Подготвен новиот број на Гласилото на ЗЕЛС

Во овој број на Гласило на ЗЕЛС ќе може да прочитате за активностите на ЗЕЛС реализирани во периодот април-мај,  2026 година.  Во овој период Управниот одбор на ЗЕЛС одржа две седници, една во административната зграда на Општина Охрид, на покана на градоначалникот Кирил Пецаков, а втората во просториите на ЗЕЛС, на која присуствуваше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), Ацо Ристов. Беше утврдено дека втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС ќе се одржи на 11 јуни 2026 година, во Скопје. На седниците беа избрани членовите на Комитетот на советити при ЗЕЛС, потоа и членовите на четирите комисии при ЗЕЛС: Комисијата за животна средина и комунални дејности, Комисијата за урбанизам, Комисијата за социјална заштита и инклузија и Комисијата за образование.  Исто така, беа избрани и членовите на Комисијата за следење на системот за финансирање на општините и членовите на Лоби-групата при ЗЕЛС за унапредување и јакнење на процесите на родова еднаквост, како и делегатите и нивните заменици во НАЛАС, АРЛЕМ и во Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК). Се дискутираше и за: отпочнување иницијативи за законски измени за усогласување на цените за геодетски работи; за поедноставување на постапките за донесување урбанистички планови; за обезбедување на легална основа за формирање компании од општината со цел производство и продажба на електрична енергија добиена од обновливи извори и за иницирање измени за обезбедување на промената на регулираните тарифи за вода за пиење во пократок рок од сегашниот. Членовите на Управниот одбор дискутираа и за предизвиците поврзани со оптимизацијата на училишната мрежа, за  отсуството на согласности за градинките, за категоризацијата на земјоделското земјиште, а упатија и апел за спроведување на законската обврска на општините за дератизација, дезинсекција и дезинфекција. Се дискутираше и за предизвиците на територијалните противпожарни единици (ТППЕ) и беше формиран Кризен штаб за летниот период, за подобра координација меѓу ТППЕ за потребната опрема и човечките ресурси.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) започна нов циклус  обуки и полагање за стекнување со овластување за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште. Исто така, во овој период заврши и циклусот советувања наменет за сите општински советници од земјата, а кој се реализираше регионално. Во овој период, Комитетот на советите ја одржа конститутивната седница и беше избран претседател и негови заменици, а прва седница одржаа и членовите на Комисијата за социјална заштита и социјална инклузија, на која беше избран заменик на претседателот на Комисијата. Мрежата за образование при ЗЕЛС, составена од советници за образование и општински просветни инспектори, одржа работилница на која се дискутираше за состојбите во општините поврзани со процесот на оптимизација на училишната мрежа.

ЗЕЛС Гласило АПРИЛ-МАЈ 2026