Мрежата за образование при ЗЕЛС одржа работилница за процесот на оптимизација на училишните објекти и наставниот кадар
Мрежата за образование при ЗЕЛС, составена од советници за образование и од општински просветни инспектори одржа работилница на која се дискутираше за состојбите во општините поврзани со процесот на оптимизација на училишната мрежа. Работилницата се одржа на 15 мај, 2026 година, во административната зграда на ЗЕЛС, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Присутните имаа можност да се запознаат со состојбите поврзани со демографските промени; соодносот наставник-ученик; бројот на централни и подрачни училишта односно, нерамномерната искористеност на објектите, како и со целите и принципите на оптимизација на училишната мрежа. Овие анализи ги презентираа претставници од Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја, кои во изминатиот период спроведоа низа истражувања на барање на Министерството за образование и наука и кои истовремено обезбедуваат поддршка на општините за изработка на Општински план за оптимизација на училишната мрежа. На оваа работилница, од страна на општинските просветни инспектори посебно внимание беше посветено на имплементацијата на одредени измени од Законот за основно образование, а се говореше и за важни предизвици со кои се соочуваат при спроведувањето на инспекцискиот надзор.

Само 23% од општините имаат паралелки со законски утврден минимум од 20 деца, а 5 деца е просечниот број на паралелка во подрачните училишта
Присутните посочија дека Министерството за образование и наука во дописот испратен до училиштата (во месец април) ја нагласува обврската за формирање на паралелки, согласно член 53 од Законот за основно образование и воедно нагласува дека училиштата и општините имаат обврска да преземат мерки за оптимизација на училишната мрежа. Започнувањето на процесот особено би бил целисходен да започне со паралелките од прво и од шесто одделение. Впрочем и во изминатиот период, беше укажувано дека со имплементирањето на новата формула за распределба на средствата од блок дотациите, од почетокот на 2026 година, општините ќе почувствуваат потреба за спроведување на оптимизирање на училишната мрежа и на наставниот кадар. Досега преку МОН поддршка за изработка на План на општината за оптимизација на училишна мрежа, добија околу 35 општини, а се очекува ваква поддршка да добијат сите единици на локална самоуправа. Причините за обезбедување на правилно, односно балансирано искористување на ресурсите (оптимизација) се повеќеслојни, а особено се нагласени поради намалувањето на бројот на учениците, наспроти континуиран пораст на бројот на наставници што доведува до честа појава на креирање на паралелки со мал број ученици. Според анализите, законскиот улов за паралелка во централните училишта, со најмалку 20 ученици, ја исполнуваат само 23% од општините, а утврдено е и дека просечниот број на деца по паралелка во подрачните училишта изнесува 5 ученици. Промените се потребни и заради исполнување на обврската за обезбедување на настава во една смена, што е заложба на МОН, каде сега е утврдено дека во 66% од централните училишта наставата се одржува во две смени а само во 33% од централните училишта таа се одвива во една смена.
Изнесени предлог -мерки за оптимизацијата на наставниот кадар
Присутните се согласија дека ученикот треба да биде во центарот на целиот овој процес, но и дека станува збор за преземање на многу комплексни мерки со кои ќе се соочи секоја општина, која дополнително има и свои одредени специфичности. При тоа посебна загриженост беше изнесена за спроведувањето на процесот за префрлање на кадарот на нови работни позиции, што според анализите ќе се покаже како вишок. Беше нагласено дека овој, досега изграден и потребен кадар мора максимално правилно да се искористи и при тоа беа изнесени одредени предлог-мерки. Беше посочено дека може да се почне со креирање на нова реонизација на училишната мрежа во општината доколку се утврди можност за „нивелирање“ на бројот на учениците наспроти наставниот кадар. Понатаму беше посочена и можноста за нивна времена прераспределба во образовните асистенти, бидејќи засега се плаќаат дополнителни средства за околу 1.300 вакви ангажирани лица. Исто така, беше нагласено дека треба да се има во предвид и воведувањето на ,,проширената настава“ која опфаќа и дополнителни активности (се планира да започне во 20 пилот општини) и каде децата ќе имаат можност да остануваат до 15-16 часот на училиште, доколку нивните родители претходно ја дале согласноста за тоа. Ќе се јави и потреба за вклучување и на наставници од предметна настава, а не само од наставната област, за што треба да се обезбедат и законски измени. Се дискутираше и за јавно изнесениот предлог на министерката за образование и наука, за пренасочување на кадарот од училиштата во градинките, во кои се бележи континуиран недостаток на кадри. Беше укажано дека и за овој предлог би било потребно претходно да се обезбедат одредени законски измени, како и обезбедување на преквалификација, при што беше поставено и прашањето кој би ги ,,покривал“ трошоците за преквалификувањето. Се постави и прашањето за наставниот кадар чие работно место се уште не е трансформирано и покрај исполнетите законски услови, за што во пракса голем број на општини се соочуваат со уважени тужбени барања од наставници. Дел од присутните истакнаа предлог за иницирање на законски измени и воведување на мерки за предвремено пензионирање на вишокот наставен кадар. Присутните посочија и на фактот дека до 2028 година околу 20% од сегашниот наставен кадар ќе се пензионира, што е дополнителен момент за разгледување, бидејќи во одредени средини, училиштата се соочуваат и со недостаток на кадар, особено од областа на природните науки.

