Започна нов циклус на обуки за стекнување со овластување за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште

ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт,  на 28 април, 2026 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организираше  почетна обука  за стекнување со овластување за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште во државна сопственост.  По објавениот конкурс на 9 април, 2026 година од страна на Комисијата за организирање и спроведување на нов циклус на обуки и испит за стекнување овластување за водење постапки за отуѓување и давање под закуп на градежно неизградено земјиште во државна сопственост се пријавија 68 кандидати од општинската администрација. Поделени во две групи, тие имаа можност да ја проследат обуката на која се запозна со законските одредби од оваа областа, како и со практичниот начин на спроведувањето на целата постапка која се спроведува по електронски пат.

Следењето на обуката е задолжително за секој кандидат и е неопходен услов за полагање на теоретскиот и практичниот дел од испитот за стекнување со оваа лиценца. Општините, како исклучиво надлежни да располагаат со државното градежно земјиште што се наоѓа на нивната територија, во согласност со Законот за градежно земјиште,  обврзани се да располагаат со соодветен број на лиценцирани службеници од оваа област, кои ги спроведуваат постапките.  На обуката, дел од кандидатите беа претставници на општините на кои после пет години им истекла лиценцата за водење на овие постапки и согласно закон се обврзани повторно да минат низ потребниот процес на следење на обука и полагање на испит,  а дел од кандидатите за прв пат ќе минат низ овој процес. Полагањето на испитот (теоретскиот и практичниот)  кандидатите  ќе имаат можност да го  реализираат некаде во периодот на втората половина мај и првата половина од јуни, но истите ќе бидат навремено информирани за точно утврдените датуми за полагање.

Интересот на општините за овие обуки е голем, па затоа Комисијата, на својата седница што се одржа на 07 април 2026 година, донесе одлука за утврдување на две фиксни сесии за спроведување на обука и испит во текот на една календарска година. Беше договорено  сесиите да  се реализираат во периодите : април – мај и октомври – ноември. Целта е општините да имаат можност навремено да го планираат континуитетот на потребниот стручен кадар за водење на постапките за отуѓување и давање под закуп на државно неизградено градежно земјиште. Во согласност со член 89 став (2) од Законот за градежно земјиште, единиците на локалната самоуправа се должни да обезбедат соодветен број административни службеници со важечко овластување, и тоа за општини до 20.000 жители -најмалку 2 овластени лица;  за општини од 20.001 до 40.000 жители-најмалку 3 овластени лица; за општини од 40.001 до 80.000 жители- најмалку 4 овластени лица и за општини со над 80.001 жител- најмалку 5 овластени лица.