Советниците од општините од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион имаа советување во Охрид

   

Советници од општините од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, на 6 април, 2026 година , во салата на административната зграда на Општина Охрид имаа советување за стекнување со соодветни знаења за улогата и активностите на ЗЕЛС и поддршката што им ја дава на единиците на локалната самоуправа и на општинските совети; потоа за обврските на Советот на општината за поефикасно и одговорно реализирање на општинските надлежности и за правната рамка на која се гради локаната власт. Ова советување е дел од циклусот на обуки што го спроведува ЗЕЛС за советниците од општините од сите плански региони во земјава, во соработка со проектот на УНДП „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, за чии активности присутните, исто така, се стекнаа со солидни информации. Традиционално, по спроведувањето на локалните избори, освен реализацијата на обуките, ЗЕЛС подготвува и ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините. Оваа година Прирачникот беше издаден само во електронска форма и беше испратен на претходно собраните електронски адреси од секој општински советник. Прирачникот е поставен и на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“. Беше нагласено дека на своите електронски адреси советниците добиваат и Гласило на ЗЕЛС како и други информации, што воедно може да ги најдат на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk. Исто така беа информирани дека преку  проектот на УНДП, поставена е  Платформата за е-учење (https://opstinski.mk/ ) во која, преку доделена адреса,  може да влезе секој советник и да најде богата библиотека од законски и подзаконски акти и извештаи поврзани со локалната власт, како и содржината на сите модули од 11 области на обуки што се реализираат за советниците. Исто така, за поедноставно следење на  финансиите поставена е и Е-контролна табла за финансиски извештаи на општините ( https://indikatori.opstinskisoveti.mk/ ).

Присутните беа информирани дека ЗЕЛС постои веќе 54 години, односно е основана уште во 1972 година, на 26 април, ден кој според Статутот на ЗЕЛС е прогласен за ,,Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“.  Беше посочено дека улогата на ЗЕЛС зајакнува со повторното децентрализирање на  голем број надлежности од централно на локално ниво и со стартувањето на нивна имплементација од 2005 година. Најважната стратегиска цел на ЗЕЛС е лобирање и застапување на интересите на единиците на локална самоуправа во земјава пред централната власт, но исто така и јакнење на капацитетите на општинската администрација преку ЗЕЛС тренинг центарот и  поддршка и развивање на електронски услуги што општините им ги нудат на граѓаните, преку ЗЕПЕ единицата. Во делот на организациската структура на ЗЕЛС советниците беа запознаени со телата и органите на ЗЕЛС. Во највисокото тело на ЗЕЛС -Генералното собрание делегати се сите градоначалници, но и членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС. Станува збор за тело при ЗЕЛС , од голема важност за општинските советници, бидејќи  во него има по еден претставник од  советите од општините на секој од осумте плански региони во земјата и по службена должност член е и претседателот на Советот на Град Скопје. Присутните беа информирани  за начинот како преку ова тело советниците може да иницираат унапредување на работата на Советот на општината и пренесување на одредени добри практики во работењето или за разрешување на одредени предизвици.  Беше нагласено дека  ЗЕЛС е заедница на сите општини во земјата и на Град Скопје, каде сите одлуки се донесуваат во консензус, без политичка, етничка или било каква друга основа, бидејќи предизвиците со кои тие се соочуваат  се за сите  приближно исти и треба да се решаваат во полза на сите граѓани . 

Од посебно значење за присутните беа и информациите за финансирањето на единиците на локална самоуправа, но и за финансирањето на ЗЕЛС. Беше нагласено дека заложбите на ЗЕЛС за постигнување на поголема финансиска стабилност на  општините е обезбедување на најмалку 10 % од ДДВ (сега е 6% од ДДВ) и 50% од персоналниот данок (сега е 6% од персоналниот данок), што донекаде процентуално  би ги приближило нашите  општини  до  финансиите што ги добиваат општините од регионот, а особено оние од европските земји. Советниците беа информирани и за документот Систематизирани ставови на ЗЕЛС , каде се утврдени сите иницијативи за надминување на одредени предизвици со кои се соочува локалната власт и за нејзино натамошно унапредување. Како најважен предизвик во насока на продлабочување на децентрализацијата на власта во земјата беа нагласени  преземените активности за префрлањето на надлежностите во делот на социјалните услуги .

За утврдените теми на овие советувања пред присутните говореа: Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на одделение во ЗЕЛС и Лејла Небиу,  претставник од УНДП.