиката, со цел подетално да се  информираат за обврските на локалната власт што произлегуваат од Законот за енергетика, донесен во мај, минатата година и од подзаконски акти што произлегуваат од него. Поконкретно се дискутираше за содржината и изработката на Општински годишен енергетски план, што е значајна законска обврска на општината, а што треба да е во согласност со Правилникот за изработка на годишен план за изградба на енергетски објекти и на Правилникот за формата, содржината и методологијата за изработка на општински енергетски план. Претставниците од општините беа поделени во две групи со цел обезбедување на поголема интерактивност во дискусијата со претставниците од МЕРМС.

-,,Во периодот од 1 јануари, до 1 април, во тековната година, општината ги прима иницијативите од инвеститорите за изградба на енергетски објекти со инсталиран капацитет до 1 МW.  Иницијативите пристигнати после овој период општината треба да ги одбие како ненавремени. Иницијативите, освен навремени треба да содржат и комплетна потребна документација, утврдена со Закон. Врз основа на достасаните иницијативи, општината изработува работна верзија на Годишен план за енергетика потпишан од градоначалникот и најдоцна до 15 мај, во тековната година го доставува до МЕРМС, кое по разгледувањето и доставува одговор на општината. Согласно забелешките од МЕРМС ,општината го изработува Годишниот план за енергетика и истиот го доставува  на одобрување од Советот на општината и најдоцна до 1 јуни, во тековната година заедно со примерок од Службено гласило на општината во кој е објавена одлуката на Советот, го доставува до МЕРМС. Ваквиот план на општината се вклучува во Годишниот план за енергетика што на предлог на МЕРМС, го гласа Владата на РСМ и што се донесува  најдоцна до 31 декември, во тековната година. Овие поднесени иницијативи содржани во Планот за енергетика за општината за 2027 година ќе влезат во планот на државата за истата година. Според законските одредби, Министерството за транспорт нема да издава одобренија доколку  иницијативата не  е дел од изгласаниот Планот за енергетика на општината “. Ова накратко пред присутните го изложи државниот секретар на МЕРМС, Горан Јовановски, кој воедно нагласи дека станува збор за голема реформа со која се воведува предвидливост во енергетскиот сектор во земјата, особено што преку навременото планирање треба да се постигне енергетска стабилност на мрежата, но исто така овозможува и заштита на потенцијалните инвеститори да не влегуваат во непотребни трошоци, односно инвестиции. 

Присутните претставници од МЕРМС од првниот сектор и секторот за обновливи извори на енергија, потоа дискутираа за содржината на планот  што треба да го подготви општината во согласност со Правилникот и методологијата. Беше посочено дека освен општи информации за самата општина и анализа на постојната состојба во енергетскиот сектор се утврдува и листата на прифатливи иницијативи од инвеститори наведени по азбучен ред. Накратко беше посочена и техничката документација што треба да ја достават  инвеститорите во самата иницијатива, потоа кога треба да се обезбеди и инсталирање на интегриран складиштен систем  на фото-напонската централа и запазувањето на обврската за полнење и празнење на системот од минимум два часа, како и други важни податоци што треба да ги следи општината.  Се говореше и за  изградба на  енергетски централи на земјоделско земјиште и трансформацијата на истото, како и за други прашања за кои беа заинтересирани претставниците од локалната власт. Присутните го изнесоа предизвикот, со кој се соочуваат голем број општини во однос на недостатокот на  административен кадар од областа на енергетиката и потребата за поголема вклученост во овој процес на претставниците од урбанизам. Од страна на  МЕРМС беше предложено, доколку постои заинтересираност кај општините да се одржат дополнителни средби во периодот  меѓу 10 и 15 април, 2026 година.