Одржана 25 седница на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) во Брисел

Во рамките на „Денови на проширување“ делегатите од општините и регионите од сите земји претенденти за членство во Унијата, имаат можност преку формираните  посебни тела за секоја држава -Заеднички консултативен комитет (ЗКК) заедно да дискутираат со своите колеги, делегатите од градови и региони од земјите од ЕУ  и со експерти, за напредокот на нивната земја и предизвиците со кои се соочуваат на патот за исполнување на европските стандарди.

На 3 јуни, 2026 година, по завршувањето на пленарната седница на „Денови на проширување“ седница (25 по ред), одржаа и делегатите на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) . Ова тело има вкупно  22 делегати, по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело заседаваат двајца  ко-претседавачи, едниот од нашата земја, другиот од Комитетот на Региони на Европската Унија. ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ, преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти. На годишно ниво, ова тело треба да одржи две седници, едната во Брисел, другата во  нашата земја. Првата сесија од седницата секогаш е посветена на размена на вредни сознанија за ставовите на Европската Унија за развојот на процесот за пристапување на Република Северна Македонија во ова европско семејство и предизвиците кои стојат на тој пат. Втората тема е посветена на актуелните прашања  важни  за  сите земји од Унијата и за државите кои  сакаат да се приклучат во европското семејство. На овој состанок, актуелната тема беше посветена на прашањата поврзани со дезинформациите и странските манипулативни информации, како закана за политичката безбедност и демократските процеси на регионално и локално ниво.

Сесијата ја отворија двајцата ко-претседавачи: Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС, кој по промената на составот на делегати од страна на ЗЕЛС во ова тело, спроведена по локалните избори во  нашата земја за прв пат ја доби оваа функција и  Иван Гулам, градоначалникот на Општина Пировац, од Република Хрватска. На почетокот, пред присутните се обрати и Амбасадорот, Зулфи Исмаили, Шеф на мисијата на Северна Македонија во Брисел, кој говореше за развојот на процесот на пристапување на нашата земја кон ЕУ . Излагање имаше и европратеникот Томас Ваиц, известувач на Комитетот на регионите за Пакетот за проширување 2025 за Западен Балкан и Турција и известувач за нашата земја, како и Џилан Кофлан  известувач на Комитетот на региони за Пакетот за проширување 2025 за Западен Балкан и Турција и   Хуберт Духот, претставник од Европската Комисија, од Генералниот директорат за проширување и источно соседство, одговорен за Албанија и Северна Македонија. 

Присутните дискутираа за улогата на локалната власт во целиот процес на исполнување на европската регулатива, од која 70 % се рефлектира или имплементира на локално ниво, за финансиските предизвици, но и за подигање на демократските процеси и развивање на свеста на населението за примена и почитување на европските стандарди. Беа разменети интересни добри локални практики и во делот на превенција од манипулативни дезинформации. Претседателот на ЗЕЛС и ко-претседавач на ЗКК, Орце Ѓорѓиевски, на крајот од седницата заклучи дека  низ процес на плодна дискусија иницирани се можности за нови соработки и преземање на заеднички активности што се во интерес на сите земји на европскиот континент. Тој  нагласи дека е оптимист  и дека се надева  дека  ќе и се овозможи на нашата земја да ја напушти  ,,чекалната“, во која  без своја вина е оставена  многу долг период и во тој правец изрази надеж за силна поддршка од делегатите во ова тело,  претставници од земјите  од ЕУ.