ТРЕТА СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ЗЕЛС, ОДРЖАНА ВО ОХРИД
Третата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС се одржа на 21 април во Охрид. На седницата имаше повеќе од 12 точки на дневниот ред, а се разгледуваа и прашања од членовите, поставени под точката разно.

Се донесе одлука дека Генералното собрание на ЗЕЛС ќе се одржи на 11 јуни во Скопје, а се разгледа и завршниот финансиски извештај на ЗЕЛС, каде се констатира многу позитивно работење во 2025 година. Заедно со финансискиот извештај се разгледаа и наративниот извештај како и ревизорскиот извештај, направен од независна ревизорска куќа.
Под другите точки на дневниот ред се бираа членови во телата и комисиите на ЗЕЛС. Целосно се комплетираа следните органи:
- Комитет на совети,
- Членови и заменици на Заедничкиот консултативен комитет,
- Членови во НАЛАС,
- Членови во Комисијата за следење на процесот на финансирање на општините,
- се верификуваа членовите на следните 3 комисии на ЗЕЛС, чии претседатели беа избрани на предходната седница, Комисија за животна средина и комунални дејности, Комисија за урбанизам и Комисија за социјални работи.
Се донесе одлука и за избор на членови на Лоби групата на ЗЕЛС. Потоа, се помина на точките од дневниот ред, кои не предвидуваат избор на членови. Се разгледа и се усвои Меморандумот за соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Се разгледа и барањето од општина Битола, и се одлучи допис да се испрати до надлежните органи за проверка и усогласување на цените за геодетските работи, кои, со новиот правилник, се значително повисоки од претходно и предизвикуваат незадоволство кај општините.
Под точката разно се отворија неколку прашања, за кои се донесоа одлуки да се постапи веднаш.
1. Повторно се јавува проблем со пожарникарите и исплатата на нивните плати, иако наменската дотација е зголемена двојно. ЗЕЛС да направи анализа и кога ќе ги собере сите податоци да закаже состанок со министерот за одбрана.
2. Стариот проблем со недобивање на согласности за вработување на персонал во градинките, иако станува збор за старо финансирање, се случува во сите општини кои имаат градинки. Под итно да се закаже состанок со министерката за финансии и да се реши овој проблем.
3. Проблем се јавува и со кадар во училиштата. Иако е старосната структура на вработените во образование прилично висока, не се прави ништо за да се среди таа состојба и да се обезбедат сигурни замени.
4. Бидејќи општините секогаш се опоменуваат за недоволно наплатени сопствени даноци, а ЗЕЛС се бори последните 10 години со централната власт да се направи нешто, односно електронски систем, потребно е да се распрашаме како тоа преку интероперабилност општините ќе ги добијат сите податоци од Катастар без надомест.
5. Да побараме од министерството за транспорт да изготви јасен правилник за поставување на урбана опрема, која служи за забава на најмалите. Тоа прашање не е уредено со ниту еден закон, а има потреба за доброто на сите, да се доуреди и спречи настинување на било какви повреди и поголеми штети на корисниците на тие забавни паркови.
6. Се разгледа и допис кој пристигна од Стопанската Комора, со која бараат ЗЕЛС да се произнесе во врска со наплатата на таксите за моторни возила. Тие утврдиле дека голем број од општините не добиваат средства од овој извор и очекуваат поддршка за измена на предметниот закон.





