Делегација од ЗЕЛС во Брисел на „Денови на проширување“- настан што традиционално го организира Комитетот на региони на Европската унија
Делегација од ЗЕЛС, предводена од раководството на ЗЕЛС: Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје ; двајцата потпретседатели: Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, како и градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, учествуваше на пленарната сесија на „Денови на проширување (Enlargement days) настан што е од особено значење за земјите од Западен Балкан, како и за другите земји кандидати кои претендираат да бидат дел од Европската Унија. Организатор на овој настан е Комитетот на региони на Европската Унија. „Денови на проширување“ е дводневен настан, што се организира еднаш годишно и кој најчесто се одржува во Брисел, каде што беше одржан и оваа година, на 2и 3 јуни, 2026 година. Претставници од телата и органите на Комитетот на Региони, како и претставници од земјите од Западен Балкан и пошироко, имаа можност непосредно да се запознаат со низа извештаи за текот на спроведување на реформите и зајакнувањето на улогата на локалната власт, како важна алка за нивно приближување кон европското семејство. Истовремено делегатите добија и можност да дискутираат за предизвиците поврзани со процесот на европска интеграција, со посебен фокус на улогата на локалната власт. Интеграцијата во Европската Унија останува стратешки приоритет на Македонија, а општините имаат клучна улога и во евроинтеграцискиот процес и во спроведувањето на реформите.

На пленарната седница на „Денови на проширување“ се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше обраќање на панел дискусијата на пленарната седница што се одржа на 3 јуни, 2026 година на темата -„Локални и регионални одговори на дезинформациите“, што беше дел дискусиите посветени на негативното влијание на систематското пласирани манипулативни дезинформации кои доведуваат до политичка и информативна дестабилизација на регионот. На оваа седница, излагања имаа високи претставници од Унијата, од Комитетот на региони, но и од земјите членки на ЕУ и од земјите претенденти за членство.
-„Дезинформациите, систематското манипулирање со јавноста; злоупотребата на медиумскиот простор; пласирањето на невистинити информации или нивно извртување, злоупотребата на интернетот, како и сајбер -нападите кои се дел од современите хибридни ризици, стануваат сè поголем предизвик за демократските процеси во Европа и пошироко. Оваа појава континуирано зема замав да стане најмоќното оружје во 21 век за деструкција и дестабилизација на целиот глобален, регионален и локален простор. Тоа е најподмолно орудие со кое одредени политички, воени или бизнис центри на моќ, од домашни или странски актери, на суптилен, но крајно неетички начин сакаат да ги подријат најважните темелни вредности на човештвото: демократијата, правото на информираност, правото на избор, слободата на говорот и слободното изразување“ нагласи Орце Ѓорѓиевски, во својот говор. Тој потенцираше дека градењето на заеднички штит на сите земји на европско тло преку утврдување на заеднички стратегии, обезбедување на соодветни институции за справување во ,,сајбер,, просторот, обезбедување на стабилност на институциите што гарантираат демократија, создавање и почитување на етички стандарди, па и градење на конкретни алатки за сузбивање на дезинформациите се моќна брана во превенцијата на штетните влијанија.
Ѓорѓиевски посебно се задржа на улогата на локалните власти, посочувајќи дека е сосема јасно оти водечката улога во справувањето со дезинформациите од безбедносен карактер ,,паѓа“ на товар на повисоките државни институции, но дека и регионалните и локалните власти можат да дадат значајна поддршка на целиот процес. -„Затоа се трудиме да обезбедиме што поголема транспарентност во работењето на локалната власт и редовно и навремено да ги информираме нашите граѓани за сето она што го преземаме и градиме како локални политики. Поинтензивно ги користиме сите расположливи граѓански алатки за помасовно вклучување на населението во креирање и донесувањето на одлуки кои директно или индиректно влијаат на животот во заедницата. Нашите општини преку своите веб страници континуирано ги информираат своите граѓани за одлуките што се донесени преку Советот на општината. Слободниот пристап до информации е гарантиран за секого. Организираме бројни јавни трибини, собири на граѓани, спроведуваме анкети, имаме отворени денови за средби со населението и постојано сме на терен, да ги слушнеме потребите на населението. Вклучувањето на граѓаните во креирањето на локални политики, но и во нивното спроведување, не го правиме само затоа што постојат одредени законски одредби, во делот на буџетот и на урбанистичките планови, туку одиме и чекор понапред и развиваме нови граѓански алатки, како што се „форуми во заедницата“ и во поново време и можностите за делиберативна демократија. Голем број општини обезбедуваат и онлајн преноси на седниците на општинските совети, по примерот на Парламентот на државата. Свесни сме дека и навидум најмалиот чекор, може да даде големи резултати во градењето на континуирана, заедничка одбрана од информативните манипулации кои се сериозна невоена, но фатална закана за демократијата и безбедноста во светот и Европа “ нагласи Ѓорѓиевски на крајот од своето обраќање.
