Подготвен новиот број на Гласило на ЗЕЛС
Oд почетокот на оваа година, заклучно со месец март, ЗЕЛС реализираше низа активности за кои подетално е образложено во овој број на Гласило на ЗЕЛС. Управниот одбор на ЗЕЛС, на 30 јануари 2026 година, во административната зграда на ЗЕЛС, ја одржа втората седница. Присутните изнесоа повеќе актуелни предизвици со кои се соочуваат општините; номинираа претставници во повеќе домашни и странски организации каде што членува ЗЕЛС и ги разгледуваа можностите за надминување на состојбите во кои се наоѓаат јавните комунални претпријатија. На седницата присуствуваше и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој се залагаше за неопходно забрзување на процесот за пополнување на базата на податоци во Информацискиот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР). Дел од присутните иницираа и дополнителни точки, како што беше дискусијата за потребата од продолжување на рокот за важноста на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Ставот на Управниот одбор, преточен во иницијатива, беше доставен до релевантните институции и до Собранието на РСМ, и беше прифатен, односно рокот беше пролонгиран за уште пет години.
Во овој период, седница одржа и Комисијата за животна средина и комунални дејности при ЗЕЛС, прва по ред. Се дискутираше за предизвиците пред кои се наоѓаат ЈКП по неодамна донесените пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на наплата на паричните побарувања. Исто така се дискутираше и за продолжување со активностите во однос на утврдените предлог-иницијативи за измени и дополнувања на трите закона: Законот за води; Законот за вода за пиење и одведување на отпадни води и Законот за комунални дејности.
Како и досега, ЗЕЛС посебно внимание посвети и на поддршката на општинската администрација, па така, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) беше организирана работна средба за подетално запознавања со обврските од Законот за енергетика, донесен во мај минатата година, а со претставниците од Министерството за социјална политика, демографија и млади се дискутираше за обврската за доставување на годишните извештаи за родова еднаквост на општините до МСПДМ.
Од 26 март 2025 година па до средината на април, ЗЕЛС, во соработка со УНДП, започна серија советувања за општинските советници во насока на нивно подетално запознавање со организацијата и надлежностите на единиците на локалната самоуправа; правната рамка на која се гради локалната власт; обврските на општинскиот совет, како и улогата на ЗЕЛС како единствена организација во која се обединети сите општини во земјата. Советувањата се организираат регионално, со цел да се обезбеди учество на сите советници, а во овој период беа одржани обуките за советниците од општините од Скопскиот и од Североисточниот плански регион.
Гласило на ЗЕЛС, Јануари-Март 2026