Одржано советување за советниците од општините од Вардарскиот регион, последно во циклусот на советувања што ги организираше ЗЕЛС
Советниците од општините од Вардарскиот регион, на 17 април, 2026 година, во просториите на Домот на културата,, Иван Мазов-Климе“ во Општина Кавадарци проследија обука, што ЗЕЛС традиционално ја организира за општинските советници по завршувањето на секој циклус на локални избори. Оваа година обуката беше организирана во соработка со проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, спроведуван од УНДП и се реализира регионално, со што се обезбеди можност да ја проследат сите општински советници од земјава. Целта на ова советување е да се обезбеди што поефикасна и одговорна реализација на обврските што ги имаат општинските советници при спроведувањето на надлежностите на локалната власт. Беше нагласено дека ЗЕЛС, после секој циклус на локални избори, освен што организира советување за советниците, исто така, традиционално подготвува и ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“. Прирачникот во електронска форма е доставен до сите советници на нивните електронски адреси и може да се најде на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“. За утврдените теми на советувањето, пред присутните говореа Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на сектор во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП.
Советниците беа запознаени улогата на ЗЕЛС, особено во делот на лобирањето пред централната власт во името на сите општини за подобрување на законските решенија кои опфаќаат надлежности на локалната власт. Беше посочено дека ЗЕЛС има случено Меморандум за соработка со Владата во март 2003 и дека во август 2024 година беше склучен нов Меморандум, со кој Владата на РСМ , меѓу другото, се обврза на взаемна соработка и разгледување на документот ,,Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ како и на организирање на буџетски преговори со Министерството за финансии. На овој настан присутните беа запознаени и со начинот на утврдување на ставовите од страна на органите и телата на ЗЕЛС , со кои потоа излегува на преговори пред централната власт. Беше нагласено дека органите на ЗЕЛС сите одлуки ги донесуваат со консензус, бидејќи станува збор за предизвици со кои се соочуваат сите општините , а се во насока на обезбедување на подобар квалитет на услугите за своите граѓани. Присутните се запознаа и со најзначајните органи и тела на ЗЕЛС и нивната улога: Генерално Собрание, Управен одбор; Надзорен одбор, како и со комисиите на ЗЕЛС составени само од градоначалници, но и со мрежите на ЗЕЛС, каде членуваат претставници од општинската администрација. Посебен акцент беше ставен на улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, едно од четирите најзначајни органи на Заедницата, составено од девет членови-советници, (по еден претставник од секој плански регион и од претседателот на Совет на Град Скопје, член по функција). Беа изнесени и најважните приоритети на општините за следниот период: подобрување на финансиската стабилност на општините, продлабочување на децентрализација, особено во делот на социјалната заштита и обезбедување на комунална полиција во општините . Присутните се запознаа и со реализацијата на Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, што во нашата земја го имплементира УНДП, а е финансиран од Швајцарската Влада и во партнерство со повеќе институции, меѓу кои и Министерство за локална самоуправа.




