Комисија за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС ја одржа првата седница

Комисија за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС на 31 март, 2026 година во просториите на административната зграда на ЗЕЛС ја одржа првата седница на  која беше утврден новиот состав на градоначалници- членови на ова тело.  За претседател на оваа Комисија, Управниот одбор на ЗЕЛС, на својата втора седница го назначи градоначалник на Општина Сопиште, Јане Мицевски, поради неговото солидно искуство во оваа област, како директор на ЈП Депонија Дрисла, Скопје. Присутните на  седницата  го избраа  Даут Мемиши, градоначалник на Општина Теарце за заменик -претседател на Комисијата. Професионалното искуство, работењето во оваа област или познавањето на предизвиците во комуналните дејности и заштита на животната средина во локалната власт, беа поважните критериумите  за избор и на останатите членови на Комисијата. Беше посочено дека во следниот период ќе  биде избран и  уште еден градоначалник за да се обезбеди состав од девет члена на Комисијата. Впрочем, избрани беа: Стевче Стефановски, градоначалник на Општина Новаци; Митко Костадиновски, градоначалник на Општина Виница; Онер Јакупоски, градоначалник на Општина Маврово-Ростуше; Даут Мемиши, градоначалник на Општина Теарце; Тони Тоневски, градоначалник на Општина Пробиштип и Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен. На оваа седница присуствуваа и  членовите на Работната група за води на Мрежата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС, составена од претставници од  општинска администрација  од оваа област, како и претставник од АДКОМ. На седницата беше изгласан и  Деловникот за работа на Комисијата.

Запознавање со досегашните активности

Заради обезбедување на континуитет во работењето на новиот состав на Комисијата за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС присутните беа запознаени со активностите и иницијативите што ги утврди претходниот состав на Комисијата. Беше нагласена лошата финансиска состојба во која се наоѓаат најголемиот број на јавни комунални претпријатија во земјата и дека предизвиците стануваат уште посериозни по неодамна донесените пресуди на Европскиот суд на човекови права, што се однесуваат на  извршување за наплата на парични побарувања.  Се посочува на неспроведувањето на правосилни домашни судски одлуки од страна на државни и општински јавни претпријатија, кои се повикале на одредбите за т.н. ,,нужни средства за работење“ согласно член 218 од Законот за извршување. За уставноста и законитоста на оваа одредба веќе е поведена и иницијатива пред Уставниот суд на РСМ. 

Присутните беа запознаени дека од страна на Работната група за води во рамките на Мрежата за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС и во корелација со Комисијата, направени се анализи на законската регулатива и утврдени се предлог- иницијативи за измени и дополнувања на три закони: Закон за води; Закон за вода за пиење и одведување на отпадни води и Закон за комунални дејности. Утврдени се и препораки за преземање на следни активности што ќе придонесат за ефикасно работење на комуналните претпријатија, подобрување на нивната финансиска состојба, подобрување на техничката опременост и комуналната инфраструктура, низ еден сеопфатен системски пристап на взаемна соработка меѓу ЈКП, општините и државните институции. Беше посочено дека по дискутирањето по утврдените предлог модели на следните седници, донесените ставови на Комисијата ќе му бидат предложени на Управниот одбор на ЗЕЛС по чија одлука ќе се утврдат натамошните насоки на дејствување на Заедницата  пред централната власт. 

Според спроведените анализи утврден е и високиот процент, односно околу 60% на загуба на вода за пиење преку постојната водоводна инфраструктура.  Нагласена беше потребата за  уредување на сопственоста и регистрацијата на основни средства на јавните комунални претпријатија од причина што голем дел од инфраструктурата не е заведена во катастар, средствата не се вклучени во амортизациските планови и не може да се користат како основица за аплицирање на проекти. Присутните се согласија дека е потребно да се утврди централен регистар за следење на сопственоста  и статусот на инфраструктурата и објектите на ЈКП. Присутните беа информирани и за препораките за одвојување на постојните одделенија за водни услуги како посебно претпријатие, бидејќи сега најчесто се наоѓаат во рамките на едно заедничко комунално претпријатие на општината, а потоа обезбедување на нивно здружување во  едно регионално комунално претпријатие.

Препораки се донесени и во делот за подобрување на методологијата за  утврдување на тарифите за водните услуги. АДКОМ го  преферира моделот според кој решението што го донесува Регулаторната комисија за утврдување на тарифите за водни услуги  да  е конечен и највисок акт  со кој се утврдуваат цените на услугите на давателите на водни услуги. Претставниците од Комисијата и во претходниот и во овој состав нагласија дека е потребно добро да се размисли  околу овој модел  бидејќи на овој начин директно се загрозува процесот на децентрализација на власта, и им се одзема надлежноста што сега ја имаат општинските совети, кои ја усвојува цената на водните услуги според претходно утврден тарифен распон даден од Регулаторна комисија. Ова прашање ја отвори и дилемата дали е неопходно првенствено да се пристапи кон зголемување на цената на водните услуги, или да се започне со средување на состојбите во оваа област, па потоа да се пристапи кон примена на оваа непопуларна мерка. Беше отворено и прашањето за состојбите на заштитените зони на изворите за вода за пиење, каде има случаи кога во нивна непосредна близина се издаваат дозволи за градба. Исто така, беше посочено дека постојат се уште неразрешени состојби на законско преземање на водоводи што се изградени од месното население, кое дава отпор за нивно предавање на  локалното комунално претпријатие. Во таа насока беше посочено дека итно треба да се преземат мерки за мапирање на овие неформални извори на водоснабдување, со цел нивно ставање под контрола, за да не дојде до потенцијална опасност по квалитетот на водата за пиење. Беше посочена потребата од воведување на одреден вид на кампања која би  претставувала соодветна поддршка во активности што во оваа насока треба да ги преземе општината и комуналното претпријатие .

Нагласени заложбите на ЗЕЛС за воведување на општинска комунална полиција

Присутните беа информирани и за повеќегодишните заложби на ЗЕЛС за воведување на општинска комунална полиција. Беше нагласено дека дел од овие активности во однос на утврдувањето на законска рамка за оваа надлежност е дискутирано од страна и на Комисијата за животна средина и комунални дејности и дека во изработениот Предлог на Закон за локална самоуправа веќе е  утврдена и оваа надлежност. Во овој дел се предлага и воведување на софтверско решение за наплата на казните  изречени од комуналните полицајци.

На крајот од седницата беше посочено дека обврските на оваа Комисија се многу комплексни и го опфаќаат  и делот на управувањето со отпадот, но дека интензивно се работи на изнаоѓање на најсоодветни решенија, воедначување на ставовите кои потоа ќе му бидат предложени на Управниот одбор на ЗЕЛС. Беше договорено следната седница  на Комисијата, заедно со Работната група за води, да се одржи  кон крајот на месец април.