Изнесени добри практики на балансирано искористување на ресурсите
На работилницата беа изнесени и повеќе примери од општини од преземените активности за обезбедување на балансирано искористување на ресурсите за училиштата. Добра практика на спроведен процес на оптимизација на училишна мрежа беше изнесен од Општина Берово, каде на иницијатива на општината и родителите, децата од две подрачните училишта се префрлени во централно училиште, со цел постигнување на нивна поголема социјализација и компетитивност при учењето. Претставниците од Општина Зрновци ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат во сега започнатиот процес на оптимизација на училишната мрежа, а за постигнатите огромни заштеди во делот на превоз на децата, со воспоставување на комунално претпријатие за превоз, говореше општинската просветна инспекторка од Општина Кавадарци. Во оваа дискусија дел од присутните нагласија дека со воведување на новата формула за распределба на средства за образование нивната општина добила помалку средства, особено ако се има во предвид дека појдовниот критериум се утврдените средства за трошок по ученик. Беше посочено дека ваква појава има во повеќе општини, бидејќи во формулата е предвидена и постепена нивелација од 5% помалку или повеќе средства од оние кои биле префрлани во претходниот период. Беше посочено дека заложбите на МОН се за зголемување на средствата за училиштата, но и дека се очекува оптимизацијата да даде позитивни резултати токму во оваа насока.
Предизвици на општинските просветни инспектори
Со оглед на бурната и повеќе часовна дискусија околу оптимизацијата на училишната мрежа, присутните претставници на Мрежата за образование при ЗЕЛС, од делот на општински просветни инспектори, немаа доволно време за подетално разгледување на сите поставени измени од Законот за основно образование кои предизвикуваат сериозни предизвици за спроведување на одредени постапки во инспекцискиот надзор. Укажано беше дека изземањето на општинскиот инспектор во делот на организирање и реализирање на училишните екскурзии доведува до одредени дилеми за постапување по пристигнување на претставки од родители за прашања од оваа област. Општинските просветни инспектори се изземени од надлежноста за вршење надзор над Правилниците за начинот на изведување на екскурзиите, излетите и другите вонучилишни активности на учениците од основните и средните училишта, со што се отвораа прашања за законитоста при нивната примена. Дилема се отвора и како да се постапува по увидот за непочитување на законската обврска за запишување на дете во прво одделение, во делот по укинувањето на едукацијата на родител и неможноста за издавање прекршочен платен налог заради немање законска обврска, согласно Законот за основното образование. Исто така, се дискутираше и за постапката за почитување на обврската за работното време на наставниците, согласно Статутот на училиштето и друго.
Општинските просветни инспектори ја истакнаа потребата за добивање на задолжително овластување за пристап во ЕМИС-от, бидејќи по дописот од МОН до општините во кој се бара именување на само две лица до овој електронски систем, тие најчесто не се на списокот, иако имаат голема потреба за увид во состојбите дадени во ЕМИС. Општинските просветни инспектори нагласија дека сите нивни барања по однос на законски измени доставени до Министерството за образование и наука не се прифатени. Од исклучително значење е да се прифати барањето за задолжително учество на општинскиот просветен инспектор во спроведувањето на интегралната евалуација на училиштата, кој би бил од значајна поддршка на државните просветни инспектори. Поради нивното невклучување, многу често доаѓа до добивање на позитивни резултати на училишта кои тоа во целост не го заслужуваат и обратно. Во таа насока општинските просветни инспектори дискутираа дека е неопходно да се утврди прецизно разграничување на обврските и ингеренциите на општинскиот просветен инспектор и на државниот просветен инспектор и тоа да оди во насока на взаемна поддршка и соработка, за што побараа поддршка и од Управниот одбор на ЗЕЛС.



