Даме Димитровски, претседателот на Совет на Град Скопје избран за претседател на Комитетот на советите при ЗЕЛС, а заменици се Јусуф Абдули и Миле Трајковски, претседателите на советите на општините: Тетово и Крива Паланка

 

Даме Димитровски, претседателот на Совет на Град Скопје беше едногласно избран  за претседател на Комитетот на советите при ЗЕЛС, а за негови заменици беа изгласани: Миле Трајковски, претседател на Совет на Општина Крива Паланка (претставник на Североисточниот плански регион) и Јусуф Абдули, претседател на Совет на Општина Тетово (претставник од Полошкиот плански регион). Изборот беше направен на конститутивната седница, што се одржа на 30 април, 2026 година, во административната зграда на ЗЕЛС. На оваа седница присутните гласаа и за својот член што ќе учествува во работата на седниците на Надзорниот одбор на ЗЕЛС, и таа функција и ја доделија на Светлана Колариќ, претседателката на Совет на Општина Кисела Вода (претставник на Скопскиот плански регион ). За член од ЗЕЛС, во Одборот на Проектот ,, Зајакнување на општински совети -фаза2“ што во нашата земја го спроведува УНДП во соработка со ЗЕЛС, ЗФР (Здружение на финансиски работници) и Министерството за локална самоуправа, беше номиниран претседателот на Комитетот на Советите при ЗЕЛС, Даме Димитровски. Комитетот на советите при ЗЕЛС својата конститутивна седница ја одржа непосредно по утврдувањето на членовите на ова тело, од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС на последната седница одржа на 21 април, 2026 година во Охрид, за што од страна на Генералното собрание на ЗЕЛС доби еднократна надлежност.

На оваа седница, освен изборот на раководството на ова тело, присутните беа запознаени и со значајната улога што тоа ја има во рамките на ЗЕЛС како и со неговата организациската поставеност и обврските на членовите. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ,  нагласи дека според Статутот на ЗЕЛС, ова тело е едно од четирите најзначајни тела на Заедницата, чија улога е да ги претставува и да ги застапува интересите на  сите општински советници во рамките на ЗЕЛС, чиј број по последниот попис изнесува вкупно 1331 општински советник.  Составено е од девет  членови- претседатели на општински совет, и тоа по еден претставник од секој  од осумте плански региони во земјава и  претседателот на Совет на Град Скопје, кој е  член по функција. Членовите на ова тело воедно се и делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС.  Претставникот од секој плански регион, член на Комитетот на советите при ЗЕЛС, има обврска да  ги утврдува предизвиците и иницијативите на општинските советници од својот регион, и потоа да ги изнесе на седници на Комитетот, каде донесените заклучоци по водените дискусии се доставуваат на разгледување пред Управниот одбор на ЗЕЛС . Присутните беа накратко запознаени и со улогата и активностите на ЗЕЛС, а особено за начинот на консензуално донесување на ставовите  на ЗЕЛС , кои потоа се презентираат  пред централната власт или други домашни и меѓународни институции.

Членовите на Комитетот се интересираа за работата на Комитетот во претходниот состав и нивните иницијативи и  реализирани ставови,. Исто така тие истакнаа и големо задоволство  од  активноста на ЗЕЛС  за организирањето на  обуките за сите општински советници во земјава,  што беше реализирано во  шест плански региони во изминатиот месец. Дел од  членовите на ова тело, кои зад себе имаат еден или  повеќе советнички мандати, укажаа дека од посебна полза за квалитетно работење на општинските совети и во насока на донесување на конструктивни одлуки, би било организирање на дополнителни тематски обуки, по примерот од оние што беа реализирани  во рамките на Проектот  ,, Зајакнување на општински совети -фаза2“.  Тие особено потенцираа дека новите советниците од општините што во изминатиот период биле опфатени со обуки во овој Проект, сега ја немаат истата привилегија како нивните претходници. Исто така тие ја нагласија и важноста од вмрежувањето што токму на овие тематски обуки се реализира меѓу советниците од различни општини и региони. Присутните беа информирани дека таа тема беше апсолвирана на неодамна реализираните обуки што ги организираше ЗЕЛС, каде претставничката од УНДП подетално говореше за сите можности што ги нуди проектот и на новите избраните советници и дека доколку има потреба, ЗЕЛС повторно ќе ги испрати веќе доставените материјали. На крајот од седницата присутните се договорија дека на следната седница подетално ќе се дискутира за активностите во изминатиот период со цел да се одржи континуитет во работењето на ова тело.