Комисијата за социјална заштита и социјална инклузија ја одржа првата седница
Комисијата за социјална заштита и социјална инклузија при ЗЕЛС, (чии членови беа утврдени од Управниот одбор на ЗЕЛС), ја одржа првата седница на која се дискутираше за приоритетните активности во оваа област и беше донесен деловникот за работа на Комисијата. Претседателот на Комисијата, градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски им честита на членовите за изборот и им посака успешна взаемна соработка, нагласувајќи дека започнатите активности во насока на децентрализирање на оваа област се од приоритетно значење за ЗЕЛС. На седницата едногласно, за заменик претседател на Комисијата беше избран градоначалник на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески, кој има професионално искуство во оваа област, како раководител во Центарот за социјални работи во Македонски Брод и се очекува да даде значајна поддршка за соодветни заложби на ЗЕЛС во оваа област.
Присутните беа запознаени со активностите на членовите на Комисија од претходниот мандат, кога, исто така, претседател беше градоначалникот, Бобан Стефковски. Тој посочи дека во фокус е развивање на модел за лобирање за целосна децентрализација на социјалната заштита, особено во делот на Центрите за социјална заштита, до постигнување на комплетна фискална децентрализација на социјалните услуги. Како резултат на иницијативата за продлабочување на процесот на децентрализација во областа на социјалната заштита, оваа Комисија за прв пат беше формирана во претходниот мандат. Беа постигнати значајни резултати и беа утврдени конкретни предлози за развивање на децентрализирањето и на овие услуги, за кои општините засега немаат позначајни надлежности. Беше нагласена потребата да се организира средба на членовите на Комисијата со соодветни претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади на која ќе присуствува и експертот кој работеше на развој на моделот за децентрализација, Душан Томшиќ, но исто така, во насока на зајакнато лобирање да се одржи средба и со советникот за социјална политика и труд, проф. Д-р, Лазар Јовевски, во Владата на РСМ.
Членовите на Комисијата беа информирани и за новиот проект SPARK, кој претставува продолжение и надградување на претходните проекти за социјална инклузија и социјални услуги, спроведувани од ЗЕЛС во партнерство со НАЛАС и ГИЗ. Исто така, присутните беа запознаени и со новата и уникатна е-алатка за социјално мапирање која ќе биде иновативен модел во регионот за социјално мапирање за потребите во општините. ЗЕЛС ќе овозможи да бидеме прва земја од регионот што ќе ја пилотира алатката во општините. Истата е развиена со финансиска поддршка на ГИЗ во РСМ, а во која ЗЕЛС, преку членки на Мрежата за социјална заштита, даде значаен придонес во развивањето и усовршувањето на прашалниците што се составен дел од алатката.


