Советување за советниците од општините од Североисточниот плански регион
Советувањето на советниците од општините од Североисточниот плански регион се одржа на 27 март, 2026 година во просториите на Занаетчискиот дом во Куманово, што го обезбеди Општина Куманово. Ова советување е дел од циклусот на обуки што традиционално, после завршувањето на локалните избори ги организира ЗЕЛС, а оваа година тоа го спроведе во соработка со проектот на УНДП „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“. Новина во оваа серија на советувања е што сега е обезбедено учество на сите општински советници од целата земја и затоа се организира на регионално ниво, а не како порано во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Следната обука ќе биде организирана на 3 април, 2026 година во просториите на Општина Штип, за советниците од општините од Источниот и од Југоисточниот плански регион.

Целта е да се обезбеди што поефикасна и одговорна реализација на обврските што ги имаат општинските советници во рамките на спроведување на надлежностите на локално ниво. Во таа насока, ЗЕЛС исто така, после секој изборен циклус обезбедува и ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“ што по електронски пат веќе им е доставен на сите советници на нивните електронски адреси и кој е поставен и на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“.
Присутните подетално се запознаа од организациската структура на ЗЕЛС и работата на најважните органи и тела, при што посебен акцент беше ставен на улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, составен од девет членови, сите од редот на советници. Освен најважната улога на ЗЕЛС во делот на застапувањето и лобирањето за ставовите и интересите на сите општини пред централната власт, исто така присутните беа запознаени и со другите услуги што им ги дава ЗЕЛС на општините во делот на јакнење на капацитетите на општинската администрација, преку ЗЕЛС тренинг центарот и во делот на поддршката за користење на електронските системи за издавање на одобрение за градење; за градежно земјиште и електронско јавно наддавање за спроведување на постапката за продажба и давање под закуп на недвижни и движни ствари. Присутните добија соодветни информации и за надлежностите на единиците на локалната самоуправа; правната рамка на која се гради локаната власт, но и корисни информации за обврските на Советот на општината и конфликтот на интереси на членовите на Советот. При тоа беа посочени комисиите што се формираат во рамките на Советот, како и другите тела, меѓу кои: Комисија за еднакви можности, за што ЗЕЛС изработи и Практичен водич за КОМЗ- https://zels.org.mk/Upload/Documents/02prak%20vodic%20MAK%20za%20web%20celosno.pdf ; потоа за Совет за заштита на потрошувачите; Општински совети за превенција на детско престапништво и Локален младински совети. За утврдените теми на советувањето, пред присутните говореа: Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на одделение во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП, која ги презентираше бенефитите за општините од проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“.


