ЗЕЛС организира советување за советниците од општините од Источниот и Југоисточниот плански регион
Советниците од општините од Источниот и Југоисточниот плански регион, на 3 април, 2026 година имаа советување во салата во административната зграда на Општина Штип. Ова советување е дел од циклусот на обуки што го спроведува ЗЕЛС во соработка со проектот на УНДП „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“. Целта е советниците да се запознаат со улогата и со активностите на ЗЕЛС, но исто така и да се информираат за надлежностите на единиците на локалната самоуправа; правната рамка на која се гради локаната власт и обврските што тие ги имаат за поефикасно и одговорно реализирање на општинските надлежности Впрочем ЗЕЛС, традиционално, и во изминатиот период, после завршувањето на локалните избори спроведуваше обуки за општинските советници кои се одржуваа во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, а оваа година се одржуваат регионално со цел да може да ги посетат сите советници од сите општини. ЗЕЛС за советниците традиционално подготвува и ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“ што оваа година беше издаден само во електронска форма и беше испратен на претходно собраните електронски адреси ,до секој советник. прирачникот е поставен и на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“. За утврдените теми на овие советувања пред присутните говореа: Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на одделение во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП.

Присутните подетално се запознаа од организациската структура на ЗЕЛС и работата на најважните органи и тела, при што посебен акцент беше ставен на улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, составен од девет членови, сите од редот на советници и тоа по еден претставник од секој плански регион и претседателот на Совет на Град Скопје, по службена должност. Освен најважната улога на ЗЕЛС во делот на застапувањето и лобирањето за ставовите и интересите на сите општини пред централната власт, исто така присутните беа запознаени и со другите услуги што им ги дава ЗЕЛС на општините во делот на јакнење на капацитетите на општинската администрација, преку ЗЕЛС тренинг центарот и во делот на поддршката за користење на електронските системи за издавање на одобрение за градење; за градежно земјиште и електронско јавно наддавање за спроведување на постапката за продажба и давање под закуп на недвижни и движни ствари. Во делот на активностите и надлежностите на Советот на општината, посебно внимание беше посветено на важноста на формирањето на комисиите и нивната работа како и на други тела. На советувањето имаше голем број на присутни кои изразија желба за организирање на дополнителни обуки за советниците, но покажаа и интерес како да ги реализираат своите иницијативи и заложби и како да ја подобрат соработката со градоначалникот, но и со професионалците од општинската администрација. Следното советување ЗЕЛС го организира во Општина Охрид за претставниците од Југозападниот.



