Одржана втората седница на Генерално собрание со дискусии за актуелните предизвици и идните планови на локалната власт

Генерално собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата, составено од сите градоначалници и од членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС, на 11 јуни, 2026 година, во хотелот ,,Александар Палас“ ја одржа втората седница. На оваа седница беа изнесени активности на органите и телата на ЗЕЛС за минатата година и финансискиот извештај, но се дискутираше и за идните насоки на дејствување на Заедницата. Пред присутните се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски кој нагласи дека во согласност со новиот Стратегиски план на ЗЕЛС за 2026 -2030 година утврдени се три стратегиски цели: лобирање пред централната власт, како најважна активност на ЗЕЛС; јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на општините за непречено спроведување на електронските услуги. 

-„Нашите барања се сеопфатни и се во насока на  континуиран развој на локалната самоуправа; јакнење на финансиската стабилност на општините и продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта во земјава. Во Систематизираните ставови на ЗЕЛС -документ на ЗЕЛС,  во кој се утврдени предизвици на општините од сите области во надлежност на локалната власт и предлог-решенијата за нивно надминување, од посебна важност е делот на финансирање на општините. Се залагаме за обезбедување на најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок, по пример на општините од регионот и Европа. Точно е дека во изминативе две години добиваме силна поддршка од Владата за инфраструктурни зафати, а од одредени програми и проекти добиваме средства за патишта, за изградба на канализациони системи,   за комунален отпад и слично. Сепак за да имаме јакнење на локалната власт и поголема финансиска самостојност, потребно ни е предвидливо финансиско планирање, а учеството во бруто домашниот производ, да е поголемо од сегашните 5%, “ потенцира Ѓорѓиевски во своето обраќање пред делегатите на Генералното собрание.  Тој изрази надеж дека во согласност со потпишаниот Меморандум за соработка  меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ ќе започне реализирањето на предвидените ,,буџетски средби“ каде локалната власт, навремено ќе може да реагира за обезбедување на повеќе средства во блок дотациите и за други средства за потребите на општините. 

Ѓорѓиевски ги потенцира и заложбите на ЗЕЛС за продлабочување на процесот на децентрализација на власта, особено во делот на социјалната заштита. Нагласи дека во изминатиот период ЗЕЛС обезбеди анализи и предлог -модели, каде и како да се спроведува децентрализацијата во оваа област. Отпочнати  се разговори, постои согласност дека општините се тие што се најнепосредно запознаени со состојбите на своето население, па во таа насока, во следниот период се очекуваат поинтензивни активности  и на ова поле. 

За заложбите на ЗЕЛС за подобрување на состојбите во делот на противпожарната заштита, Ѓорѓиевски рече - ,,Имаме значително подобрување во делот на наменските дотации за територијалните противпожарните единици, односно една милијарда, што е дупло повеќе од претходната година. Но со оглед на многу лошата состојба што ја имаат единиците, правиме заеднички напори со централната власт за взаемно дејствување и превенирање на состојбите во оваа област. Ни престои жешко лето, и затоа во ЗЕЛС утврдивме Кризен штаб што ќе ја има улогата за координација на општините од еден регион со расположлива опрема и пожарникари за кризните состојби.“ 

Тој говореше и за предизвиците на јавните комунални претпријатија, нивните долгови, слабата опременоста, предизвиците со кадарот и  цените на услугите што ги даваат. Ги информираше присутните дека  се започнати низа разговори, дебати и дека се изнесени одредени предлог-решенија за разрешување и на овој голем предизвик на локалната власт 

Претседателот на ЗЕЛС  ги изнесе и досегашните активности  на ЗЕЛС во делот на лобирањето пред централната власт,  средбите со министрите и изнесените иницијативи. Но исто така говореше и за улогата на ЗЕЛС во делот на јакнење на капацитетите на општинската администрација како и во делот на поддршката што ЗЕЛС им ја дава на сите општини за електронските услуги. На крајот од своето излагање тој  нагласи дека ЗЕЛС е важна алатка за сите општини и  за унапредувањето на локалната власт и дека единството во  ЗЕЛС не треба да се наруши. 

Усвоен финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2025 година 

Пред делегатите на ЗЕЛС беше презентиран, а потоа и усвоен Финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2025 година. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ нагласи дека доминантниот дел од финансиските извори на ЗЕЛС е членарината од општините и средствата за одржување на системите, а мал процент се и приходи од проекти со домашни и меѓународни институции. Утврдено е дека во текот на 2025 година, остварените приходи биле околу 40 милиони денари. Од расходите најголем процент отпаѓа на платите на вработените, а потоа се трошоците за одржување на електронските системи. Во таа насока Перишиќ потсети дека на  седница на Генерално собрание во 2024 година беше изгласан посебен надомест за одржување на електронските системи, кој е наменет за тековно одржување, надградување, безбедност на електронските услуги и чување на податоците во електронски облак. При тоа беа изнесени и податоците за редовноста на плаќањето на членарината на општините кон ЗЕЛС, која е значително подобрена во 2025 година во однос на претходната, но сепак има и општини кои имаат долгови од поизминат период и истите треба да се подмират. 

На крајот од седницата делегатите изнесоа одредени предизвици со кои се соочуваат. Како  особен предизвик  од неколку општини, меѓу кои :Струга, Босилово, Гостивар и Студеничани беше нагласена распределбата на средствата по новата методологија за блок дотациите во основното и средното образование, како и предизвиците  поврзани со  неопходното започнување на оптимизација на училишната мрежа и наставниот кадар. Исто така беше потенцирано и прашањето  околу исплаќањето на јубилејни и други награди за наставниците , поврзано со имплементација на Колективен договор. Беше нагласено дека   ЗЕЛС  обезбеди средба со министерката за образование и наука на која ќе биде се дискутираат токму овие но и други предизвици со кои се соочуваат општините.