Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа четвртата седница

Управниот одбор на ЗЕЛС на 19 мај, 2026 година во административната зграда на ЗЕЛС ја одржа четвртата седницана на која се дискутираше за предизвиците во противпожарната заштита со кои се соочуваат општините, но и за други актуелни состојби при извршувањето на одредени надлежности на локалната власт. На седницата присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), Ацо Ристов, кој го информираше Управниот одбор за иницијативата што РЕК ја доставил до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за измени во Предлог -Закон за користење на енергија од обновливи извори.

Иницирање законски измени за користење на електричната енергија од обновливи извори на енергија од страна на општините

Во периодот на енергетска криза, кога општините се соочуваа со огромни сметки за електрична енергија во рамките на ЗЕЛС беа иницирани повеќе идеа за искористување на  можностите за самостојно добивање и користење на енергија од обновливи извори за општините. Дел од општините( Општина Радовиш и Општина Центар) кои сакаа да направат и чекор напред во насока на добивање на лиценца на јавните комунални претпријатија за производство и испорака на електрична енергија се соочија со одредени предизвици. Во таа насока, претседателот на РЕК, Ацо Ристов, на кого му се добро познати заложбите на ЗЕЛС, (како поранешен градоначалник) доставил иницијатива за законски измени во Предлог -Закон за користење на енергија од обновливи извори, со која би се обезбедила легална основа за формирање на компании од страна на општината за производство и продажба на електрична енергија добиена од обновливи извори. Оваа енергија општините првенствено ќе ја користат за  потребите на своите јавни установи на својата територија ,но исто така ќе имаат можност и за продажба на вишокот добиени количини.  Управниот одбор на ЗЕЛС ја поддржа оваа иницијатива, која ќе ја достави и до надлежното министерство, при што беше предложено општините кои досега имаат искуство во процесот на лиценцирање на ваква компанија да им ги пренесат стекнатите искуства на преостанатите заинтересирани општини, преку обуки што би ги организирал ЗЕЛС. 

Претседателот на РКЕ, Ристов, посочи и на потребата за отпочнување на заеднички дијалог околу регулираните тарифи за комуналните услуги за водоснабдување, третман на отпадни води и наскоро и одлагање на сметот . Засега  прилагодувањето на регулираните тарифи се овозможува само на три години и не е можна измена пред поминување на овој период. Затоа а предлог е да се покрене иницијатива за законски измени за можност промената да се врши на една или две години од страна на РЕК   поради чести флуктуации на пазарните услови. Оваа потреба е укажана и од страна на ЈКП кои  посочуваа дека и поради  ваквите состојби се доведуваат во ризик на  генерирање на загуби. Присутните нагласија дека за овие прашања треба сериозен пристап, особено во целисходноста на идните чекори, па беше изгласано да се формира работна група во состав на градоначалниците на општините: Охрид, Куманово, Штип, и Струмица и Македонска Каменица, кои ќе ги разгледаат сите предизвици по ова прашање и донесените предлози ќе ги изнесат на разгледување на Управниот одбор на следна седница. 

Континуирани предизвици на општините во противпожарната заштита

Управниот одбор покрена дискусија и состојбите во противпожарната заштита како и за  распределбата на средствата од дотацијата за ТППЕ . Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ ги информираше членовите на Управниот одбор за средбата што минатата недела ја реализира со Министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и за претходно спроведената анализа од страна на ЗЕЛС, за состојбите со противпожарните единици, механизацијата и бројот на пожарникари. Поради недостиг на Методологија за утврдување на платите на пожарникарите, евидентирана е голема дискрепанција во платите на пожарникарите по општините кои имаат ТППЕ. Со сегашната распределбата на наменската дотација иако има зголемување на вкупната сума која за оваа година изнесува една милијарда денари, распределбата на средствата од дотацијата за противпожарна заштита е во несразмерен износ во сите општини и не ги задоволува потребите за доследно работење на оваа служба. Оттука предлог на министерот е во рамки на ЗЕЛС да се утврди Методологија за распределба која ќе се користи во идната распределба на средствата по оваа намена. 

Присутните изнесоа загриженост и за недостатокот на механизација и на опрема за ПТТЕ , која особено е потребна за претстојниот период на можни шумски пожари. Беа изнесени повеќе предлози за обезбедување на дополнителни возила, но и поправка на постојните. Исто така се дискутираше и за можностите за вклучување и јакнење на волонтерството. Беше договорено да се  формира Кризен штаб на ЗЕЛС кој ќе биде достапен за координација на ниво на секој регион за потребна опрема и човечки ресурси . Во состав на Кризниот штаб се градоначалниците: на Град Скопје; на Охрид; на Прилеп; на Тетово; на Штип, на Битола, и на Дебар.

Испратен апел до општините за дератизација и дезинсекција 

На седницата беше утврден и составот на Комисија за образование, која ја сочинуваат градоначалниците на : Кисела Вода; Дебар; Крушево; Берово; Дебрца; Градско; Чешиново-Облешево; Чашка; Центар Жупа и Тетово, а за претседател беше изгласан  градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.  

Од седницата беше испратен апел до сите општини да ја спроведат законската обврска за дератизација, дезинсекција и дезинфекција. Исто така, присутните отворија дискусија за иницирање на законски измени за поедноставување на постапките за донесување на урбанистички планови, бидејќи засега тие се сложени и долги и  ја стагнираат потребата за побрз локален економски развој. При тоа, беше укажано дека има и други отворени прашања, како што е потребата за реализирање на покренатата иницијатива за  донесување на правилник за урбана опрема, потоа во делот на одредени застои на многу постапки во рамки на електронските системи за градежно земјиште и е-одобрение за градење и слично. Во таа насока Управниот одбор даде предлог  за овие и други прашања да се повика на дискусија министерот за транспорт на некоја од следните седници на УО. 

Изнесени беа и предизвици со кои се соочуваат општините со последните измени во Законот за земјоделско земјиште во делот на забраната за поставување на  фотоволтаици на земјоделско земјиште од прва до четврта категорија. При тоа посебно беше изнесена загриженоста и започнатите постапки, но и за  долготрајноста на постапките за поставување на класифицирано земјиште од пета категорија, заради што беше посочено подетална дискусија на оваа тема на една од следните седници на Управниот одбор.