ЗЕЛС започна со циклус на советувања за советниците во секој од осумте плански региони
Од 26 март, 2025 година па до средината на месец април, ЗЕЛС во соработка со УНДП започна серија на советувања за општинските советници, во насока на нивно подетално запознавање со организацијата и надлежностите на единиците на локалната самоуправа; правната рамка на која се гради локаната власт; обврските на Советот на општината, како и улогата на ЗЕЛС како единствена организација во која се обединети сите општини во земјата. Целта е да се обезбеди што поефикасна и одговорна реализација на обврските што ги имаат општинските советници во рамките на спроведување на надлежностите на локално ниво. Овие активности ќе се реализираат во согласност со Акцискиот план на ЗЕЛС за 2026 година и во соработка со проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, спроведуван од УНДП, за чии цели и задача присутните добија дополнителни сознанија.

Впрочем ЗЕЛС, традиционално, по завршувањето на секој изборен циклус на локалната власт спроведуваше воведни обуки за определен број на делегати од секој општински совет и истите се одржуваа во просториите на ЗЕЛС. Оваа година, за прв пат на овие советувања ќе имаат можност да проследат сите членови од советот на секоја општина во земјава, со тоа што советувањата се поделени по плански региони, при што ќе има спојување кај четири плански региони, па ќе бидат реализирани вкупно шест вакви советувања. ЗЕЛС ќе испрати поединечна покана до секој советник, преку електронските адреси што ги собра во базата на податоци за советниците, активност што ја реализира по завршувањето на локалните избори и формирањето на општинските совети. Во поканата ќе биде утврдена агендата, како и местото и времето на одржување на советувањето во дадениот регион. Исто така, ЗЕЛС после секој изборен циклус подготвува ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“ што по електронски пат им го доставува на сите советници на нивните електронски адреси и кој стои на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“. Прирачникот претставува своевиден водич, каде од едно место може да се црпат значајни информации потребни при донесувањето на важни одлуки од локално значење. За утврдените теми на советувањето, пред присутните ќе говорат Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на сектор во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП.
Првото советување започна за советниците од општините од Скопскиот плански регион
Првото советување, од вкупно осумте во овој циклус, беше наменето за претставниците од општинските совети од Скопскиот плански регион, што се одржа на 26 март, 2025 година, во хотелот ,,Александар Палас“-Скопје. Интересот беше навистина голем и во двочасовните презентирања, присутните имаа можност да се стекнат со најосновните познавања од процесот на децентрализација на власта во земјата, финансирањето на единиците на локална самоуправа, со сите надлежности на општината, со значењето на советничките комисии, но и со организационата поставеност на ЗЕЛС и нејзиното значење за развојот на локалната власт. Се говореше за телата и органите на ЗЕЛС, каде посебен акцент беше даден на улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, едно од четирите најзначајни органи на Заедницата, составено од девет членови-советници, (по еден претставник од секој плански регион и од претседателот на Совет на Град Скопје, член по функција) Членовите на ова тело воедно се и делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС, а претседателот и потпретседателот на ова тело се и членови на Управниот одбор на ЗЕЛС. Беше нагласена поддршката што ЗЕЛС им ја дава на општините и општинската администрација, преку двете единици во ЗЕЛС: ЗЕЛС тренинг центарот и Единицата за поддршка на електронските услуги. Беа нагласени и заложбите на ЗЕЛС за натамошен развој на процесот на децентрализација на власта, каде приоритет во следниов период е даден на децентрализирање на надлежностите во делот на социјалните услуги, но и за потребата од зголемување на финансиската стабилност на општините, која засега е на многу незадоволително ниво, што покажува и податокот дека учеството на општините во БДП изнесува 4,9 однос 5%.
Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“
Од големо значење за советниците е и реализацијата на Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, што го имплементира во нашата земја УНДП, а е финансиран од Швајцарската Влада и во партнерство со повеќе институции, меѓу кои и Министерство за локална самоуправа. Проектот има повеќе цели: Системско и одржливо подобрување на работата на општинските совети и дополнително зајакнување и унапредување на системот на локалната самоуправа; Зголемено учество на граѓаните за одржување на локалната демократија и подобрување на квалитетот на живеење на жените и на мажите и Подобрени општински услуги преку користење на технологија и иновации. Од посебно значење беше презентацијата на Платформата за е-учење (https://opstinski.mk/ ) во која може да влезе кој советник и да најде богата библиотека од законски и подзаконски акти и извештаи поврзани со локалната власт, како и содржината на сите модули од 11 области на обуки што се реализираат за советниците. Од не помало значење е и Е-контролна табла за финансиски извештаи на општините (https://indikatori.opstinskisoveti.mk/). Следната обука е предвидена да се реализира за советниците од општините од Североисточниот плански регион. Средбата ќе се одржи во Занаетчискиот дом во Куманово, со почеток во 10 часот.





